Нови десет наслови од проектот „Превод на стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија, денеска беа промовирани во Скопје со што се заокружи бројот од предвидените 1.000 наслови во рамки на проектот.Заради успешноста на едицијата, како што најави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, проектот ќе продолжи со превод на уште 200 книги во наредните четири години, а за првите 50 од областа на педагошка дејност веќе е објавен повикот и се склучени договорите. Се планира и отворање нови шест специјализирани читални за едицијата во општините во кои има поголема концентрација на студенти.
– Овие 1.000 преведени книги се всушност наслови кои важат за најдобри во соодветната област во светски рамки, а сега се веќе дел и од литературата на нашите факултети. На овој начин се олеснува следењето на современите научни текови и најновите научни достигнувања што е од исклучително значење за секој кој има интерес и потреба од овие книги, рече Ристовски на денешната промоција.
Нагласи дека со проектот, што беше поттикнат во 2009 година од тогашното владино раководство како конкретно решение за долгогодишниот сериозен проблем од недостаток на современа стручна литература на македонски јазик, се создаде литературно богатство кое е пред се наменето за студентите, професорите, научниците, научно-истражувачките работници и сите заинтересирани граѓани.
– Сигурен сум дека создавањето на ова литературно богатство ќе продолжи да има огромно позитивно влијание врз секојдневниот живот и професионалнот ангажман кај огромен број на индивидуи. Затоа овој проект ќе биде проширен со 200 нови наслови кои се повторно избор на професорите, но и сугестии од студентите кои пристигнуваат до нас како Министерство надлежно за реализација на капиталниот проект, рече Ристовски.
Овие дела, додаде, не само што ќе им служат нив, туку ќе им служат и на следните генерации кои исто така ќе бидат сигурни дека ќе учат од најдобрата литература што е бесплатно достапна во сите градски факултетски и универзитетски библиотеки и во специјализираната читална во ГТЦ, а голем дел можат да се обезбедат и во слободна продажба. Најави дека ќе бидат отворени уште шест нови специјализирани читални за едицијата во општините во кои има поголема концентрација на студенти.
– Токму во текот на вчерашниот ден започнавме со етапна постапка за проектирање на внатрешноста, односно ентериерот и опремувањето на новите читални. Во оваа фаза се опфатени читалните кои се предвидени во Велес и во Прилеп, а потоа по формализација на активностите ќе продолжиме со реализација на ова наше ветување и во другите општини, рече Ристовски.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип проф. д-р Блажо Боев истакна дека основната идеја за преводот на книгите е да се поттикнат луѓето да се вратат на читањето и тоа на читањето на книги, а не литература достапна на интернет.
– Проектот има огромно значење за поттикнување на научната филозофска мисла. Со преведувањето на книгите се преведуваат и идеите кои стануваат достапни до нас, рече Боев.
Маргарита Бошковска, студент на ФЕИТ во Скопје од името на студентите порача дека едицијата е од особена важност за стекнување квалитетно знаење.
– Со преводот на едицијата современата литература стана достапна за студентите во нашата земја и ја замени застарената литература од поранешната СФРЈ, рече Бошковска.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој присуствуваше на промоцијата рече дека му е задоволство што се промовираат последните десет од предвидените 1.000 книги и учебници кои се преведуваат од учебници кои се користат на врвните десет највисокорангирани универзитети во светот, освен во делот на правото каде се земаат најврвните универзитети во Франција и Германија заради природата на континенталното право кое се користи во Македонија.
– Со оваа денешна промоција практично се заокружува проектот од 1.000 книги и учебници преведени, испечатени и дистрибуирани низ библиотеките во Македонија. Овие книги имаат голема употребна вредност и во иднина ќе имаат голема употребна вредност. Некои од нив ќе имаат подолг животен век и можеби ќе се користат 10, 15 или повеќе години како литература на нашите универзитети, изјави Груевски по промоцијата.Заради успешноста на едицијата, како што најави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, проектот ќе продолжи со превод на уште 2