Пренесуваме текст објавен во The New York Times, кој се однесува на поделбата на Македонија со балканските војни 1912-1913 година, објаснувајќи го начинот на кој соседните држави преку своите пропагандни методи настојувале да ја прикажат македонската територија за своја, а народот немакедонски. Написот може да се најде во новото издание на Државниот архив на Република Македонија – Македонија во странскиот печат, стр. 540-541. Првата балканска војна започнала во октомври 1912 година и за кратко време Османлиската Империја била поразена и склучено е примирје. Завојуваните страни ги вклучувале балканските држави – Црна Гора, Србија, Бугарија и Грција на една, а Турција на другата страна. Македонскиот народ и револуционерите се вклучиле активно во борбите надевајќи се дека нивните долгогодишни очекувања ќе се потврдат и Македонија ќе се издигне како слободна земја на Балканот. Во тој контекст треба да се вбројат доброволните македонски одреди кои зеле активно учество во борбите на страна на сојузниците, против османлиските војски, како и четите на одделни револуционери на МРО. Тука спаѓаат Македоно-одринските доброволни чети, разни бригади, дружини и други воени одреди, од кои некои дејствувале и самостојно, предводени од локалните револуционери. Во воените акции директно биле вклучени Александар Протогеров, Тодор Александров, Петар Чаулев, Христо Чернопеев, Јане Сандански и други. Со објавувањето на општата мобилизација во Бугарија, македонските револуционери и родољубци на општо задоволство го прифатиле повикот и побрзале да се приклучат кон војските, искрено верувајќи дека нивните така наречени “браќа” работат за македонската кауза. Суровата реалност дошла со самиот крај на војната, кога од едно ропство, македонскиот народ прешол на три.
МАКЕДОНИЈА ЗАГРИЖЕНА ЗА СВОЈАТА СУДБИНА
(Од Д. Боучиер, Магистер, стручен соработник на Кралското географско здружение)
„На 10 август 1913 г. Романија, Србија и Грција откако претходно ја поразија Бугарија со помош од Турција, ѝ наметнале со сила преку договорот од Букурешт, со кој Србија и Грција ја поделија Македонија, во согласност со една тајна спогодба, која била веќе склучена. Грција понатаму ги стави своите раце врз западна Тракија, а Романија припоила еден плоден територијален дел во Јужна Добруџа, кој дотогаш припаѓал на Бугарија и бил населен со Турци и Бугари. Во сите региони анектирани од страна на трите сили беше спроведуван процес на истребување на бугарскиот елемент; овој процес е воведен во Македонија и во Тракија од страна на Србите и Грците во зимата 1912 г., а Бугарите сè уште беа нивни сојузници и се бореа со Турците во источна Тракија. Со цел да се добие време за негово продолжување и да се зголеми исцрпеноста на Бугарија, овие сили водеа долготрајни преговори со Турција во Лондон пролетта 1913 г. до тој степен што г. Едвард Греј беше приморан да предложи повлекување на нивните делегати.“
„Букурешкиот договор никогаш не беше признаен од страна на големите сили и неговите одредби исто како и оние на разните тајни договори кои ги игнорираат правата на националностите, како спогодбата меѓу Грција и Србија за поделбата на Албанија, договорот од 26 април 1915 г. меѓу Италија и сојузничките сили во однос на брегот на Јадранското Море и одземањето на границата од Албанија која ѝ ја понуди Европа во јануари 1913 г., како и одредени одредби од договорот од 18 август 1916 г. меѓу Романија и сојузничките сили, објавен во декември 1916 г. Придржувањето до принципите сега практично е законот на Европа и договорите ќе бидат несомнено отфрлени на конгресот, освен ако тие претходно не бидат откажани од оние што ги изработиле.“
Македонија во странскиот печат, главни редактори: д-р Филип Петровски, д-р Теон Џинго, Игор Сотиров, Државен архив на Република Македонија, Скопје, 2016, стр. 541.Првата балканска војна започнала во октомври 1912 година и за кратко време Османлиската Империја била поразена и склучено е примирје. Завојуваните