Во средата на Волстрит берзанските индекси пораснаа благодарејќи на подобрите од очекуваните макроекономски податоци, меѓутоа нивниот позначителен раст го спречи Hewlett-Packard со остро намалување на процените на нивните идни деловни резултати.
Така индексот Dow Jones зајакна со 0,09 отсто, на 13.494 поени, додека индексот S&P 500 се зголеми за 0,36 отсто, на 1.450 поени, а, пак, индексот Nasdaq порасна за 0,49 отсто, на 3.135 индексни поени.
На самиот почеток од тргувањето во средата цените на акциите почувствително пораснаа, откако ADP, најголемата американска агенција за вработување соопшти дека во септември во приватниот сектор биле отворени 162 илјади нови работни места, повеќе отколку што се очекуваше.
Инвеститорите беа охрабрени и од податокот дека ISM индексот на Институтот за менаџери на набавката во услужниот сектор во септември пораснал од 53,55,1 поен, додека аналитичарите очекуваа благ раст на овој индекс.
И додека макроекономските податоци во последниот период се подобруваат, компаниите продолжуваат со предупредувањата за влошување на деловните услови во светот, па затоа и ги намалуваат процените за своите идни деловни резултати.
Така, во средата технолошкиот гигант Hewlett-Packard остро ги намали процените за својата заработувачка во 2013 година, додека аналитичарите очекуваа стагнација на неговата добивка. Поради тоа, цената на акацијата на Hewlett-Packard во средата потона дури за 13 отсто.
Сепак, тоа не влијаеше позначително на целиот технолошки сектор, бидејќи аналитичарите сметаат дека Hewlett-Packard се наоѓа во период на деловна транзиција, дека станува за внатрешни проблеми на компанијата, а не за слабости на целокупниот технолошки сектор.
Значително, меѓутоа, паднаа цените на акциите во рударскиот и во енергетскиот сектор, што е последица на падот на цените на суровините, бидејќи инвеститорите стравуваат од слабеење на побарувачката, имајќи го предвид забавувањето на растот на најголемите светски економии.
Њујорк, 04.10.2012 (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: