Во продолжение ви го пренесуваме новиот дел од мегаинтервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за „Репулика“, во кое отворено разговараме за интересни и актуелни теми. Во овој дел ќе прочитате за тоа дали Сорос има информации за дејствувањето на СЈО и начинот на кој работи Специјалното обвинителство, за тоа дали патриотизмот значи и да се биде антизападно ориентиран, а зборуваме и за дилемата дали Сорос навистина знае кого поддржува во Македонија.Не мислите ли дека и вие имате дел од вината што дозволивте толку долго време да се распространи мислењето дека сте националисти?
ГРУЕВСКИ: За тоа апсолутно сте во право. Како партија долг период стоевме како неми набљудувачи, а некогаш дури и не слушавме какви лаги и интриги ни прават меѓу албанскиот електорат не само медиумите финасирани од Сорос, туку често и некои албански политичари кои својата неспособност и неисполнетите ветувања пред албанскиот електорат секогаш ги фрлаа на контото на ВМРО-ДПМНЕ, објаснувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ како поголем партнер во владата го попречил тоа и тоа. И ова не го претпоставувам, туку го знам. Некои албански политичари и ми го признале неформално. И сето тоа, не само што беше неточно туку и никој не го демантираше. По ова прашање покренав некои иницијативи во партијата пред година-две, но не наидоа на поддршка, и тоа меѓу другото придонесе да продолжи да се креира лажна и црна слика меѓу Албанците за ВМРО-ДПМНЕ. Да потсетам, колку што се присутни во македонските уште поприсутни се парите на Сорос во албанските медиуми.
Гледано и историски, ВМРО-ДПМНЕ како организација никогаш не била насочена против Албанците, а не е ни денес, но е претпазлива од намерите на некои радикални структури од тука и од надвор.
Но, да ја оставиме сега историјата, ќе навлеземе во други води. Само да потенцирам, да си патриот не значи да си анти-Албанец, или антизападно ориентиран. Исто така, ако си патриот-Македонец не значи дека си против Запад, ЕУ, НАТО и Америка, а ако си патриот-Албанец си прозападно и проевропски ориентиран или дека ги поддржуваш НАТО и САД. Глупости се тоа. Валкана политичка и платеничка пропаганда.
Дали мислите дека Сорос знае за Вашите реакции, како оваа, вие и во минатото сте го спомнувале иако не вака во специјално интервју?
ГРУЕВСКИ: Да, знае, сигурен сум дека знае. Веројатно е и лут за тоа и иритиран и дополнително мотивиран да фрла пари против нас, а уште повеќе затоа што тие што му пренесуваат или му праќаат извештаи, ги прават така што да го погодат дополнително и дополнително да го мотивираат да биде против нас. И нормално, да им даде уште пари за нивната борба, којашто, всушност, е чиста внатреполитичка борба и борба за пари, платеничка борба. Затоа велам дека, настрана идеолошката разлика, тоа е една димензија и константа, проблемот е што Сорос константно го полнат со лажни и неточни информации, искривена вистина и онаква каква сака за нас да ја пласира СДСМ. Тој потоа, преку своето влијание во владите и администрациите на повеќе земји, дополнително е мотивиран да ни прави проблеми и дополнително ги индоктринира тие влади против нас.
Се прашувам како еднаш не се запрашал за тоа, дали тој и неговиот тим можеби нешто погрешиле против нас кога толку многу пати политичките елити кои ги поддржува губат од народот, па еве и покрај сите околности и игри кои ни беа направени во последните две години, и покрај ангажманот на толку многу фактори од надвор, народот повторно му даде поголема поддршка на ВМРО-ДПМНЕ отколку на СДСМ, и покрај сета помош, парите и логистиката што ги доби СДСМ и со кои купуваше гласови на граѓани од ромската заедница и други посиромашни граѓани, и ја финасираше својата кампања и кампањата на некои други помали коалиции. Јас да сум на негово место, после толку години трошење пари и инвестирање, би нашол начин да си ја преиспитам политиката, да си ги проверам фактите и ако сум згрешил, да се коригирам.
Или еве еден најпрост пример: невладините еколошки организации финасирани од Сорос протестираат против загаденоста на воздухот само во општините каде градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ, а ако градоначалникот е од СДСМ, никаде ги нема. Еве, деновиве излезе дека во моментов во Куманово има најзагаден воздух во Европа. Е, за таму нема реакции и протести, иако локалниот градоначалник од СДСМ и покрај многуте ветувања со прст нема мрднато. Тоа е двојниот аршин и нечесниот пристап. СДСМ е на власт во Куманово 25 години. Лажеа дека го гасифицирале цело Куманово, и на крајот кога почна да се мери загаденоста на воздухот, излезе дека Куманово е најзагаден град. Но, на НВО на Сорос тоа не им пречи. Затоа пак утре ако излезе дека Скопје или Битола е со најзагаден воздух, ќе стане главна тема во државата и за Сорос и за СДСМ и за сите нивни платенички и корумпирани новинари, медиуми и аналитичари.
Рековте да сте на негово место, после сѐ, и после толку години поддршката на народот да ја добива ВМРО-ДПМНЕ, би се преиспитале. Мислите тој ќе го направи тоа?
ГРУЕВСКИ: Не знам, не верувам… Можеби во некои држави бил во право за нешто, не знам, не сум ги проучил сите, па да оценам, но во Македонија направи катастрофална проценка на ситуацијата и голема грешка, потроши милиони долари за обратни цели од оние за кои јавно се залага. А што мисли за нас гледам од медиумите кои ги финасира и надвор и во Македонија, гледам и слушам и од настапите на неговиот пулен Милчин и од разни извештаи на влади и институции кои ги подржува. Многу греши за Македонија, а троши 10 отсто од парите за цела Европа, токму во Македонија со 2 милиони жители. Знаете, 7 милиони евра годишно во двамилионска земја, каков еквивалент се, на пример, со земја како Америка, која по број на жители е 160 пати поголема од Македонија и плус има 11 пати поголем БДП по глава на жител. Еквивалент на овие пари за Америка не се милиони, туку милијарди долари.
А би сакал некогаш да го прашам знае ли тој дека цела деценија се бориме да обезбедиме вработување и парче леп, плата од 300-400 долари за работниците и нивните деца кои неговиот СДСМ ги отпушти во транзицијата за корумпираните тајкуни блиски до нив да ги приграбат државните фабрики и да поделат дел од валканата заработка со партијата која тоа им го овозможи. Знае ли Сорос дека во Македонија 25 години ја подржува поранешната комунистичка партија, која само го смени името, и ништо повеќе. Партија чии перјаници во комунизмот биле соработници и поткажувачи на тајните служби и заради нив илјадници луѓе лежеле по затвори, бидејќи изразиле различно политичко мислење од она на официјалниот режим, а меѓу нив бил и неговиот долгогодишен човек од доверба тука во Македонија, Владимир Милчин. Или пак му верува дека наместо кодош бил само жртва а ние ,,вмровците од затвореното општество“ сме го наместиле бидејќи се бори за идеите на Сорос за отворено општество. Нека прати некој друг негов човек во Комисијата за лустрација да му дадат да прочита во оргинал кој му ги цица парите 25 години и кој му ја полни главата. Не само за него, туку и многу други негови соработници. Свесен ли е Сорос дека под својата чадор-организација ги ангажира сите активни поранешни агенти на УДБА од комунизмот и со нив сака да ни всадува демократија. Луѓе кои живееле и напредувале во кариерите од политичко кодошење, денес ги има впрегнато во неговата платеничка машинерија да работат против ВМРО-ДПМЕ и против Македонија. Да нѐ закрват, да нѐ раскараат и поделени и политички завојувани сами да си ја уништиме државата.
Го прашувам Сорос, со ангажманот на поранешните комунистички удбаши и нивните соработници кодоши, кои вредности во Македонија ги промовира тој. Вредностите на луѓето кои како поранешни удбаши се изживувале со народот на недомкратски начин и со нивните соработници поткажувачи кои напредувале и се богателе со кодошење на секој кој кажал нешто политички негативно за поранешниот комунистички режим? Тие ли вредности ги застапува? Со тие ли луѓе ќе го отвори општеството? Во неговите натписи, колумни и слично ни зборува за демократија и слобода, а во Македонија на терен спроведува спротивно од тоа, со луѓе чие минато може со сѐ да се спореди освен со слобода и демократија. Му го кажал ли некој тоа? Пред неколку години прати некој тим да испитал како работи неговата фондација. Знаете ли со кого разговараше тој тим? Па 80-90 осто со вакви луѓе и нивни политички истомисленици, оние што се платени на два дена да пишуваат колумни со најпоградна содржина за нас. Можам само да замислам каков сладок извештај добил потоа…
И свесен ли е дека со неговите пари уништува огромен број млади генерации, кои намамени со неговите пари, се имаат ставено под команда, индоктринација и влијание на овие психопати од комунизмот?
Кога сме веќе кај Сорос, колку мислите дека има информации за актуелната ситуација, за СЈО и слично?
ГРУЕВСКИ: Ќе повторам, Сорос има многу информации за Македонија, многу повеќе отколку што се мисли, но има погрешни информации и погрешни анализи, а како резултат на тоа и донесува погрешни проценки и одлуки. На пример, за вашето прашање за СЈО, тој сигурно знае дека постои СЈО и што е тоа по дефиниција, што треба да работи и тоа му звучи правично и логично.
Но, седнал ли некогаш со специјалната обвинителка да поразговара и да види со кого си имаме работа? Да му раскаже како нејзиниот невработен внук, кого неодамна таа си го вработи, ќе ги зајакне капацитетите на СЈО, како што таа јавно кажа, да му раскаже како прима инструкции од амбасади со кого да се види со кого не, и против кого и кои обвиненија да ги отвори, а оттаму прават проценки кого политички да елиминира преку алатката СЈО? Бил или не бил виновен за ништо, па ако не им успее да го обвинат судството, да му раскаже специјалната обвинителка како бараше цел месец да нема рочишта на суд оти ќе правела свадба на ќерката, и да ја види нејзината членска книшка од СДСМ потпишана лично од Бранко Црвенковски, како и нејзините трасакциски уплати на партиска членарина преку банкарски налог, па ако сака, и графолог од Америка нека донесе за да ги спореди потписот на Црвенковски во нејзината членска книшка со кој било друг негов официјален потпис, да ја види како бега од медиумите кои не се под контрола на СДСМ односно негова котрола, да го види и нејзиното легендарно интервју на МРТВ кога 6 пати ја враќаа за да каже една проста реченица, да види како покренала обвинение против мене за наводна шлаканица која никогаш никому не му била удрена и како одиме на судења без еден елементарен доказ, чијашто цел е наша компромитација со влегувањето и излегувањето од судот, да ја чуе како вреска по судовите како недоделкана сакајќи зад повишениот тон да го затскрие своето незнаење и неспособност во спроведувањето на политички и партиски мотивираните процеси…
Знае ли Сорос како во минатото СДСМ избираше судии и дека сака повторно на истиот начин да ги избира? Тоа е реформата која ја посакуваат, да ги разрешеле сите судии и нови да назначеле кои ќе тераат и по задача од нивнaта партија, и по сигнал од некоја амбасада. Таква ли демократија сака Сорос да ни насади во Македонија? Затоа велам, ако Сорос смета дека прави добро во Македонија, мора да е во тешка заблуда. Тој суди, а не живее тука, не престојувал тука, и чита само од извештаи препраќани од еден на друг на трет.Како ќе продолжи Вашата борба и Вашето справување со активностите на Сорос во Македонија насочени директно кон Вашата партија?
ГРУЕВСКИ: Како и досега, со чесен пристап кон народот, со отворено кажување на фактите и аргументите, со континуирано надградување на нашата демократија, со труд и работа за напредок на државата и гаѓаните, со исполнување на дадените ветувања, со решавање на проблемите на народот. Колку и да е посилен и помоќен во однос на финансиската моќ и политичките влијанија, независно дали дејствува во заблуда или ја знае вистинита и свесно делува, нема да успее на ваков начин, затоа што правдата е на наша страна. Кои и да му се мотивите, нашата борба е чесна и праведна. И никогаш нема да запре, и нема да не оттргне од вистинскиот пат и зацртаните цели. Нема да не оттргне од Македонија.
ВМРO-ДПМНЕ ќе го надживее и Сорос и неговите надворешни и внатрешни слуги и платеници.
Крај на четвртиот дел од мегаинтервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.Не мислите ли дека и вие имате дел од вината што дозволивте толку долго време да се распространи мислењето дека сте националисти?
ГРУЕВСКИ: