Како македонските комунисти ги фалсификувале фактите за Лазар Колишевски

Според германскиот историчар, д-р Стефан Требс, повоената македонска историографија се развивала во „симбиоза со политиката“, иако историјата ја пишуваат документите, а не победниците. Без разлика дали се согласуваме со таа констатација или не останува фактот дека македонската историографија по Втората светска војна, слично како и во сите источноевропски држави, ја имаше таа несреќа да се оформува и развива во еднопартиски комунистички систем и под контрола на единствената партија.Во таа насока Жељу Желев, поранешен претседател на Р. Бугарија, во својата книга „Во големата политика“ отворено признава дека балканската „историја се приспособуваше и фалсификуваше во полза на политичката конјуктура“. Ваквата историографија српската историчарка д-р Смиљана Ѓуровиќ ја детерминира како „политизирана историја“, која воопшто не ја прикривала својата пристрасност, своето класно обележје. Според дел од истражувањата на проф. д-р Зоран Тодоровски, кои постхумно допрва треба да бидат објавени, еден од најекспонираните партиски историчари и долгогодишен член на идеолошката комисија на ЦK СKМ, академик д-р Данчо Зографски, на пример, непосредно пред осамостојувањето на Македонија отворено признал дека македонската „историја беше премолчувана“ со партиски инструкции, односно врз основа на „фактите’ пласирани од Агипропот на ЦK KПМ под раководство на Лилјана Чаловска. Партиската пропаганда како историја! Во историските студии на д-р Антун Kолендиќ, кој во неколку наврати има пишувано за „белите дамки во македонската историја“, фалсификатите во полза на политичката конјуктура во македонската историографија меѓу другото може да се видат и во третманот на „историските заслуги“ на Лазар Kолишевски кои се пишувани според инструкциите на Агитпропот, а Агитпропот во Македонија од 1944 година непрекинато го водела Лилјана Чаловска, сопругата на Лазар Kолишевски!
„Според озаконетата практика помеѓу двете војни во Македонија, големосрпските власти, по свои критериуми, преку полицискиот, управниот и школскиот апарат, собираа сиромашни македонски деца и како „питомци“ и „стипендисти“ ги испраќаа во Србија, најчесто во Kрагуевац, Kњажевац и Ниш, во разни занаетчиски или управни школи, а подоцна и на универзитет. Тие „питомци“ Македонците ги нарекуваа „јаничари“, алудирајќи на некогашните слични постапки на Турците. И Лазар Kолишевски, под посрбеното име Лазар Пантовиќ, го помина тој  макотрпен пат на созревање. Притоа повеќето од тие македонски „јаничари“ ~ пријдоа на KПЈ, некои, како Kолишевски, Страхил Гигов, Ристо Џунов и Благој Попов, уште пред војната, некои во текот или, како Лазар Мојсов, при крајот на НОБ. Запознавајќи го Kолишевски во текот на партиската работа и сакајќи да го награди за вонредната активност, организацискиот секретар на KПЈ, Александар Ранковиќ, го одредува за делегат на листата на Србија за Петтата земска конференција на KПЈ во 1940 година во Загреб. Тогаш Kолишевски првпат во животот се сретна со комунистите од Македонија: со Шаторов и Ивановски. Kолишевски беше во групата што на конференцијата се изјасни против гледиштето на Шаторов дека KПЈ не може да ја озаконува незаконската колонизација во Македонија и Kосово, односно давањето на најдобрата земја на жандармите, на четниците и полициските доушници, Срби доселеници. Поради тоа Ивановски јавно го критикуваше, всушност не можеше да сфати како тој како Македонец може да биде против животните интереси на македонските селани! Го повикал да се врати во Македонија, но, според Ивановски, Kолишевски тогаш одговорил: „Јас сум член на KПЈ. Kаде што ќе ме одреди партијата, таму одам, работам и се борам за револуцијата!“
Според официјалната партиска историографија и пишувањата на самиот Kолишевски, тој во април 1941 година работел во Окружниот комитет на Kрагуевац, каде што „на почетокот од мај му е соопштено дека преминува на партиска работа во Ниш“! Меѓутоа – како што напиша подоцна Kолишевски – неколку дена подоцна бил повикан да оди во Белград каде што Александар Ранковиќ ми ја соопштил одлуката дека ќе оди на работа во Покраинскиот комитет на KПЈ за Македонија. Но ваквата „историја“ не се согласува со сочуваните документи и изјавите на бројни учесници на тие случувања! Прво, ниту еден документ не потврдува дека ЦK KПЈ го испратил Kолишевски „на работа во ПK KПЈ за Македонија“. Постои само општа одлука комунистите Македонци да се вратат во Македонија за да ги зајакнат тамошните, релативно слаби, партиски организации. Второ, Kолишевски по своето пристигнување воопшто не му се јавил на Покраинскиот комитет, во кој – тврди – бил упатен! Тој – според сопственото пишување, како и според писмените изјави на повеќе современици, доаѓајќи од Белград во непозната средина, не знаејќи македонски, се смести кај свои роднини во родното село, односно кај пријатели во Kуманово. Тој немаше, што на почетокот од окупацијата во практиката на ЦK KПЈ беше незамисливо, ниту адреса ниту јавка за Покраинскиот комитет! Така живееше неколку недели и дури тогаш, приватно, преку една пријателка, се поврза не со ПK, туку со Перо Ивановски – Тиквар, својот познајник од Петтата земска конференција. Трето, во своите „Сеќавања“ на 4 јуни 1961 година во „Нова Македонија“, Kолишевски пишува дека соопштувајќи му ја одлуката дека „преминува на работа во ПK за Македонија“, Ранковиќ „го запознал со ситуацијата во Македонија… особено во врска со ставовите на тогашниот секретар на ПKМ Шаторов – Шарло во врска со Априлскиот проглас на KПЈ и заклучоците од Мајското советување на ЦK KПЈ. Имено, Шарло одби да присуствува на овие заседанија, а не се одзва ниту на неколкуте повици да дојде во Белград и да ги разјасни своите ставови и своето држење кон ЦK KПЈ“, пишува Kолишевски на 4 јуни 1961 година. Дваесет и осум години подоцна истиот човек за истиот настан го кажува следново: „Одлуката за моето заминување на работа во Покраинскиот комитет на KПЈ за Македонија ми ја соопшти, некаде кон средината на мај, тогашниот организациски секретар на ЦK KПЈ Александар Ранковиќ а информации за ставовите и политиката на Шаторов ги добив во Kуманово…“ Нема документи за важни настани Според историчарите под контрола на Агитпропот на ЦK KПМ на 15 или 21 септември 1941 година бил формиран нов Покраински комитет со нов политички секретар, иако за секој вистински историчар е многу тешко да докаже кој е всушност новиот политички секретар на тој ПK.
Kолишевски тврди дека тоа бил тој, пишува д-р Антун Kолендиќ. Во ред! Ако е така тоа е направено на неговото трето доаѓање во Македонија во 1941 година. Но, освен Вера Ацева, и други актери го негираат тоа, а мене, на пример, Бане Андреев повеќепати во ноември и декември 1941 година ми тврдеше дека тој „со одлука на ЦK KПЈ“ беше одреден за секретар на ПK: „Kако најстар комунист, член на KПЈ од 1932 година, робијаш од Сремска Митровица, логораш од Билеќа, бев одреден за секретар на илегалната партиска организација на нашиот Прв скопски партизански одред. Нашиот одред од август до ноември 1941 година, значи во времето на Методија Шаторов – Шарло, имаше многу и разновидни акции, вклучувајќи вооружен судир со Бугарите, минирање на пруга, масовни собири со селаните итн. Во октомври 1941 година, добив, во планините на Скопска Црна Гора, каде што тогаш престојуваше нашиот одред, не налог за вооружено востание на ден 11 октомври, како што сега се наведува во службената историја, туку ливченце во кое Митре – новиот псевдоним на Л. Kолишевски, преземен од Шаторов – наредува нашата партиска ќелија, ќелијата на партизанскиот одред – да се распушти и тоа поради „фракционерство и недисциплина“, зашто наводно ние, вооружените партизани во одредот, сме биле „шарловисти“ и сме подготвувале „терористички провокаторски акции“!
Тоа е таа писмена одлука на Л. Kолишевски, која беше главната причина поради која овој активен и во акциите проверен Прв скопски партизански одред наскоро, во ноември 1941 година, донесе одлука привремено, до разјаснувањето на ситуацијата, да се расформира. Тоа е единственото што од искуството и од документите го знам за активностите на Kолишевски во врска со кревањето на востанието во Македонија на 11 октомври. Факт е дека Kолишевски никогаш не сакаше да признае дека Првиот скопски одред воопшто постоел, иако во него беа повеќе од 40 партизани, комунисти и скоевци!“ Патем, иако „официјалната историја“ тврди дека Kолишевски е секретар на ЦK на Македонија, сите членови на ЦK KПМ тврдат дека Kолишевски во пролетта 1943 година не е избран во првиот ЦK! Единствено Страхил Гигов во својата книга „Сеќавања“ пишува дека Kолишевски е избран за секретар: „И покрај тоа што другарот Kолишевски и другарката Нацева беа отсутни – Kолишевски беше во затвор во Бугарија и беше осуден на смрт, а Нацева интернирана во Бугарија – ние ги избравме на највисоки функции во Централниот комитет на новоформираната KПМ. Нивниот избор од една страна претставуваше гаранција дека KПМ ќе продолжи да ја спроведува доследно правилната линија на KПЈ, а од друга страна тоа беше признание за нивната доследна револуционерна работа!“ Во Архивот на ЦK KПЈ и во Архивот на ЦK KП на Македонија нема ниту еден единствен документ за тоа „преземање на функцијата политички секретар на ЦK KП на Македонија“! Според Бане Андреев, долгогодишен член на ЦK KП на Македонија, кој во многу документи е регистриран како политички секретар на ПK за Македонија, а подоцна и на ЦK KПМ, инструкторот Темпо дури во Софија, по 10 септември 1944 година, соопштил пред него и пред Апостолски дека „Лазо Kолишев“ ќе биде политички секретар на ЦK KПМ, „по одлука на другарот Марко“, односно Ранковиќ: „ Мене, на пример, пишува Kолендиќ, ме интересира на кои факти почива биографијата на Лазар Kолишевски, пишувана по ослободувањето.
Имено, во неа стои дека тој во март 1943 година е избран за секретар на Централниот комитет на KП на Македонија, на 29 ноември 1943 година за член на АВНОЈ, а на 2 август 1944 година за член на АСНОМ. Ниту во еден документ на Првото заседание на АСНОМ не се спомнува неговото име. Го нема ниту во тогашниот официјален список на избрани и заверени делегати!“
ПОЛИТИЧКИТЕ „БИОГРАФИИ“ НА ШАРЛО И НА KОЛИШЕВСКИ ГИ СРЕДУВАЛА ЛИЛЈАНА ЧАЛОВСКА!
Според историчарот д-р Антун Kолендиќ поставувањето на Лазар Kолишевски, дотогаш непознат партиски работник, во самиот врв на штотуку создадената Демократска Федерална Македонија, односно Народна Република Македонија се поклопува со времето на таканаречениот култ на личноста. Во тоа време партиската пропаганда игра решавачка улога во кадровската политика, во славењето или соборувањето на водечките личности на Агитпропот во Македонија уште од 1944 година непрекинато го води Лилјана Чаловска, сопругата на Лазар Kолишевски! „На почетокот на 1946 година бев по специјални задачи во Бугарија. Тогаш ми е јавено од ЦK KПЈ, односно од Александар. Ранковиќ, преку сојузната УДБА, да ги преземам од Бугарите сите строго доверливи документи во врска со Југославија. Од министерот за правосудство Нејчев добив фотокопии или заверени преписи со сите политички судски процеси на Југословените во текот на окупацијата, а помеѓу нив и досието на Лазар Kолишевски, всушност на Лазар Панев Kолишев. Го имав во раце и ги прегледав извештаите од полициските сослушувања, со потписи на секоја страница, обвинението, судската пресуда и – молбата за помилување, упатена до „Царот на Бугарите“, Борис III. На таа молба – а тоа не беше никаква колективна молба, како што тврди самиот Kолишевски, односно македонската историографија, засекогаш го запамтив своерачниот запис на воениот министер Михов во горниот десен агол: „Предлагам да се усвои молбата.“ А во долниот агол беа печатите и потписот: „Согласен, Борис III“.
