Стефаноски: Здрава нација треба да биде врвен приоритет за секоја влада

Фондот за здравствено осигурување годинава одбележа убав јубилеј, 15 години од своето постоење. Неминовно се наметнува потребата да се направи паралела во делот на буџетот за изминатите години, бидејќи Фондот е финансиска институција и за идната година ќе располага со поголем буџет.Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски во интервју за „Вечер“ одговара колку е предвидено да изнесува буџетот на Фондот и за што ќе бидат наменети овие средства.
-Здрава нација треба да биде врвен приоритет за секоја влада. На здравството веќе не смее да се гледа само како на потрошувач, туку пред се како на контрибутор за создавање подобра економија и благосостојба на населението. Една од стратешките цели на оваа влада е поздрава нација и подобар квалитет на здравствените услуги, преку изградба на нови современи клинички центри и болници, инвестиции во медицинска опрема и обуки за нејзино користење, континуирана едукацијата на здравствените работници, и продолжување на реформите во здравството за подобрување на квалитетот на услугите. Финансирањето на системот за здравствена заштита и натаму ќе се заснова на здравственото осигурување и на начелата на заемност, солидарност и правичност, во насока на зачувување на неговата одржливост.Со задоволство можам да констатирам дека Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како финансиска институција која купува здравствени услуги, во 2016 година ќе располага со историски највисок буџет од над 25,6 милијарди денари, што претставува зголемување за 1,4 милијарди денари во однос на 2015 година. Колку ова зголемување навистина е евидентно, може да се види ако за споредба се земе 2000 година, кога е основан Фондот, и кога буџетот на оваа институција бил значително помал и изнесувал околу 12,5 милијарди денари.Особено зголемување имаме во делот на ставката здравствени услуги, што значи дека значителен дел од средствата од наредниот буџет ќе бидат наменети за воведување нови методи, нови услуги во здравствените установи, како и за подобрување на квалитетот на сегашните услуги во јавните здравствени установи во Република Македонија, вели Стефаноски.
Матичните лекари, од наредната година, ќе добијат зголемување на капитациониот бод од 50 на 55 денари. Колку оваа мерка ќе значи подобрување на состојбата во примарната здравствена заштита?
– За да овозможиме поквалитетна грижа за здравјето на пациентите, од први јули 2016 година, Фондот за здравство заедно со Министерството за здравство, по анализа на состојбите во примарното здравство, одлучи да го зголеми капитациониот бод за матичните лекари од 50 на 55 денари што всушност значи зголемување од 10 проценти. Последното покачување на капитациониот бод кај матичните лекари е направено во 2011 година од 45 на 50 денари. За потсетување, финансирањето на примарната здравствена заштита во дејноста општа медицина, односно финансирањето на матичните лекари е по метод на капитација.Фондот издвојува значителни средства за дејноста општа медицина за што во буџетот за 2015 беа предвидени и ќе бидат исплатени 1 милијарда и 870 милиони денари. Бенефитот од зголемувањето на капитациониот бод ќе го почувствуваат 1527 тимови на матични лекари кои работат во 1085 ординации со кои Фондот има склучено договор во 2015 година. Оваа мерка ќе значи и подобрување на состојбата во примарната здравствена заштита која ќе се рефлектира и на сите осигуреници кои имаат избрано матичен лекар. Во просек секој матичен лекар има 1159 пациенти за кои Фондот исплаќа во просек по 104.367 денари. Со оваа мерка цениме дека ќе се обезбеди подобра превентивна здравствена заштита и навремена дијагностика за подобро здравје за сите осигуреници. Но, и ќе бараме од матичните лекари зголемен ангажман во грижата за здравјето на пациентите затоа што тие се првата порта на влез на пациентот во здравствениот систем. Би сакал да нагласам дека сите промени насочени кон подобрување на здравствената заштита и условите за работа на лекарите, без оглед од која дејност се, ги правиме во постојана соработка со Стоматолошката комора, Лекарската комора и Здружението на приватни лекари на Македонија, рече директорот.
Покрај матичните лекари, Фондот одлучи од први јануари 2016 година да го зголеми капитациониот бод за стоматолозите од 35 на 40 денари. Планирате ли и други стимулативни мерки да се воведуваат во сферата на стоматологијата?
– Поволноста од оваа мерка ќе ја почувствуваат 1146 тимови стоматолози кои работат во 963 ординации со кои Фондот има склучено договор во 2015 година. Оваа мерка покрај подобрување на стоматолошката здравствена заштита за нашите осигуреници ќе значи и подобрување на стандардот на стоматолозите со што сметаме дека матичните стоматолози ќе бидат помотивирани да се грижат за оралното здравје. За мерката за зголемување на капитациониот бод се одлучивме врз база на сеопфатна анализа и затоа од први јануаруи 2016, Фондот за здравство го зголемува капитациониот бод за стоматолозите од 35 на 40 денари, што е зголемување за 14 проценти.За дејноста стоматологија во буџетот за 2015 беа предвидени и ќе бидат исплатени 524 милиони денари. Дополнителен стимул кој сметам дека е исто така многу значаен, е зголемување на платите на специјалистите стоматолози кои работат во Стоматолошкиот клинички центар, за околу 20 отсто со што тие се изедначуваат со нивните колеги специјалисти од останатите клиники. Во Фондот за здравство континуирано сме посветени за изнаоѓање на нови решенија за стимулирање на сите нивоа на здравствена заштитата во кои секако спаѓа и стоматологијата. Наша цел е унапредување на ситемот на здравствена заштита и создавање подобри услови за работа на лекарите и подобри и поквалитетни услуги за пациентите, додава Стефаноски.
Целото интервју со доктор Сашо Стефаноски, погледнете го на ВечерДиректорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски во интервју за „Вечер“ одговара колку е предвидено да изнесува буџетот на Фондот и за што ќе бидат

Пронајдете не на следниве мрежи: