Дејвид Боуви за својот роденден ќе го објави својот прв сингл во 10 години

Легендарниот британски рок-музичар Дејвид Боуви, по повод неговиот 66-ти роденден ќе им подари на своите фанови прва по десет години оригинална песна, се вели во соопштението на официјалната интернет страница на пејачот.

Песната со наслов „Where Are We Now?“ (Каде сме сега?) ќе се најде на новиот албум на Дејвид Боуви „The Next Day“ (Следниот ден), ќе биде објавена во март. Фановите на британскиот музичар во 119 земји ќе може да ја „симнат“ нумерата преку програмата iTunes. Претходниот албум „Reality“, Боуви го издаде во 2003 година.
Дејвид Боуви (роден како Дејвид Роберт Џонс) ја започна својата музичка кариера во 1960-те, а во 1972 година со песната од албумот „The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars“ се искачи на врвовите од топ листите во Велика Британија. Во текот на својата кариера, Боуви има работено со рок легендите како Џон Ленон и Брајан Ино. Неговите албуми и синглови се продадени во милиони копии ширум светот. Во 2000 година, Боуви од страна на британскиот музички магазин NME беше прогласен за највлијателниот музичар во изминатиот век. Тој, исто така, заврши на 29-то место на листата од „Стоте најголеми Британци“. Во 2003 година, Боуви беше одликуван со титула витез (сер), но го одби признанието.

Пронајдете не на следниве мрежи: