Република Македонија очекува да има јасен и прецизен договор од самите членки на Европската Унија. Ние тој договор и тие политики ќе ги примениме бидејќи аспирираме за полноправно членство за ЕУ. Исто така реафирмиравме се што имаме досега направено на планот со справување со мигрантската криза, нешто кое беше пофалено од земјите присутни на денешниот самит. Република Македонија е дел од решението за оваа криза, бидејќи „балканската рута“ поминува низ Македонија и јас очекувам дека Европската Унија ќе направи максимум во делот на превентивата, на комуникацијата со Турција и останатите земји кои се потенцијални од каде може да дојдат мигрантите.Ова по денешниот самит на тема „Миграцијата долж балканската рута“ кој се одржа во Виена го истакна македонскиот премиер Емил Димитриев.
-Ако дојде до нов бран на мигрантска криза ние соодветно ќе реагираме. Очекуваме конкретна и јасна поддршка на македонските институции, на АРМ на полицијата кои што имаат непланирани трошоци за справување со оваа состојба и очекуваме дека нашите партнери од ЕУ ќе гоземат сериозно во предвид ова што го кажавме како позиција, истакна Димитриев.
Се уште на дневна основа пристигнуваат мигранти во Германија, според искажаните податоци од германската канцеларка Ангела Меркел, но не се сите од „балканската рута“.
-Договорени се средби на пониско оперативно ниво кои ќе изнајдат конкретни мерки и решенија кои ќе бидат како решение на мигрантската криза. Имаше такви дискусии и од страна на грчката влада дека тие прават се максимално за да не одат мигранти во Македонија и понатаму, во факт е дека мигрантите доаѓаат. Дневно ние се соочуваме со 150 до 200 обиди за нелегални преминувања на нашата граница. Во иднина мора да имаме посилен фокус и поконкретна акција, генерално како земји кандидати за членство во ЕУ, земји членки на ЕУ. Не треба да се препушти на национално ниво земјите да креираат политики, главната акција да биде префрлување од сопствената на следната соседна граница, туку треба да имаме јасна политика дали е тоа политика на реадмисија, дали ќе има политика на запирање, но тоа останува клучните земји од ЕУ да го решаваат, додаде Димитриев.
Во однос на тоа дали на Македонија и е ветена некоја конкретна помош, со оглед на фактот дека државата неколку пати реагираше дека е оставена сама на себе да се справува со оваа криза, премиерот истакна дека финансиската помош на Република Македонија и е повеќе од неопходна.
-Ние се што направивме досега е од средствата на буџетот и истите се огромни и апсолутно непланирани. Апелирав таа поддршка да биде што е можно побрза, реална и пропорционална со трошоците кои ги имаме, да биде адресирана на владините институции кои се справуваат со тоа вклучувајќи го и невладиниот сектор, но акцентот треба да биде ставен реално на институциите кои ги трошат средствата. Ние не сме против да му се помога и на невладиниот сектор, но трошоците кои ги прават нашите институции се релевантни и треба да бидат надоместени од ЕУ бидејќи Македонија со ништо не допринесе да се случи оваа криза која на дневна база троши големи суми од парите на граѓаните на Република Македонија, дециден беше Димитриев.
На овој Самит, на покана на канцеларот Керн присуствуваа канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел, унгарскиот премиер Виктор Орбан, премиерите Миро Церар од Словенија, Дачијан Чолош од Романија, Алексис Ципрас од Грција, Тихомир Орешковиќ од Хрватска и Бојко Борисов од Бугарија од земјите-членки на Европската унија.
Од земјите долж западно-балканската рута што не се членки на Унијата, освен македонскиот премиер Димитриев, присуствуваа и претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама и премиерот на Република Србија, Александар Вучиќ.Ова по денешниот самит на тема „Миграцијата долж балканската рута“ кој се одржа во Виена го истакна македонскиот премиер Емил Димитриев