Lenovo го истисна Hewlett Packard од позицијата водечки светски производител на компјутери

Кинескиот производител на персонални сметачки машини Lenovo му го презема водечкото место на американскиот ривал Hewlett Packard (HP) како производител на компјутери, покажаа првичните податоци што ги објави американската истражувачка агенција Gartner.

Кинеската компанија Lenovo во третиот квартал од 2012 година испорачал 13.8 милиони компјутери, а HP 13,55 милиони машини, објави Gartner. Притоа се додава дека „агресивното“ намалување на цените му овозможило на Lenovo да се избори за позначителен удел на пазарот на компјутери.

Најновите податоци на американската компанија за истражување и анализа на пазарите Gartner, се разликуваат од оние што ги објави компанијата со иста дејност IDC, според коишто Hewlett-Packard и натаму ја зазема водечката позиција, иако според нивното истражување Lenovo го намалува заостанувањето зад својот американски конкурент.

Така, според податоците на IDC, Hewlett-Packard во третото тримесечје од годинава испорачал 13,9 милиони компјутери, со што се изборил за 15,9 отсто од уделот на светскиот пазар,  додека уделот на Lenovo изнесувал 15,7 отсто, со 13,8 милиони испорачани компјутери.

Аналитичарите истакнуваат дека Lenovo во последно време остварува најдобри резултати меѓу произведувачите на компјутери  и дека најверојатно ќе го зголеми својот удел на глобалниот пазар.

Според агенцијата Gartner, Lenovo е единствениот производител на компјутери меѓу петте водечки во светот кој во последниот квартал ги зголемил испораките на своите производи во САД.

Податоците и на двете агенции, и на Gartner и на IDC, покажуваат, исто така, дека глобалните испораки на компјутери паднале во првиот квартал за повеќе од 8 отсто во однос на истиот период од минатата 2011 година.

Побарувачката на компјутери се намалила поради забавувањето на глобалната економија, но и поради сé поголемата популарност на таблетите како што се iPad-от на американскиот технолошки гигант Apple и одговорот со Galaxy на неговиот најголем конкурент јужнокорејскиот Samsung.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: