Николиќ не сака „територијален интегритет на Косово“ во документите на ЕУ

Србија очекува дека Европската комисија во Стратегијата за проширувањето на Европската унија ќе ја преформулира реченицата со којашто од Србија се бара да „го почитува територијалниот интегритет“ и дека ЕУ ќе биде непристрасен посредник во идниот дијалог меѓу Белград и Приштина.

Како што пишува во своето издание од саботата белградскиот дневен весник Вечерње новости, српскиот претседател Томислав Николиќ изјавил дека „очекува од Европската унија да покаже искрена подготвеност да ја прими Србија во своите редови“. Меѓутоа во истиот напис се открива и дека постои и компромисно решение коешто би било прифатливо за властите во Белград.

„Европската унија позитивно се изјаснува во однос на независноста на Косово низ прецизирање во формулациите во Стратегијата за проширување на ЕУ. Терминот ’интегритет на Косово’ е неприфатлив за Србија, којашто очекува дека ЕУ ќе биде непристрасен посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Измената на таа формулација претставува мал чекор, кој би и’ дал дополнителна сила на Србија, за при добра волја и во интересот на сите граѓани ги надмине сите постојни проблеми и да го продолжи дијалогот на највисоко политичко ниво“, изјави српскиот претседател Томислав Николиќ за Вечерње новости.

Според сознание сознанијата на весникот, предлогот на официјален Белград е од документите на ЕУ да се исфрли терминот „интегритет“, бидејќи тоа според сите правни толкувања го подразбира и суверенитетот на Косово, и на место тоа да се практикува изразот „територијалниот интегритет  на Косово“..

Според весникот, овој предлог настанал по објаснувањето од комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Фуле, кој оваа седмица ги уверувал српските функционери дека формулацијата за „територијалниот интегритет на Косово“, исклучиво се однесува на ставот на ЕУ за поделбата на Косово и дека се статусно неутрална.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ, а по него и другите српски високи функционери, на 10-ти октомври се спротиставија на формулацијата за почитувањето на територијалниот интегритет содржана во Стратегијата за проширување на ЕУ. Дачиќ рече дека таквиот став на ЕУ може „да води кон затворање на дијалогот меѓу Белград и Приштина“.

Веќе следниот ден, на 11-ти октомври, еврокомесарот за проширување Штефан Фуле во Белград на премиерот Ивица Дачиќ и на претседателот Томислав Николиќ, како и на членовите на Парламентарната комисија за надворешна политика на српскиот парламент, им објаснувал дека споменувањето на територијалниот интегритет на Косово во Стратегијата за проширување на Европската унија нема поврзаност со статусот на Косово, туку со „ставот на ЕУ дека не може да дојде до негова поделба“.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: