Македонските компании и годинава ќе користат од поволните кредити на Европската инвестициска банка со субвенционирана каматна стапка од 5,5 проценти. Во 2017-та и 2018-та е планирано да се репласираат нешто повеќе од 50 милиони евра. Компаниите повторно ќе добијат финансиска инјекција, со што ќе се отворат и нови работни места, пишува Лидер.Овие средства на домашниот бизнис му станаа достапни во екот на должничката криза, кога служеа како главен појас за спасување на домашните претпријатија. Оттогаш преку кредитната линија се пласираа свежи пари од 350 милиони евра. Се поддржаа 1.758 проекти и се отворија речиси 7 илјади работни места. Производствени компании, трговци, градежници, хотелиери беа само дел од бизнисите кои дојдоа до дел од вредниот финансиски колач.
„Овој проект помогна да се ублажат последиците од светската економска и должничка криза во Европа врз македонските компании, помогна да ги развиваат своите капацитети и да отворат нови работни места“ – вели Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Домашните стопански комори веќе апелираа да продолжи оваа кредитна линија, бидејќи средствата се покажаа како многу поволни за бизнисмените.
„Кога ги анализираме нарачките, кога ги анализираме инвестициите, кога го анализираме извозот, тоа е еден поврзан круг. Компаниите во 2017 година очекуваат поголеми бенефити и продолжување на активностите, како што беше кредитната линија од ЕИБ, значи поевтини кредити преку МБПР и комерцијалните банки. Потребна е финансиска инјекција за ублажување на неликвидноста која што е рак рана на македонската економија во последните дваесетина години“ – вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.
„Компаниите покажаа особен интерес за четвртата транша кредитна линија со поволни каматни стапки од Европската инвестициска банка, која се искористи во целост“ – објасни претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.
Уште 10 милиони евра за малите и средните претпријатија
Државата преку Фондот за развој на претпријатија и иновации во Западен Балкан обезбеди уште 10 милиони евра за малите и средните претпријатија. Станува збор за поволни кредити со максимален износ од 500 илјади евра и рочност од 10 години што ќе се пласираат преку ПроКредит Македонија.
„Овој договор ќе им овозможи на бизнисите во Македонија да се фокусираат на инвестиции и долгорочни планови, што е многу значајно, затоа што таквите вложувања придонесуваат кон развојот и создавањето работни места во Македонија, а така се создава вистински напредок“ – вели Емилија Спировска, член на УО на ПроКредит Македонија.
Има пари за домашните компании
Последните анализи на македонските банки покажуваат дека годинава може да се очекува олеснување на вкупните кредитни услови за компаниите, во услови на зголемена побарувачка за финансии, што е доволен сигнал и најава за нов инвестициски циклус.
„Очекувањата за првиот квартал од 2017 година се натамошно нето – олеснување на кредитните услови и раст на побарувачката на корпоративни кредити на нето – основа“ – стои во последната анкета за кредитната активност.
Темелите се здрави. Народната банка на Македонија на последната седница на Советот заклучи дека економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Закрепнувањето се одвива без ценовни притисоци и во услови на натамошно одржување соодветно ниво на девизните резерви.
Фокусот е на иновативните бизниси
Иновативните бизниси полесно доаѓаат до капитал. Преку Европската инвестициска банка до 2020 година ќе бидат пласирани 24 милијарди евра за финансирање на иновативни проекти во Европа. Парите се наменети и за македонски фирми.
„Она што е важно за Македонија и компаниите од нашата земја е дека регионалните активности на ЕИБ се прошируваат со фокус на компании со иновативни проекти. Финансирањето на мали и средни компании или обезбедување на потребни гаранции од страна на ЕИБ се одвива преку банките“ – вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.
Паралелно, Фондот за иновации и технолошки развој го објави и четвртиот повик за кофинансирани грантови за новоосновани „старт-ап“ и „спин-оф“ трговски друштва. Повикот е отворен до 3 мај. Со 450 илјади евра ќе се поддржат 15 претпријатија.
Кредитните пласмани на ЕИБ уриваат рекорди
Се зголемуваат кредитните пласмани на Европската инвестициска банка. Последните податоци покажуваат дека вкупно во 2016 година, за развој на инфраструктура, поддршка на мали и средни претпријатија, иновации и заштита на животната средина се одобрени кредити во износ од 83,75 милијарди евра. Со нив се поттикнати вложувања од цели 280 милијарди евра во Европа.
Податоците покажуваат и дека над половина од средствата им се одобрени на петте најголеми држави во Европската унија. Шпанија во 2016 година добила 11,45 милијарди евра, во Италија се пласирани 11,17 милијарди, во Франција 9,3 милијарди, па следува Германија со 8,37 милијарди евра и Велика Британија со 8,10 милијарди евра.
Во 2016 година е пласиран рекорден износ на средства за поддршка на малите и на средните претпријатија од цели 33 милијарди евра, односно за 3,8 милијарди евра повеќе во однос на претходната година. Биле опфатени дури 300 илјади компании со 4,4 милиони работници!
„Во поголем дел од европските држави сме соочени со недоволно финансирање на малите и на средните претпријатија, кои претставуваат главна потпора или р’бет на европската економија. Тие креираат нови работни места. Благодарение на нивните иновациски капацитети и флексибилност, тие се клучни за европската конкурентност и за благосостојбата на нејзините граѓани“ – вели претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер.Овие средства на домашниот бизнис му станаа достапни во екот на должничката криза, кога служеа како главен појас за спасување на домашните претприј