Мислев готова сум. Да не беше морската пена, сигурно ќе се удавев – штица ми ја скрши ногата, водата ми дојде до гуша, но наидов на жица од ограда на автопатот, успеав да се префрлам, а ме извлекоа со јаже неколку луѓе! „Летав“ низ водата можеби 100 на саат, а покрај мене пливаа крави, кучиња, во водата имаше и корења од дрвја, штици, бебешки колички – беше како во хорор-филм – раскажува за Дневник Соња Алексиќ (41), која стана херој откако се спасила по два часа во водата.„Бегајте – ќе експлодира бензинската!“
Со скршена десна натколеница, модринки на двете надлактици, изгребани раце во чии вени сега се ставени канили за инфузија и лекови, оваа кумановка, која до саботата ги заштитуваше другите – работи како обезбедување во „Никоб“ – вчера ни раскажуваше како успеала да се заштити себе. Таа закрепнува на Kлиниката за трауматологија, каде што во неделата морале да ја оперираат.
Од операцијата таа веќе почна да закрепнува, но дури сега како да е подисплашена од траумата што ~ се случила во саботата.
– Дури сега ме фаќа паника за тоа што се можело да се случи, но, ете, имав среќа да преживеам. Смената ми заврши во 19 часот во саботата, а видов има невреме, па почекав 30-ина минути да се расчисти. И тргнав со голфот, како и обично. За Kуманово возев кон обиколницата. Се чув и со сопругот – тој тргнал по мене, ама се заглавил кај Веро. Јас продолжив, а водата веќе беше до тркалата, но си реков ќе дадам гас, па нема да застанам. Само што стасав блиску до бензинската, автомобилот изгасна и голема вода почна да влегува внатре, ја крена чантата, а јас си помислив – ако останам во автомобилот – ќе се удавам. Едвај ја отворив вратата и успеав да излезам, а водата веќе ми беше до половина. Тргнав кон бензинската, но оттаму газдата очајно викаше и мавташе со рацете: „Бегајте – може да експлодира!“ – раскажува Соња.
Во тие мигови почнала битката за нејзиниот живот.
– Водата почна вртоглаво да ме носи. Запрев до камион, на кој имаше луѓе, но ми рекоа сама да се спасувам. Однекаде наиде штица и почувствував силна болка во ногата. Тогаш вртлогот ме повлече. Помислив, готово е со мене, отидов во канализација! Одненадеж, се фатив за парче морска пена и тоа ме исфрли на површината. Водата носеше с` пред себе со голема брзина и за само 10-15 минути можеби поминав 3 километри – од бензинската на „Авиа оил“, каде што ми изгасна автомобилот, до близина на „Белви“. Дури таму едвај успеав да се фатам за плетена жица од оградата до автопатот и запрев, а водата ми дојде до гуша – само главата ми се гледаше. Покрај мене пливаа и домашни животни и се друго што водата носеше – раскажува Соња.
„Дечко, спаси ме!“
Изнемоштена, со скршена нога, која се повеќе ја болела, Соња цврсто се држела за жичената ограда. Во темницата во која мислела дека трагично ќе заврши, одеднаш здогледала момче, кое се движело по автопатот.
– Дечко, помагај – викнав колку што гласот ме носи, а тој ме осветли со мобилниот и сопре два автомобила. Луѓето најдоа јаже и ме извлекоа преку жицата. Од тоа ми се сите модринки по рацете и гребаници по телото, најмногу на стомакот. А на жицата ми остана и облеката што дента ја носев. На скопската клиника ме однесе брза помош, која дојде до хотелот „Белви“, а јас само со мобилниот во рака. Не го испуштив цело време додека се борев со водата, можеби тоа и ме одржа во живот, желбата некому од најблиските да се јавам – вели Соња.
Веднаш се јавила кај мајка си, за да им јават на сопругот и на двете деца дека е жива.
– Неизмерно сум им благодарна на овие луѓе што ме извлекоа и ме спасија – минувачот и уште два-тројца, колку што низ магла се сеќавам. Kолку што ги слушнав, мислам дека беа Македонци и Албанци – многу сум им благодарна. Веќе бев на крајот од силите и да не ме извлекоа, водената стихија можеби ќе ме победеше. За среќа, останав жива – раскажува Соња.
Зоран АлексиЌ, сопруг на Соња
Се шокирав, зар водата ја однела до „Белви“?
– Го молев Господ Соња да е жива. Јас и реков „излегувај од автомобилот веднаш да не се удавиш, доаѓам по тебе“. Ама заглавив кај Арачиново, водата само надоаѓаше. Успеав да стасам блиску до голфот оставен кај бензинската, а жена ми никаде ја нема! Си помислив – ја изгубив! Речиси цел час не одговараше на мобилниот. Kога ми јавија дека е кај „Белви“, се фрапирав – па зарем водената стихија дотаму ја однела? Ми светна нешто бело пред очите, а кога ја видов, само си помислив: „Благодарам на света Петка што остана жива“. Голема благодарност до Стефан Петковиќ од Белимбегово и до другите двајцата спасители на мојата сопруга, не им ги знам имињата – со насолзени очи раскажува Зоран Алексиќ, сопругот на Соња, кој бдееше до нејзиниот болнички кревет.„Бегајте – ќе експлодира бензинската!“
Со скршена десна натколеница, модринки на двете надлактици, изгребани раце во чии