Погрешна им е сликата за народот, не знаеја дека мандатите што ги освоија од народот не им се подарени, туку дека треба да ги заслужат и да работат за народот, а тие уште првиот ден постапија спротивно на волјата на народот. Затоа и сега народот им кажува: „Не, благодарам“, вели оперскиот пејач Игор Дурловски во интервју за „Република“.Триесет и деветгодишниот оперски пејач Игор Дурловски, кој е првенец на Македонската опера и балет, деновиве го гледаме во друго светло, на првата линија на барикадите во заштита на унитарна Македонија. Уметникот со светско реноме зад себе има европска кариера, градена во изминативе 15 години на сцените во Германија и во Австрија. Пред неколку години се враќа во Македонија поради, како што знае да каже, недостиг од топлината што му ја дава татковината. Влегува во иницијативата „За заедничка Македонија“ за да ги разбуди пасивните Македонци и да ги поттикне во заштита на својата земја. Канонадата од навреди од опозициските медиуми и од Соросовите платеници вели дека не можат да го одвратат исполнувањето на крајната цел – целосно повлекување на сите антимакедонски предлози и платформи.
Игор Дурловски, оперски пејач со светско реноме, првенец на МОБ, деновиве го гледаме на улица во едно друго светло, како Македонец, патриот, самосвесен граѓанин. Кој беше вашиот мотив да се приклучите на иницијативата „За заедничка Македонија“ и да истапите во првите редови за одбрана на унитарноста на Македонија?
ДУРЛОВСКИ: Согледувајќи ја ситуацијата што настана во нашата земја, немаше друг начин за личен придонес, освен овој. При тоа, сакам да нагласам дека не стојам јас или кој било друг од иницијативата, како политички претставници или функционери. Се работи за граѓанска иницијатива, за спас за унитарноста на земјата. Јас сум тука роден, образуван и по поминати илјадници километри по светот, се вратив назад за да придонесам за мојата земја. Сеедно како другите го толкуваат тоа, јас сум граѓанин на Македонија и ја сакам мојата Македонија, унитарна Македонија.
Сценаристите на планот за разнебитување на државата го сметаат македонскиот народ за мирен и пасивен, односно не очекуваат да излезе и да се бори за своите права. Со други зборови, нивните прогнози се дека за извесно време народот „ќе си легне на брашно“ и ќе прифати сѐ што ќе му се сервира на маса, па дури и целосно менување на системот. Какви се Вашите прогнози? Со кои очи го гледате Македонецот?
ДУРЛОВСКИ: Оптимист сум од денот број еден, пред да се приклучам на иницијативата, и со истиот оптимизам се приклучив на иницијативата. Дојдов и реков, здраво другари, сакам да помогнам, како и каде ви треба мојата помош, моите сугестии, сѐ со цел и сите, условно кажани, заспани или пасивни Македонци да ги поттикнеме и запознаеме со тоа што се случува. И да, верував дека иницијативата ќе биде масовно поддржана и веќе два дена таа масовност се гледа, расте од ден на ден, што значи и пасивните сѐ повеќе се активираат. Посебно ме радува што никој не ја води иницијативата во политичка насока, и дека сите сме на истиот пат на зачувување на унитарноста на нашата република. Едно знам, кој и да помислил да се спротивстави на нашиот народ, гледано историски наназад, и засекогаш, ќе биде губитник. Ние сме мирољубив и трпелив народ, но кога некој ќе ја потцени нашата интелигенција и снага, му се враќа двојно, како бумеранг.
Првиот собир изненади со бројот на луѓе со оглед на тоа дека станува збор за граѓанска иницијатива, а не партиски митинг. Следните собири, пак, беа уште помасовни… Се чини како луѓето да чекале некој да ги поведе на улица. Некои од нив коментираат дури и дека требало многу порано. Сметате ли дека, конечно, е време да се разбуди Македонецот и да ги преземе работите во свои раце?
ДУРЛОВСКИ: Ги охрабрувам сите, сите граѓани на Македонија, независно на која вера и нација ѝ припаѓаат, да излезат и да се борат за да си ја зачуваат државата, таа истата во која вложувале и во која секогаш ќе се враќаат каде и да живеат. Се буди народот, го има секој ден на улица во сѐ поголем број и со тоа кажува дека нема проблем со меѓусебните односи, туку со надворешните влијанија, кои преку внатрешни луѓе сакаат да ја нагрдат државата. А ние немаме друга, резервна држава.
За разлика од насилните сцени што ги гледавме за време на таканаречената „шарена револуција“ каде што демонстрантите се однесуваа како хулигани и уништуваа државен имот и сквернавеа споменици, овде граѓаните прикажуваат сосема поинакви карактеристики. Луѓето протестираат мирно и достоинствено, без никакви провокации и без предизвикување штети. Мислите ли дека со олку мирни протести може да се натера Заев да се откаже од прифаќање на албанската платформа?
ДУРЛОВСКИ: Веќе реков, ние сме мирољубив народ, сега сме по три-четири часа на улица, а самиот народ е расположен да остане цели ноќи на улица додека не се прифатат нашите предлози, за враќање на работите на место каде што треба да бидат. Предалеку се отиде додека седевме дома, можеби мислеа дека не следиме што се случува, но со првиот ден на собирите покажуваме дека треба да се преиспитаат. Не само именуваниот, сите веќе се свесни дека не можат да си играат со народот и убеден сум дека веќе размислуваат како да кажат „пу, пу, не важи“ на сето тоа што го договориле, а народот не го прифаќа. Погрешна им е сликата за народот, не знаеја дека мандатите што ги освоија од народот не им се подарени, туку дека треба да ги заслужат и да работат за народот, а тие уште првиот ден постапија спротивно на волјата на народот. Затоа и сега народот им кажува: „Не, благодарам“.
Велите нема да дозволите да се премине преку црвено-жолтата линија. Што значи тоа?
ДУРЛОВСКИ: Тоа значи дека не си одиме од улиците, до моментот додека не се повлечат сите антимакедонски предлози и платформи. Знаете, ништо од тоа што го гледате на улица не е измислено, река народ секој ден се движи по улица, па зар мислите дека таа река народ ќе ве остави да ја преминете линијата?! Ни случајно, немој да се залажуваме, сите имаме деца, внуци, родители, баби и дедовци и сите заедно сакаме да живееме во оваа Македонија, на ова парче земја, каде што, конечно, никогаш никому не му било спречено правото да зборува, пишува и да твори на јазикот што го говори или го сака. Но без наметнување, присилно наметнување, учење туѓи јазици, странски платформи, кои не се само врзани ја јазикот туку за целосно уништување на сето тоа што се градело со години и со децении. Никој од нас нема да дозволи да се премине линијата, ве уверувам.
Секој што застанува на браникот на татковината истовремено се обележува како цел за отстрел кај опозициските медиуми и кај Соросовите платеници. Последни такво искуство имаа актерот Владо Јовановски и новинарот Цветин Чилиманов… Стравувате ли дека и Вие ќе се најдете на листата за јавен отстрел кај опозицијата?
ДУРЛОВСКИ: Веќе сум на листата, ме плукаат секојдневно, а знам дека знаат дека сум во право, а и слободно нека продолжат, не им забележувам. Крајниот резултат на нашата иницијатива е победнички за Македонија, и за нас и за тие што ме плукаат, без разлика дали тие го сфаќаат тоа или не. Знаете, и тоа целото навредување, дека сум платен, дека сум „лижач“, навредите кон моите деца, кон моето семејство, ги читам, ги слушам, ама само вербата дека се борам за подобро утре на мојата земја, ми дава сила да ги оставам зад себе. А знам, дека наскоро и тие истите ќе застанат заедно со илјадниците луѓе што секојдневно се на улица бидејќи ќе им се отвори делот во мозокот што ќе ја прими информацијата дека е страшно тоа што се заговара за Македонија. Ниту ќе ме заплашат со што и да кажат и што и да направат. Јас сум секој ден на истите места и слободно, повелете, не треба да ме сакате, само застанете и кажете дека ја сакате Македонија, не мене. Погрешна ви е целта.
(Интервјуто со Игор Дурловски е објавено во 235. број на неделникот Република, 3.03.2017)Триесет и деветгодишниот оперски пејач Игор Дурловски, кој е првенец на Маке&