Колумна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е објавена во германски „Дер Хаупштадбриф“, најзначајниот политички магазин на политичката и бизнис заедница во Германија. Излегува како месечник и се дистрибуира помеѓу врвните политички лидери на Германија и носителите на економијата. Важи за магазин кој е главен носител на идеите за политичко одлучување во Берлин. Во претходниот број свои текстови имаа канцеларката Ангела Меркел и министерот за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер.25 години на борба и докажување
На 8 септември граѓаните на Република Македонија го прославија денот кога во 1991 година одлучија да се одделат од поранешна Југославија и да создадат независна и суверена држава. Македонците и другите народи кои живееле на овие простори секогаш се стремеле и се бореле за свое парче земја со која ќе владеат. Гоце Делчев, еден од најголемите и најпознатите револуционери кој беше дел од историското ВМРО и во почетокот на 20 век ја поведе борбата против Отоманската империја, рече: “Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба за нас е прашање на живот или смрт.” Таа борба продолжи и во неа се жртвувани безброј животи. Подоцна, од страна на Комунистичката партија многу патриоти беа затворани и ликвидирани поради нивната визија за независна држава. Република Македонија по мирен пат се оддели од поранешна Југославија. Немавме воени конфликти, речиси и да немаше крвопролевање и ги зачувавме добрососедските односи.
За да нема илузии дека се течеше мирно и без турбуленции, мора да се спомене дека постоеше извесен отпор од страна на наследниците на поранешниот Сојуз на комунистите, сегашниот СДСМ. Тие одбија да станат на интонирањето на македонската химна во првиот повеќепартиски парламент, беа против воведувањето на сопствена валута, војска, полиција, и наместо тоа, претпочитаа Југословенска федерација или конфедерација. Некои од нив не ги криеја нивните сомнежи дека можеме да бидеме оддржлива независна држава. Заедно со граѓаните ги надминавме сите овие предизвици. Успеавме да најдеме начин да го надминеме конфликтот во 2001 година и се посветивме на градење на етничкиот соживот за сите. Минавме низ катастрофалната приватизација спроведена од страна на поранешните комунисти која стотици илјади семејства ги остави на улица.
Македонија конечно тргна напред. Ги исполнивме сите услови за членство во НАТО и седум последователни години добиваме позитивна препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ги исполнивме сите услови за воведување на визната либерализација со која нашите граѓани добија можност да патуваат без бариери и да чувствуваат дека се дел од ЕУ.
Фокус врз економијата
Во последните 10 години, Република Македонија започна економски да закрепнува. Во 2015 година продолжи трендот на раст на економијата. БДП се зголеми за 3,7% што беше едно од најдобрите остварувања во Европа и покрај предизвиците со кои се соочуваше домашната економија (политички опструкции, бегалска криза, геополитички предизвици). Во периодот 2007 – 2015, просечната стапка на раст на БДП изнесуваше 3%, што е четврто најдобро остварување во однос со земјите-членки на ЕУ и земјите од регионот. Највисоката стапка на раст на БДП од 6,5% на годишно ниво е забележана во 2007 година, што претставува највисока стапка на економски раст по осамостојувањето. Ваквите остварувања беа постигнати во околности каде што просечниот раст во ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер изнесува 0,7% и 0,5% во еврозоната во периодот 2007-2015 година. БДП по глава на жител, како основен показател за нивото на економски развој, се зголеми од 2.471 евра во 2005 година до 4392 евра во 2015 година и, иако сè уште не е доволен, сепак претставува зголемување од 78%. Економскиот раст е поттикнат од инвестициите во приватниот сектор, особено странските инвестиции, големите капитални инвестиции од буџетот, како и порастот на извозните компании. Последните две години PWC ја рангираше Македонија на прво место во Европа по приливот на странски директни инвестиции по глава на жител. Постојат неколку фактори кои влијаеа на приливот на странски инвестиции. Некои од нив, како што се одличната бизнис-клима и проценките на Светската банка дека сме 12-ти најдобри во светот и 6-ти најдобри во Европа, веднаш зад скандинавските земји и Обединетото Кралство, се веројатно меѓу најважните наши достигнувања, особено кога е познато дека истата институција пред 10 години ја рангираше Македонија на 94-то место во светот. Дополнително, Business Insider објавен од страна на Светскиот економски форум врз основа на податоците од ММФ и Светската банка, минатата година соопшти дека Македонија е земја со најниски даноци на планетата, со ефективна даночна стапка од 7,4 отсто. Зад нас беа земји како што се Обединетите Арапски Емирати и Катар, земји кои имаат нафта и природен гас во изобилство и можат многу поедноставно да си дозволат да ги намалат даноците. Не само во однос на ниските даноци, Македонија е исто така земја со најниски трошоци за водење бизнис во Европа. Невработеноста која за нас претставува најголем предизвик е намалена од рекордните 38,7 проценти во 2005 година на сеуште високи 24,5 отсто, а за инвеститорите невработеноста беше и се уште претставува предност бидејќи можат да вработат поголем број на квалификувани работници. Од друга страна пак, Владата е силно фокусирана на зголемување на квалитетот и достапноста на образованието, така што инвеститорите кои доаѓаат имаат добра понуда на квалификуван и квалитетен кадар.
Макроекономската стабилност е дополнителна гаранција за инвеститорите. Оддржуваме умерен долг и започнавме сериозно да ги земаме во предвид и да поддржуваме иновации и висока технологија. Извозната структура која секоја година се зголемува постојано за 10-15 проценти, за прв пат по осамостојувањето забележа диверзификација кон повеќе напредни технологии. Продолжувањето на ваквиот тренд ќе ја зголеми конкурентноста на македонската економија и нејзината позиција на меѓународниот пазар.
Еден од најважните партнери на македонската надворешна трговија е токму Германија. Македонија е една од ретките земји која забележа позитивен трговски биланс со Германија, што воглавно е резултат на отварањето на сопствени индустриски капацитети во Македонија токму од страна на германски и други странски инвеститори. Околу 1,8 милијарди долари од вкупната трговска размена од над 2,5 милијарди евра во 2015 година, му припаѓаат на македонскиот извоз. Добрата бизнис клима привлече многу германски компании да инвестираат во Македонија. Дел од нив се од индустријата за автомобилски делови, како Костал кој со инвестиција од 70 милиони евра вработува 1.000 луѓе, ODW Електрик со инвестиција од 15 милиони евра отпочна со креирање работни места и вработува 1.000 лица, во Кромберг и Шуберт со инвестиција од 25 милиони евра веќе се вработени 2.200 лица, Дрекслермаер инвестираше 35 милиони евра и во моментов работат 5.300 лица, Маркард инвестираше 35 милиони евра во фабрика со 600 вработени, потоа Техникал Текстајл има инвестиција од 15 милиони евра што ќе придонесе за вработување на 1.000 лица, Акомплас – со инвестирани 3 милиони евра треба да вработи 250 луѓе, Герман Електро Мехатроникс со инвестиција од 15 милиони евра до крајот треба да вработи 200 лица, како и многу други како СТС Текстил со инвестиција од 7 милиони евра предвидува вработување на 1.000 лица, Семак фешн итн.
Благодарение на новоотворените работни места во новите странски компании и владините активни мерки за вработување, вклучувајќи го и проектот “Македонија вработува” невработеноста се намали за повеќе од 14 процентни поени во однос на 2005 година. Намалувањето на невработеноста се должи на рекордниот број од над 155.000 нови работни места, односно поголемот број на вработени. Во 2006 година имаше 560 илјади вработени, а денес имаме 715 илјади вработени.
Во 2007 и 2008 година даноците драстично се намалија, беше воведен рамен данок од 10% кај корпоративниот данок и персоналниот данок на доход и истиот се одржува во услови на светска и европска должничка криза и во време кога другите земји имаат зголемени даноци. Сите останати даноци и давачки се намалија, но се зголемија институционалните капацитети за спречување на даночното затајување што значително ја намали сивата економија и во голема мера таа стана непрофитабилна.
Има и уште една интересна понуда за инвеститорите која многу од нив и ја користат. Имено, секој кој инвестира во технолошко-индустриските развојни зони нема да ги плаќа основните даноци во текот на 10 години од отпочнувањето со работа. Речиси бесплатно му се доделува земјиште на закуп на 99 години, а државата обезбедува државна финансиска помош за изградба на објектите, обука на вработените и создавање на нови работни места, што уште повеќе ја зголемува атрактивноста. Покрај ваквите зони кои се во близина на 14 градови, слични услови, исто така, се обезбедени и во послабо развиените подрачја.
Извештајот на Светска банка Дуинг бизнис, кој ги анализира условите за водење бизнис, како што е наведено погоре, ја рангираше Македонија од 94-то место на 12то место во светот и 6-то во Европа. Во Извештајот за глобална конкурентност 2015-2016, Македонија е рангирана на 60-то место од вкупно 140 земји, што е подобрување од 24 позиции во однос на периодот 2006-2007 година. Фондацијата Херитиџ ја рангираше Македонија на 47-то место во светот во Индексот на економска слобода за 2016 година, што претставува подобрување од 31 позиција споредено со 2006 година, кога бевме рангирани на 78 место и сме најдобро рангирани во регионот на Југоисточна Европа. Според најновата ранг-листа на магазинот Форбс во 2015 година, Македонија е рангирана на 39 место од вкупно 144 земји за водење бизнис. Во споредба со 2007 година, постигнат е напредок од 43 места. Речиси на сите меѓународни рејтинг листи за економија и бизнис, Македонија бележи голем и континуиран напредок.
Ќе ја надминеме политичката криза
Постојат неколку дефиниции за криза, но една од нив која често се користи е дека кризата е можност да се создаде нешто ново. Не постои земја која не е засегната од криза од најразлична природа. За жал, Македонија две години е втурната во криза поради емитување на незаконски стекнати и монтирани телефонски повици. Две години државата има блокирани реформи, а народот може да ја види на дело деструктивната политика на опозицијата. Благодарение на пријателите од меѓународната заедница имавме можност да изнајдеме модел за излез од кризата.
Значаен момент беше согласноста дека одржувањето на предвремени избори на 24 април е посакуван почеток за ставање крај на кризата и за враќање на реформите. Ние се согласивме дека граѓаните се оние кои ќе се одлучат кому ќе му веруваат. Нашите обврски од договорот беа исполнети, но како времето минуваше, опозицијата увиде дека нивната деструктивна политика не само што не успеа да добие поддршка, туку разликата почнува да се зголемува и нејзиниот пораз на претстојните избори станува се поверојатен. СДСМ доби двајца министри и тројца заменици-министри во 5те најважни ресори во Владата. За само 7 месеци работа, во нивното портфолио тие забележаа десетици афери и дотогаш невидена политизација на институциите. Ова наиде на осуда од страна на граѓаните и поради тоа тие влегоа во ново сценарио за бегање од изборите.
Договорениот датум за избори не се исполни и истите, под несериозни изговори, беа презакажани за во јуни. Пред изборите во јуни, се повтори истото. Повторно несериозни изговори и повторно одлагање. Ние како партија имавме интерес за државата и нашите граѓани како наш приоритет, и повторно седнавме на иста маса. Јавно изјавувавме дека прифаќаме се што бара опозицијата за да избегнеме нови одлагања и конечно, на 11 декември да се оддржат предвремени избори. Покрај министрите и замениците-министри кои имаат право на вето во 100те дена пред изборите, опозицијата доби и главен уредник на државната телевизија, мнозинство во Ад хок телото за медиуми, а избирачките списоци, не еднаш, туку два пати беа разгледани од страна на нивните експерти. Се обезбеди практично се што се бараше и во Европа не постои сличен случај каде што опозицијата добива вакви услови пред избори.
Кога конечно социјалдемократите во Македонија, заедно со нас, јавно потпишаа изјава дека исполнети се сите услови за оддржување на избори на 11 декември, веруваме дека овој пат, пријателите на Македонија одлучно ќе застанат зад овој датум и нема да дозволат ново пролонгирање на роковите што би значело ново продолжување и продлабочување на кризата. Како прво, на сите граѓани на Македонија и на нашите меѓународни партнери им треба силна, стабилна и просперитетна Македонија која ќе биде во можност целосно да се фокусира на предизвиците пред добивањето на полноправно членство во ЕУ и НАТО.
Европа може да смета на нас
Еден од најголемите предизвици со кои се соочува регионот и цела Европа е бегалската криза, каде илјадници мигранти од земјите од Блискиот и Средниот Исток и Северна Африка секојдневно се обидуваат да стигнат до крајните дестинации. Република Македонија не е меѓу земјите кои се крајна дестинација на овие луѓе. Тоа се, главно, побогатите земји на ЕУ, а веројатно меѓу најпосакуваните дестинации е токму Германија. За наша среќа или пак несреќа, е што ние се наоѓаме на т.н. “западно балканска рута”, која е еден од коридорите кој се користи од страна на овие луѓе.
Оваа година, кога се одлучи оваа рута да биде затворена, Македонија спречи околу 114.000 имигранти нелегално да влезат во нашата земја од соседна Грција. Многу веројатно беше дека оваа бројка ќе беше за 10 пати повисока доколку им се дозволеше на овие 114 илјади мигранти да ги преминат нашите граници и ќе беше испратен сигнал на тие кои се подготвуваат да тргнат. Нашата политика беше и ќе остане во согласност со политиките на ЕУ. Презедовме и ќе продолжиме да превземаме мерки и активности во координација со ЕУ. Ваквите активности бараа посебен ангажман на македонската полиција и на армијата, бидејќи како мала земја имаме ограничени финансиски и кадровски ресурси. Но сепак, безбедноста во регионот и пошироко е наш прв приоритет, што значи справување со најразлични закани од неконтролираните мигрантски бранови кои минуваат низ нашата земја. Одредени лица кои влегуваат во земјата поседуваат лажни документи или лажно се претставуваат со што, всушност се зголемува ризикот од инфилтрација на терористи меѓу мигрантите. По затворањето на рутата регистрирани се стотици случаи на оштетување на оградата поставена на границата со Грција. Се најдовме во тампон зона во која покрај притисоците на јужната граница, моравме да се справуваме и со работата на голем број невладини организации кои имаа интерес овој коридор да остане отворен и стотици илјади мигранти без проблем да продолжат да се движат до крајните дестинации. Имено, тие ги наведуваа мигрантите да ја оштетуваат оградата и насилно да влезат во земјата.
Во 2015 година, според информациите со кои располагаме, на организиран начин низ целата земја транзитирале околу 700.000 мигранти. Ако се има предвид дека Македонија е земја со нешто повеќе од 2 милиони жители, станува јасно колку од нашите човечки и инфраструктурните капацитети беа ангажирани за на овие лица да им се обезбеди соодветен третман.
Македонија има капацитет да продолжи да биде на првата линија на Европа. Македонија ќе остане фокусирана на соработката со ЕУ за ова горливо прашање и затоа треба што е можно побрзо да се излезе од наметнатата криза и целосно да се посветиме на овие прашања.25 години на борба и докажување
На 8 септември граѓаните на Република Македонија го прославија денот кога во 1991 година одлучија да се одд