Д-р. Ивица Милевски ја објаснува причината за поплавата

Завчера бевме сведоци на силно невреме во Скопје, во периодот од околу 18 до 21.30 часот. Невремето, следено со поројни врнежи, силен ветер и чести електрични празнења, предизвика поплави во делови од градот, на некои места со катастрофални последици, па и човечки жртви. На прв поглед сосема неочекувано, меѓутоа за ваквата појава постојат повеќе причини кои на кратко ќе ги елаборираме.Пред се, голем интензитет на врнежи за период од близу 4 часа. Според официјалните податоци на УХМР на РМ, наврнаа околу 93 mm (или 93 литри) врнежи на квадратен метар, што е навистина големо количество. Ваков или поголем интензитет на врнежи (од близу 30-40 mm/час) се јавува ретко и се забележани само неколку појави со досегашните мерења. Причините се во регионалните метеоролошки состојби, нагол продор на влажна воздушна маса од запад со развој на моќен кумулонимбус и состојбата со времето во претходните денови. Поради правецот на движењето на облаците кон Скопска Црна Гора (како средно-висока бариера со 1651 m), најголемо количество врнежи наврнаа токму на јужните падини на оваа планина, односно северниот дел на Скопската Котлина. Вертикалниот огромен облак кумулонимбус со диференцијален електрицитет, беше причина и за големиот број електрични празнења кон земјината површина.
Јужните падини на Скопска Црна Гора се доста стрмни, оголени, со мали, поројни сливни подрача, што условува нагло собирање и површинско истекување на водата од врнежите, кон подножјето, односно во правец на Скопје и реката Вардар. Доколку пошуменоста беше поголема или растителната покривка погуста, значителен дел од врнежите ќе се впиеа во вегетацијата и во почвата (која денес е речиси целосно однесена поради оголеноста). Огромната концентрација на водна маса, бара коридор по кој ќе дојде кон Вардар. Сепак, запуштените дренажни канали, често полни со шут и отпадоци, издигнатите објекти и сообраќајници без пропусти и канали, ниските и слабо пропустни мостови, предизвикуваат насобирање на водата и формирање на мали езера. Од притисокот на водата, препреките на патот попуштаат и водата се излева силно низводно или странично, предизвикувајќи поплави. Втора непогодност е високото ниво на подземните води во пониските делови на котлината, поради што земјиштето не може да апсорбира голем квантитет на вода. Затоа, најризична е состојбата долж јужното подножје на Скопска Црна Гора, од Арачиново, до Смиљковци (порано, пред пошумувањето, такво беше и северното подножје на Водно).
Во самиот град Скопје, преголемата покриеност со бетон, асфалт и други водонепропусни материјали, за сметка на природното земјиште и вегетацијата на него, условуваат концентрација и бавно истекување на водната маса, што е надополнето со малата пропусна моќ на атмосферската канализација, посебно на најкритичните места. Исто така, постојат бројни ниски точки – депресии, во кои се натрупува водата, дури и на главните сообраќајници, а тука и подземната вода е доста висока. Наведеното условува опстојување на огромни локви по неколку часа. Вчера беше забележлива целосна неподготвеност на некои институции кои треба да најавуваат, превенираат и да се справуваат со вакви природни непогоди, што дополнително ја искомпликува состојбата. Најголем дел од населението, исто така не се доволно подготвени и едуцирани за справување со поплави и други непогоди, за што е неопходно подигање на јавната свест додека е време (всушност, од паника предизвиканите сообраќајни незгоди и други причини, сообраќајот на некои места беше целосно закрчен, што предизвика уште поголем ризик). Нема функционален систем за перманентно информирање на граѓаните во вакви ситуации (преку радио или мобилни апликации) за ризични точки кои треба да се избегнуваат, проблематични места и слични известувања кои може да бидат дури и животно важни.

Врз основа на сето наведено, неопходно е комплексно делување со изработка на солидна програма, елаборати, стратегии и мерки за превенција, но и дејствување во ризични ситуации. Всушност, Европската Комисија и стручните тела на ЕУ постојано укажуваат дека средствата што се даваат преку ИПА програмите за Македонија, треба приоритетно да се наменети кон превенција и справување со природни непогоди. Тоа не е туку-така, бидејќи според сите анализи се очекува Јужна Европа и регионот на Балканот, заедно со Македонија да бидат силно погодени од климатските промени, следени со природни непогоди, поплави, свлечишта, одрони, претерана ерозија, наноси и сл., со очекувани зголемени штети, па и човечки жртви. Потребни се интегрални мерки за идентификација и заштита на поројните сливни подрачја, утврдување на потенцијално ризични подрачја подложни на наведените непогоди, дренирање на вишокот атмосферски води преку уреден и соодветен каналски (колекторски) систем, пошумување, подигање на зелени појаси (наместо нивно уништување), изработка на катастар на ризични точки и нивно средување со доволна пропусна моќ за водната маса, смирување на свлечишните зони и многу друго. Неопходно е натамошно стручно, кадровско и техничко подобрување на Управата за хидрометеоролошки работи, со поголем број на мерни станици (посебно автоматски), подобра предикција на временските неприлики, како и кадровско зајакнување на Центарот за управување со кризи на РМ. Исто така, треба подобра соработка на овие институции со научните работници и експерти од соодветните области, во вид на почести консултации, состаноци, размена на мислења и слични мерки. Потребно е подигање на јавната свест на населението, посебно од последиците на уништување на шумите, зеленилото, фрлањето шут, градбата на попречни објекти или насипи, депонии, попречни ѕидови, јами, особено во зони со високи подземни води, информирање за постапки во случај на непогоди и др.
Всушност, една од клучните работи е на вака одговорни места и позиции од кои зависат и животите на населението (ЦУК, УХМР, соодветни владини и општински тела), да се постават вистински и врвно едуцирани професионалци, кои со своето знаење и искуство ќе преземат навремени и вистински чекори за спречување на поголеми катастрофи и загуби.Во деновите што следат нема опасност да се повтори вчерашниот катастрофален настан, меѓутоа, според сите сценарија, анализи и трендови, во следните години и дицении, фрекфенцијата на природни непогоди ќе се зголемува. Вчера бевме сведоци на поплавата во Скопје, претходно на огромниот број свлечишта и одрони низ Македонија (Каменица, Делчевско, Велешко), се почести пожари и др. Затоа, секоја општина треба итно и приоритетно да донесе и реализира своја програма за справување со овие непогоди и штетите предизвикани од нив (пр. општина Пехчево). Како што е практика во сите држави во Европа, кои изготвуваат катастари на ризични и загрозени подрачја, мерки за итни акции, превентивни мерки и активности и серија други чекори. Централната власт пак, треба да посвети многу поголемо внимание, средства и труд кон заштита на луѓето и нивниот имот, не само декларативно, туку вистински и одговорно. Се надевам, вчерашната непогода нема да биде брзо заборавена (како и обично), туку дека ќе се „разбудиме сите“ за да не биде предоцна до некоја следна, уште поголема антропогено-предизвикана природна катастрофа со човечки жртви.
Автор: д-р Ивица Милевски
иГЕОГРАФИЈА.мк
 Пред се, голем интензитет на врнежи за период од близу 4 часа. Според официјалните податоци на УХМР на РМ, наврнаа околу 93 mm (или 93 литри) врнеж

Пронајдете не на следниве мрежи: