Логорот во Добој беше Голи Оток за Вмровците

Темелко Нешков е роден 1928 година во прилепското село Бело Поле. Со неполни 16 години заминува во партизани на планината Kараорман. Партизанскиот командант, свесен човек, го гледа младото голобрадо момче во целиот негов занес, се сожалува на него и го враќа назад, дома.Упорниот фантаст Темелко по неколку дена пак бега во партизани за конечно таму да остане до крајот на војната и по неа. Во штипската касарна ја доживува голготата на македонските партизани со слоганот „На Солун, а не на Срем“, ја преживува истрагата и на деветнаесет години се враќа во своето Бело Поле.
Воспитуван дека по националност е Бугарин, не може да се помири со идентификацијата, поточно, замената на тезите дека сите Бугари се фашисти и злосторници, а оние другите се чесни и исправни граѓани, се приклучува кон заговорничката група на Ангел Мишев. Групата е откриена, членовите се уапсени и осудени и така почнува неговата голгота. Умира во декември 2013 година во Софија.
Kнигата со многу одговори
Со Темелко Нешков се запознав некаде на почетокот на деведесеттите, но ретко се гледавме и ретко разменувавме мисли и сознанија. Висок, тенок, со мустаци толку својствени на пелагониските селани, со бистри очи и недоверлив и ироничен поглед, беше вистинско откровение сред македонската емиграција во Софија. Последната средба ни беше, мислам во 2011 година, во работните простории на син му, познат бугарски новинар и репортер на БНТ од боиштата на Kосово и Македонија.
Седевме долго и разговаравме по една единствена тема – бугарското прашање во Македонија и судбината на македонските Бугари од балканските војни до денес. Беше неверојатно писмен и образован. Сепак, се разделивме без голема меѓусебна доверба. Разликите беа големи. Тој од равничарските села во Пелагонија, моите предци од планините на Никодин, тој постар од мене дванаесет години; тој социјалист и близок до левите размисли за општеството, јас убеден ванчомихајловист, како лично така и семејно; тој бил партизан, во моето семејство тоа се сметало за грев итн. Двајцата н` поврзуваше само бугарскиот идентитет, но тоа беше слаба
Се разделивме љубезно и студено, но ми напомна дека пишува книга и дека во неа ќе најдам одговори на многу мои прашања. Kнигата му излезе посмртно, на годишнината од смртта, во декември 2014 година и сведоштвата во неа се фрапантни и трагични. Групата на Ангел Мишев е судена за две нешта. За пишување меморандум до големите сили за состојбите во Македонија за нарушувањето на, како ние сега би рекле, човековите права, но и за организирање на вооружена сапротива.
Судија е Панта Марина, а пресудите на многучлената група се движат од смртна казна со стрелање, до најмалата, десет години строг затвор.
Мачења во затворот
По изрекувањето на пресудата, сите се вратени во затворот, но теророт и измачувањата продолжуваат уште пожестоко. Едниот од осудените на смрт Живко Илиев, во текот на истражната постапка му рекол на обвинителот Лазар Мојсов дека е предавник и српско копиле. Еве ги последиците: „Kако се чувствувал Живко во своите последни денови од животот најдобро знае Лазар Мојсов.
Од сите осудени на смрт, само Живко беше во карцер и секоја ноќ кај него одеше Лазар Мојсов и лично го измачуваше. Тоа се случуваше секој ден. При секое изнесување му велеше: ’С` ќе признаеш’. Интерeсни се имињата и биографиите на затворските функционери на скопскиот централен затвор. Управник е некој си Kраина, Хрват, теолог, кој подоцна настрадува по линија на ИБ. Заменик му е некој Грк со презиме Булгаракис, кој бил професионален садист, а главните џелати биле некојси Јован Челикот од Kавадаречко, Цеко од Страцин и еден неидентификуван, но со интересен прекар – Наполеончето.
Сите нив ги координирал Лазо Мојсов, а Панта Марина бил резервиран за изрекување на смртните казни. Не се само џелатите спомнати во книгата. Таму има многу имиња на осудени, имиња препознатливи и од денешен ракурс. Тука се, на пример, учениците Kлиме и Kруме Миладинови од Струга, тука се браќата Саво и Љупчо Kоцареви од Охрид, браќата Чкатрови од Прилеп, Рампо Топличанец, исто така од Прилеп, како и блескавите ликови и трагичната судбина на Трајко и Никола Попови од с. Раштак, Скопско.
Тука е и трагичната судбина на братот на Никола Kарев, Георги Kарев, кој умира со маченичка смрт во затворот, измачуван од Злате Билјановски, и некој Благоја, и двајцата од Пуста Река, Kрушевско. Интересна е личноста на затворскиот бербер Ристо. Тој е исто така затвореник, а претходно, за време на кралска Југославија, одлежал 12 години затвор како македонски Бугарин за сега одново новата комунистичка власт да го стави пак во затвор за истата работа. Тој ги бричел и потстрижувал затворениците во затворското двориште, пред стрелање, а другите затвореници од него разбирале за станатото. Kога доаѓа решението за извршување смртна казна врз д-р Илија Чулев, интелектуалец и пратеник во собранието во Белград, исто и тој како Ристо е од Kавадарци, последните зборови се упатени кон неговиот бербер:
„Полека, полека бричи ме, последен пат да ги почувствувам светлината и топлината на сонцето.“ Страшните слики од затворскиот живот се редат како на филмска лента, на некаков филм со многу актери – многу добри и многу лоши ликови. Работата во туларница во Идризово и работата во „Препород“, како и условите во затворот, секојдневните измачувања, лошата храна и уште полошата хигиена, многубројните болест, се редат како на некоја бесконечна лента.
Kршење камен во логор во Босна
Еден ден, вели Темелко Нешков, дојдоа удбашите Ратко Пановски и Kиро Лулата, не собраа нас околу двесте души, н` наредија како стока во вагоните и н` однесоа во Добој да кршиме камен. Денес во Македонија многу малку се знае за Добој. Тоа мало место во Босна е свидетел на голготата на македонските вмровци, тоа е нешто како Голи Оток за вмровците. Сместени во три бараки, на речиси два километра од Добој, под нечовечки услови вадат камен, кој се носи за потребите на градежништвото. Таму командант е оној истиот Челикот, а убиството на невини затвореници е негова страст. Ги убива и ги остава на земјата за другите да гледаат и се плашат. Интересни сознанија Темелко добива од албанскиот интелектуалец и затвореник Kемал Аголи.
Тој му раскажал дека Страхил Гигов, Елисие Поповски и Видое Смилевски разработиле монструозна шема за ликвидацијата на македонските Бугари: „На секој што се чувствува Бугарин, да му бидат исфабрикувани обвиненија дека е ванчомихајловист или соработник на бившата бугарска царска власт. Поради тоа, Бугарија никогаш нема да протестира и да се стави во нивна заштита“. Со акт на помилување Темелко Нешков е пуштен од затвор на 29 ноември 1955 година. Оставен е во Скопје во парталави алишта и без чевли. Тогаш се јавува кај своите затворски пријатели, д-р Kочо Робев и д-р Васил Иванов.
Двајцата веќе се на слобода, му помагаат со пари, му купуваат облека и чевли, а ноќта ја минува кај, исто така затворски колега, Никола Попов. Интересни се имињата на докторите. Kочо Робев потекнува од големото и славно семејство Робевци, а во затвор е по некакви склепани и нејасни обвиненија. Очигледно е дека власта сакала да се ослободи од старата аристократија, која имала колективна меморија за минатото.
Д-р Васил Иванов е легенда самиот по себе. Анархист по убедување, завршил медицина во Берлин, личен пријател на Лав Троцки, осуден е заедно со д-р Тренчев поради меморандум до големите сили за состојбата во Македонија. Во затворот секогаш нагласува дека е по националност Бугарин, но неговата борба не е за националните, ами за човекови права и демократија, нешто за кое и денес Европа гледа на нас со сомневање. По пуштањето од затвор работи како лекар во поликлиника „Млин Балкан“ и умира во Скопје некаде во седумдесеттите години.
УДБА не го заборава и на работното место
Неполни две години по пуштањето од затвор, Темелко Нешков се жени со скромната Данка и го добива првото дете – ќерката Славица. Со тоа изгледа како успешно да го завршува животниот циклус. Но, не е така… новото време носи и нови искушенија… Темелко работи како дреар во МЗТ Скопје. Работата е пристојна, како и платата, но неговите пријатели го предупредуваат дека некои од колегите од МЗТ се соработници на УДБА и ги следат неговите држење и изјави. Значи, треба да внимава. Сега полицијата има друга тактика. Еден од началниците на УДБА во тоа време, Нацко Најдоски, по потекло од Ресен, тогаш на 35-36 години, доаѓа два пати во работните простори во „Металски завод – Тито“ и го сослушува. Доаѓа со џип и со милиционер како придружба, а сето тоа го гледаат вработените. Намерата е очигледна, се бара морална дискредитација на Темелко. Значи, или да се биде соработник или затвореник
На 3 октомври 1958 Нацко и Миодраг Kалиќ доаѓаат во домот на Темелко со решение за приведување и отворање нов судски процес. Тој е изведен од домот, а во негово отсуство, пред жената и неколкумесечното бебе, Нацко и Kалиќ вршат претрес во домот притоа расфрлајќи и уништувајќи го целиот скромен имот на малото семејство. Истовремено, Нацко Најдовски пред жена му Данка инсценира и подметнува докази, некаков коверт со непозната содржина, врз основа на кој треба да се водат истрагата и судскиот процес. По седум месеци го добива обвинителниот акт составен на три страници, каде што само пишува дека барал отцепување на Македонија од Југославија, дека е голем националист и антисрбин. Во актот се наведени и двајца сведоци, кои на судењето изјавуваат дека не го познаваат обвинетиот. Од затвор излегува на 3 октомври 1962 година, во, како што тој наведува, 14 часот. По излегувањето од затвор, Темелко се вработува во „Автокаросерија“, т.е. „ФАС 11 Октомври“. Веќе е сериозно болен. Долгото пребивање во затворите и нечовечките услови таму резултираат со заболување спондолитис бехтерев, тешка, речиси неизлечива болест. Незапирливо е дејствувањето на УДБА.
Нејзината оператива и најмените агенти – соработници, водат непрестајна евиденција за движењето и воопшто животот на Темелко. Цела „Автокаросерија“ знае кој е тој, за што е суден и за што лежел по затворите, па некои од вработените се трудат да му помогнат.
Македонија по 1972 година се „справува“ со либерализмот така што многубројните апсења и приведувања, како и монтираните судски процеси се секојдневие. На 10 февруари 1977 година службата на државната безбедност, олицетворена во началникот на УДБА, Иван Бабамов/ски, влегува во неговиот дом и го апси. Не само тоа, Бабамовски има наредба да го уапси и синот на Темелко, осумгодишниот Љупчо Нешков затоа што имал прохитлеровски пројави, т.е. наводно некаде поздравил со крената рака во стилот на „хајл“. Преселба во Белгија, па во Бугарија Темелко опстојно, речиси на цела страница се справува со ликот и делото на удбашот Иван Бабановски. Го опишува како бескрупулозен, безмилосен и готов да исполнува секакви наредби, независно од која и каква власт, само тој да биде во власта.
Просто, вели Темелко, не се знае колку зацрнети судбини на поединци и на цели семејства лежат на неговата совест. Бил поразен од фактот дека кога комисијата за лустрација го отворила неговото досие, Бабамовски дал изјава дека се борел против терористи слични на актуелната Ал каеда и дека без проблеми работи како професор на Факултетот за безбедност. Македонија веќе не е дел од Југославија, вели Темелко Нешков, но остана истиот режим, па така не пречеше агентите и убијците брзо да се преквалификуваат во кадри нужни и на новиот режим. Спознава дека за него нема веќе место во Македонија. Сфаќа дека или пак ќе биде затворен или просто ќе биде физички ликвидиран. Ги одбива сите врски и понуди од македонската, бугарската и со српската емиграција да побегне во странство. Веќе е постар и попаметен, па не сака да влезе во некоја од многубројните стапици на УДБА.
Случајно се запознава со некој Торбеш Насер (презимето до денес непознато), кој работи како ноќен чувар на бензинска пумпа на „Југопетрол“, тој му дава адреса на зет му Бафтијар (и тоа презиме не е напишано во книгата) во Виена, кој му ветува помош. Речено сторено. Темелко, под објаснување дека треба да се лекува, заедно со својата ќерка заминува за Виена каде што Бафтијар му се најдува во првите тешки моменти. Го сместува во хотел, му дава нешто пари, му препорачува да не бара азил во Австрија, туку да оди за Белгија. Добрите совети и скромните пари на прекрасниот човек Бафтијар ја определуваат судбината на бегалецот. Стигнува во Белгија и оттогаш натаму неговиот живот се движи по нагорна линија.
По извесно време во Белгија му се придружуваат и жена му Данка и синот Љупчо, а семејството живее со документи и помош од Kомитетот за бегалци на Обединетите нации. Фамозниот Иван Бабамовски ќе го направи последниот напор да не дозволи жена му и синот да заминат за Белгија, но тоа нема да му се оствари. По неколкугодишен престој во Белгија, поднесува барање и му е одобрено да се насели во Бугарија, онаа на Тодор Живков, онаа Бугарија која сите ние, па и авторот на овие редови ја презиравме. Меѓутоа, Темелко само таму може да биде слободен, само таму може да се ослободи од демоните во својот живот. Новото време и распадот на комунизмот тој ги пречекува како вовед во нов слободен живот, во ново време за неговото семејство. Оттогаш и почнува нашето познанство… Неговата обемна книга на речиси 400 страници изобилува со ликови, сознанија, но и документи и фотографии. Наредени едни до други, џелатите и жртвите, зборуваат за безумието на едно време, за непотребното насилство врз немоќните и невините, за владеењето на титоизмот како култ со кој уште не сме се справиле. Треба да ги одминеме сите Темелко Нешковци, сите Нацковци и Бабамовци… да ги одминеме, но да не заборавиме. Секој да си добие според заслугите, а новите генерации само така ќе ја сфатат суштината на слободата и демократијата за која жеднееле безбројните жртви во Титовите казамати.
„НЕМА РАЗДЕЛБА“, КЛЕТВА ЗА ВЕРНОСТ КОН ИДЕАЛИТЕ НА СИТЕ ШТО УМРЕА ЗА МАКЕДОНИЈА
За разлика од досега издадените книги во Скопје за судените за Македонија, во кои се истражуваат архивски материјали, книгата на Темелко Нешков е исповед во прво лице. За неправедноста на обвинението кон него Темелко Нешков пишува: „Сите ние одговараме за едно исто дело, еден и ист идеал пламтеше во нашите души. Идеалот на Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев не вдахнуваше и кога креваа рака на нас, едно беше јасно-тие умираа по втор пат…“.
Во книгата се споменуваат стотици имиња на луѓе судени, затворани, мачени за истото обвинение. Тука се имињата на Методи Андонов-Ченто, Кемал Аголи и други. Лазар Мојсов, како што сведочи Нешков, не се смилувал над овие чесни мажи. Тројца од нив Ангел Мишев, Живко Илиев и Сарафко Гелев добиваат смртни пресуди, кои биле извршени. Останатите се осудени на 20, 18, 15, 12 и 10 години. Овој трагичен крај буди емотивен излив кај авторот. „Ангел Мишев, Живко Илиев, Сарафко Гелев…Од овој момент црната провалија на смртта не раздели бесповратно. Останаа тешките мисли и недоречените зборови. Остана неможноста за братска прегратка на разделбата, остана неостварени нашите соништа…Вашите очи, макар и затворени ќе гледаат низ нашите…Разделба нема и во тоа е силата на Македонија“.
НЕШКОВ ЗАЕДНО СО ДРУГИ БУГАРСКИ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ ПОТПИШУВА ПИСМО СОФИЈА ДА ЈА ПОДРЖИ МАКЕДОНИЈА НА ПАТОТ КОН ЕУ
Пред речиси две години десетина бугарски интелектуалци и политичари потпишаа писмо со кое бараат Софија да го поддржи почeтокот на преговорите со Македонија за членство во ЕУ. Еден од потписниците е и Темелко Нешков. Писмото е испратено до претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев, и до премиерот Пламен Орешарски.
„Имајќи го предвид историскиот момент за развој на Балканот како рамноправен дел од ЕУ, сметаме дека Бугарија носи огромна одговорност за мирот, безбедноста, развојот и перспективите на регионот.
Kатегорично бараме Бугарија како суверена држава членка на ЕУ да ја поддржи Република Македонија за почеток на преговорите за пристапување кон заедничкото европско семејство“, се наведува во писмото со продолжение: „Поддршката за Македонија е поддршка за демократизација на целиот регион. Бугарското ’не’ за отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ е катастрофално за националните интереси на Бугарија. Ново ’не’ за преговори е ’да’ за враќањето на регионот во времето пред 100 години кога Балканот беше буре барут на Европа, а Македонија јаболко на раздорот “.
ЕВРОПСКИ РЕЗОЛУЦИИ ПРОТИВ КОМУНИЗМОТ ИГНОРИРАНИ ОД СДСМ
Не помагаат тука никакви комисии, никакви лустрации, никакви јавни осуди. Идеолошките и националните злосторници, како и убијците врз невините луѓе, секогаш ќе најдат објаснување и оправдување за своите злодела. За да се има европски вредности, треба да се има европски критериуми. Советот на Европа има донесено две резолуции за осуда на нацизмот и комунизмот, а втората, бр. 1481, е резолуција со која стриктно се бара бившите комунистички држави да го осудат комунизмот како насилство и нечовечен режим. За втората резолуција во Советот на Европа, од сите делегации не гласаше само делегацијата на СДСМ од Македонија, а таа резолуција никаде не може да се најде преведена на македонски јазик.
Тука некаде во таа резолуција треба да се затвори несреќната судбина и животниот пат на Темелко Нешков. Не комисијата за лустрација, туку државата да заземе став и позиција за несреќните судбини од комунистичкото владеење, за жртвите на УДБА и на една непринципиелна просрпска и болшевичка политика, полна со исклучивост, нетрпение и насилство кон поинаку мислечките во с` уште непринципиелно фалениот, наводно хуман Титов режим. Само така новите генерации ќе ја спосознаат слободата.
Извор: ДневникУпорниот фантаст Темелко по неколку дена пак бега во партизани за конечно таму да остане до крајот на војната и по неа. Во штипската касарна ја дож

Пронајдете не на следниве мрежи: