Во кумановскиот театар, денеска во организација на Државниот Архив на Република Македонија беше промовирана едицијата „Црните страници на УДБА“.
Директорот на Државниот архив Филип Петровски ги презентираше документите објавени во 9 тома, во 16 книги во кои се содржани 202 досиеја на 13.500 страници.
– Горд сум што сум тука во театарот во Куманово, но морам да ви кажам дека во овој театар, освен театарски претстави се одвивале и некои други „претстави“, луѓе кои се врткале на сцена и позади сцена, кои доаѓале во бифето на овој театар, подоцна оделе во полициски станици, соработувале со тајната полиција и кодошеле некои наши првеници како на пример, Колозов, изјави Петровски.
Тој додаде дека бил вчудоневиден кога, како што кажа, го нашол досието, на македонскиот крал Колозов, а тоа се случувало токму каде што денеска се одржа промоцијата.
Петровски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во 90-тите години кога се формирала како партија во Куманово, била подложена, како што рече на сериозна анализа, истражување и проверки на животите на активните членови, од што нагласи, произлегле многу материјали кои се објавени во едицијата.
На промоцијата во театарот присуствуваа голем број граѓани.