Здружението на воспитувачи и Здружението на социјални работници го поздравија мега проектот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за изградба на 140 детски градинки, од кои 100 комплетно нови. Според нив, овие 140 градинки ќе решат многу проблеми на постоечките капацитети, ресурси и вработени во детските градинки, ќе придонесат и за нови вработувања и секако најголем бенефит ќе имаат родителите кои имаат голема потреба.Според претседателот на Здружението на социјални работници, Гоце Прцуловски овој проект дава осврт на семејството и негово правилно функционирање во склад си динамиката на живеење. Прцуловски посочи дека со изградбата на повеќе детски градинки во државата ќе се создадат предуслови за зголемување на бројот на склучени бракови и создавање на многудетни семејства.
-Грижата на родителите е голема за нивното дете биде згрижено, одгледувано од квалификуван кадар и квалитетно поминато време. Градинката е еден процес на социјализација кој претежно преовладува во урбаните средини, каде поради поголемиот број на промени во семејството и обврските на родителите се јавува потреба од поголем број на градинки. Градинките се поддршка за правилен раст и развој на децата и нивна социјализација и полесна адаптација при започнувањето на училишниот процес. Затоа е добро да се градат градинки и во руралните средини, рече Прцуловски.
Здружението на воспитно-згрижувачки и стручен кадар на детските градинки во Република Македонија исто така изрази огромно задоволство од најавата за изградба на 140 државни детски градинки, изјави денеска претседателот на ова здружение, Илија Митров.
-Зголемувањето на наталитетот, односно потребата за запишување на децата во градинка последната деценија се покажа и како голем проблем за сите постоечки детски градинки во државата или со други зборови, листите за чекање се повеќе се зголемуваат од година во година. Овие 140 градинки ќе решат многу проблеми на постоечките капацитети, ресурси и вработени во детските градинки, ќе придонесат и за нови вработувања и секако најголем бенефит ќе имаат родителите кои имаат голема потреба, но и досега и проблем да ги сместат своите деца во градинка, вели Митров.
Тој истакна дека со изградбата на 140 градинки ќе се добие и поголем квалитет како во згрижувачката, така и во воспитно-образовниот дел кон децата.
– Ние, како новоформирано здружение на сите вработени во детските градинки, сакаме да ги поздравиме досегашните мерки донесени од страна на Владата, односно огромно задоволство од законот за волонтери, со кој им беше решен статусот на голем дел вработени во државата или на околу 1.000 лица, зголемените плати, опремување на градинките од страна на министерството, отварањето на нови градинки и во досегашниот период, доградба на занимални на постоечките капацитети и многу други проекти поврзани за нашата работа, рече Митров.
Претседателот на Здружението на воспитувачи, Митров истакна дека со изградбата на 140 градинки нашата земја ќе биде лидер во регионот во делот на предучилишно образование и воспитание на децата.
Станува збор, како што рече Груевски во неделата, за изградба на 100 комплетно нови и 40 детски градинки кои ќе се отворат во постоечки, а неискористени државни објекти, откако претходно ќе бидат реновирани и адаптирани. Со овие, градинки, опфатот на деца згрижени во претшколски установи се очекува да се зглеми од 26 проценти колку изнесува сега, на околу 40 проценти.
Приоритет во рамки на овој проект ќе имаат општините кои имаат најголема потреба од нови капацитети за згрижување, кои што досега имаат и најголема листа за чекање како во Центар, Струмица, Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Битола, Штип, Чаир, Кавадарци, Струга, Прилеп,Делчево, Тетово, Гостивар, Охрид, Велес… Веројатно, потенцира Груевски, во зависност од потребите во одредени општини, ќе се изградат и повеќе објекти на градинки во иста општина.
– Со овој мега проект како никогаш до сега и во најголем обем го решаваме недостигот од места во детските градинки во Република Македонија. На овој начин работиме на иднината, за нашите деца.. Во секојдневните програмски активности, градинките ги поттикнуваат малите деца постепено да стекнуваат способности и вештини преку нивно активно учество во образовниот процес. Така децата имаат социјализација, стануваат повешти за многу работи карактеристични за нивната возраст, посамоуверени и стекнуваат нови знаења и вештини. Малите деца во детските градинки учат преку игра и учењето го доживуваат како забава која претставува база за остварување на нивниот целосен развоен потенцијал, истакна на промоцијата на проектот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Идеата за проектот, рече Груевски, дошла од податоците за бројот на згрижени деца во градинки, број на деца кои се на листи на чекање, но и бројот на деца родени во периодот од 2010 до 2015 година.
– Во моментов бројот на згрижени деца во државата изнесува 36.039 деца, а додека околу 5.516 деца се на листите на чекање, ова претставува нелагодност и проблем за многу семејства. Дополнително и преоптовареноста на капацитетите на одредени градинки е дополнителен проблем. Родителите мора да се снаоѓаат за чување на децата, а многу често тоа значи и дополнителен трошок за ангажирање на трето лице кое ќе помогне во згрижувањето на децата. Да не говориме за социјалната компонента, компонентата социјализација и воспитната улога на градинките која ја пропуштаат децата кои поради недостаток на капацитети не можат да ја добијат. Свесни дека се уште листите на чекање се големи и треба да работиме за потребата на граѓаните да ги згрижуваат своите деца објавувам дека наскоро ќе го отпочнеме проектот за изградба на нови градинки, истакна Груевски.
Стоте градинки ќе имаат различен опфат со што капацитетот за згрижување на деца од предучилишно образование би се зголемил за околу 15.000 деца на државно ниво.
Ќе има 4 модели на градинки и тоа градинки со капацитет до 50 деца за што ќе се инвестираат околу 150 илјади евра, до 100 или 120 деца за чија изградба ќе се инвестираат околу 200 илјади евра, градинки со капацитет од 200 до 220 деца, за чија изградба ќе се инвестираат околу 300 илјади евра, и градинки со капацитет од 300 до 350 деца за чија изградба ќе се инвестираат околу 400 илјади евра.
Дополнително, освен овие 100 ново изградени, ќе се продолжи и со изградба на градинки во други просторни услови во постоечки неискористени државни објекти, како училишта или други објекти, каде има слободно место. На ваков начин ќе се отворат 40 нови детски градинки со капацитет да згрижат околу 2.000 деца.
Откако ќе бидат обезбедени средствата, ќе се пристапи кон изработка на идејни решенија, разработка на типски проекти, тендерирање, по што ќе биде избран и изведувачот. Ова, рече Груевски, ќе биде и значаен инпут за градежништвото во Македонија, за градежните компании кои ќе учествуваат во нивната изградба.
Тој потенцира дека имало децениска запоставеност во изградбата на градинките, како што рече, се до доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт.
– Практично имаме децениска стагнација на овој план, како во деведесетите, така и во првите години од минатата деценија кога имаме практично целосно запоставување на изградбата на градинки. За време на владеењето на СДСМ ниту градинки се изградени, ниту пак е направено проширување на постојните капацитети. Тој застој е видлив и цената ја плаќаат денешните генерации. Безмалку сите градинки до 2006-тата беа изградени во времето на поранешната Југославија, и со ретки исклучоци тука речиси да застана инвестирањето во нови градинки, истакна тој.
Додаде дека сликата се променила со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт кога се започнало со изградба на нови или отворање градинки во други услови.
– Споредбено со периодот пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година опфатот на деца во градинки од 0 до 6 години изнесуваше само околу 9 проценти, а во 2016 е зголемен и изнесува околу 26 проценти односно речиси трикратно зголемување, додека пак опфатот на деца од 3 до 6 години до 2006-тата изнесуваше само околу 12 проценти, а генерално според последните податоци изнесува околу 40 проценти, што е и повеќе од трипати зголемување. Како резултат на нашите заложби само во последните 7 години отворени се 13 јавни општински установи-детски градинки, 17 објекти и 22 групи во други просторни услови кои работат како градинки и ја имаат истата функција, или севкупно се отворија 52 градинки. Само во оваа тековна 2016та година имаме отворено 9 нови градинки, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште 6 или вкупно околу 15 со што само во 2016 година капацитетот ќе биде зголемен за нови околу 1 320 места, рече тој.
Потсети и на мерките кои ги преземала Владата со кои се стимулирало и отворање приватни детски градинки преку продажба на градежно земјиште по цена од 1 евро за м2, намалување на цената на комуналните такси за 95 проценти, кредитирање преку Македонската банка за поддршка на развојот, Агенцијата за поттикнување на претприемништво и Агенцијата за вработување на РМ, со што, како што рече, се отворени 27 приватни установи за деца- детски градинки. Ја спомена и мерката доделување неповратни средства грантови за набавка на основни средства и опрема за физички и правни лица, кои ќе сакаат да отворат приватни установи за деца-детски градинки во висина од 600.000 денари, односно гранд од 10 илјади евра за секој кој ќе отвори приватна детска градинка.
Потребите за нови места за згрижување деца во градинки, според него е резултат и на досегашните владини напори за зголемување на вработеноста и на мерките за раст на наталитетот.
– Потребата од повеќе градинки е првиот индикатор дека имаме одреден успех во напорите за раст на наталитетот, иако сме свесни дека треба многу повеќе за да дојде до позабележителни резултати на долг рок. Потребата од нови градинки оди и заедно со намалување на невработеноста, и се повеќе семејства каде и двата родитела имаат работа, работно време имаат и потреба детето да го однесат во градинка, истакна Груевски.
Во реализацијата на овој проект ќе бидат земени позитивните искуства од градежништвото и ќе се следат најсовремените стандарди и услови за ваков тип на објекти. За изградба на новите градинки, потенцира Груевски, ќе се користат поволни финансиски инструменти кои стојат на располагање на меѓународни финансиски институции кои подржуваат вакви проекти, со кои веќе извршивме прелиминарни консултации, и постои расположение од нивна страна да го подржат овој проект.Според претседателот на Здружението на социјални работници, Гоце Прцуловски овој проект дава осврт на семејството и негово правилно функционирање в