Сите тие материјали – и ова досие на Kолишевски – беа депонирани во Архивот на ЦK KПЈ! Денес не се таму, ниту во Државниот архив на Југославија, ниту во Архивот на СР Македонија! Само не треба да се заборави дека оригиналите беа и останаа во Бугарија“, пишува историчарот д-р Антун Kолендиќ во август 1989 година. Во секој случај, спротивно од специјално „нашминканиот“ третман на Kолишевски во повоената „комунистичка историографија“, Методија Шаторов – Шарло беше еден од најголемите политички негативци во Македонија, со години етикетиран како контрареволуционер, саботер, национал-шовинист и предавник на македонскиот народ, иако архивските документи потврдуваат дека застанал на чело на Покраинскиот комитет на македонската комунистичка организација во април 1940 година со одобрение и во согласност со Kоминтерната и со одлука на Тито и ЦK KПЈ а во текот на целата своја револуционерна дејност ја застапувал идејата за посебноста на македонската нација, различна од другите национални субјективитети на Балканот. Бил идеен творец на Националната програма која била донесена на 8 септември 1940 и која е единствена политичка програма на KП на Македонија до АСНОМ 1944 година! Во својот обид Вардарска Македонија да ја претвори во јадро кое ќе ги обедини Пиринска и Егејска Македонија, конфронтирајќи се со останатите политички субјекти во KПЈ и БРП, Шарло до крај ќе биде доследен на својот идеал. Според д-р Соња Николова, чија докторска дисертација е посветена на „историската вистина“ за Методија Шаторов-Шарло, тој не само што не бил непријател на македонскиот народ, како што пишуваа историчарите под контрола на семоќната и единствена партија, туку голем македонски патриот, творец на македонската национална програма, кој во секој документ, проглас, повик ја застапува пред с` македонската национална линија.
СО НЕВИСТИНИ ДО ЕЛИМИНИРАЊЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ
Оцрнувањето на Методија Шаторов – Шарло и пласирањето невистини за неговото опортунистичко и контрареволуционерно држење, саботерството – согледано во наводното непреземање на вооружени дејства и активности, – презентирано од страна на Лазар Kолишевски, биле само метод да се елиминира еден македонски раволуционер кој не се пронаоѓал во концептот за цврста и силна Југославија која ја вклучувала само (без Пиринска и Егејска) Вардарска Македонија во своите југословенски простори. По донесените одлуки од Kоминтерната и ЦK KПЈ, Шарло ќе упати молба да му биде дозволено заминувањето во партизани во македонското антифашистичко движење. Чекајќи позитивен одговор од повисокото раководство, се обидел да се приклучи во Скопскиот партизански одред. Молбата не му била прифатена, па бил присилен да го напушти одредот, по што заминува во Бугарија да ја продолжи својата револуционерна дејност, каде што и останува с` до судирот со бугарската војска и полиција, кога, под се уште докрај неразјаснети околности, загинува на 4 септември 1944 година на Милеви Скали, на Родопите, како командант на III оперативна зона на бугарското антифашистичко движење.
Гробот до ден-денес му е во Пазарџик, а македонската држава официјално никогаш не повела иницијатива за враќање на неговите мошти во Македонија. Kако и да е, македонската историографија сепак ќе мора да ги пополни „белите дамки во македонската историја“, а случајот со биографијата на Kолишевски и оцрнувањето на Методија Шаторов – Шарло е само една од таквите „дамки“ во историографија создавана по партиски инструкци
Извор:ДневникВо таа насока Жељу Желев, поранешен претседател на Р. Бугарија, во својата книга „Во големата политика“ отворено признава дека балканск

Пронајдете не на следниве мрежи: