Фестивалот на книжевни ѕвезди „Букстар“ – Во знакот на жените

18 октомври 2016, Скопје – Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува второто издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 24 октомври до 11 ноември 2016 година. Под слоганот „Симни ми ѕвезда“, фестивалот оваа година е во знакот на жените. Пред домашната публика ќе бидат претставени четири исклучителни писателки од Европа, една македонска писателка од новиот бран, антологија на современите македонски поетеси, антологија на најубавите песни од европски авторки, а книжевната трибина, исто така, е посветена на оваа тема. 
Годинашното издание на фестивалот, всушност ќе биде уметнички изблик во целост. Свое место во програмата, покрај книжевните промоции, заземаат и десетина концерти и настапи на познати бендови, но и друг вид млади уметници, сценски перформанси, дебати, креативни детски работилници, филмски проекции, иако фокусот останува на книжевноста, како на европската така и на македонската.
И оваа година организаторите на фестивалот ќе се обидат да ги доближат домашните и странски ѕвездени имиња до публиката и на тој начин да ги исполнат желбите на читателите „гладни“ за квалитетна литература и на најубав начин да ја продлабочат соработката и двонасочната културна размена меѓу Македонија и Европа – преку литературата.
– Мотото „Симни ми ѕвезда“ ја прикажува литературата како нешто најдлабоко и облагородувачко во нашите животи. Ѕвездите се симбол на копнежот по љубовта и по возвишеното. „Симнувањето ѕвезди“ е човечки обид да се спојат земското и вонземското, телесното и духовното, и во буквална и во метафорична смисла – велат организаторите. Фестивалскиот слоган е инспириран од хаику поезијата на македонскиот поет Никола Маџиров.
Програмата на фестивалот, распоредена во три недели, е симбиоза на настани за сечиј вкус.
Главна програма
Во фокусот на фестивалот и оваа година ќе бидат гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела.
„BookStar“ ќе биде отворен на 24 октомври, со почеток од 20 часот, во Јавна соба, со промоцијата на романот „Холандска девица“ од холандската писателка Маренте де Мор, добитничка на престижната Награда за литература на Европската Унија. Преводот на романот го направи Ели Пујовска, а ќе го промовира Александар Прокопиев.
Бестселерот „Убиство во хотел Босфор“ од турско-германската писателка Есмахан Ајкол ќе биде промовиран на 31 октомври. Преведувач на ова дело, кое ќе го промовира Владимир Мартиновски, е Тулај Сефула.
На 2 октомври, ќе бидат промовирани биографските приказни „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“ од полската писателка од еврејско потекло Агата Тушињска.
Промоторка на двете дела, во превод на Милица Миркуловска, ќе биде Соња Стојменска-Елзесер.
Романот „Елиза на единаесет години“ од романската писателка Дојна Рушти ќе биде промовиран на 8 ноември. Промотор на делото ќе биде Ермис Лафазановски, а преведувач е Александра Каитозис.
Сите дела ќе бидат промовирани со присуство на авторките.
Овие настани се одржуваат во Центарот за дизајн и иновации Јавна соба од 20 часот.
Македонска поддршка
И оваа година во рамките на фестивалот ќе ѝ биде отстапено место на македонската книжевност. Промоцијата на еден редок книжевен жанр – научната фантастика, односно првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“ под наслов „На работ од времето“ од Моника Трајковска, ќе се одржи на 4 ноември.
Во префинетото друштво на дами ќе се најде и поетската збирка „љубавина“ на еден од омилените млади македонски поети, Ѓоко Здравески. Неговата книга ќе биде промовирана на 9 ноември во Менада, во off-програмата.
Специјални настани
На второто издание на фестивалот „BookStar“ ќе бидат промовирани и две антологии посветени на женското писмо, т.е. на женската поезија.
На 28 октомври, со почеток од 19 часот, во Јавна соба ќе биде претставена книгата „Ова е моето последно молчење“, антологија на поезија од современи македонски поетеси. Приредувачки на делото се Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а ќе го промовира Весна Мојсова-Чепишевска.
Финалето на фестивалот е промоцијата на антологијата „Што си ти?“, која ќе се одржи на 11 ноември, со што и официјално ќе биде спуштена завесата на „BookStar“ 2016. „Што си ти?“ е избор од најубавата поезија од европски авторки, направен од страна на соработниците и пријателите на издавачката куќа „Антолог“ специјално за второто издание на фестивалот. Промоторка на оваа несекојдневна антологија ќе биде Оливера Ќорвезироска.
ул. „Ѓорѓи Пулевски“ 29 лок. 1 Скопје
[email protected]
тел. / факс 3201-007
www.bookstar.mk
Трибина
На 3 ноември во 17 часот во ЕУ Инфо центар ќе се одржи трибина на тема „Нивната страна од (и)сторијата“, на која ќе учествуваат неколку уметници, преведувачи, новинари и книжевни работници од Македонија, како и писателките гостинки Агата Тушињска и Есмахан Ајкол. Модератор на трибината ќе биде Маријана Јанческа, а во фокусот ќе биде ставено женското писмо, со акцент на оној цитат дека „во поголемиот дел од историјата жените беа анонимни, обезгласени…“
Книжевно кафе
За да можат читателите одблизу да ги запознаат писателките во релаксирана атмосфера во Книжевниот центар „Антолог“ ќе се одржува Книжевното кафе, каде што сите љубители на книжевноста ќе имаат можност лично да земат потпис и да поразговараат со гостинките на фестивалот – Маренте де Мор, Есмахан Ајкол, Агата Тушињска и Дојна Рушти. Нормално, „Антолог“ ќе се погрижи за освежувањето со кафе и со колачиња.
Детска програма
Во годинашната програма на фестивалот „BookStar“ е оставен значаен простор и за најмладите, преку настани на кои децата ќе имаат можност да научат да изработуваат оригами и обележувачи за книги, како и да ги слушаат најубавите приказни во интерпретација на македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска.
Музичка програма
Фестивалот годинава донесува навистина квалитетна и богата музичка програма во речиси сите фестивалски денови. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на: „The Hounds“, Марко Настиќ (во чест на 1. роденден на Јавна соба), „ОК бенд“, „Перија“, „Dead Poets Society“, ДЏ Аутмајнд, Теа Шалдева, „љубавина бенд“, „Мамас“ и големо финале со „Летечки пекинезери“.
Филмска програма
Во филмската програма, во соработка со Ѓорѓи Пулевски и ККСК, ќе бидат прикажани филмовите „Самурај“ (1 ноември) и „Не сум таму“ (5 ноември).
На филмските проекции, како и на сите други фестивалски настани влезот е бесплатен, а вратите се  отворени за сите искрени вљубеници во уметноста на пишаниот збор.
Втор саем на европската литература
За време на „BookStar“, сите наслови од европски автори во Книжевниот центар „Антолог“ ќе сепродаваат по саемски цени.
Официјалниот фестивалскиот спот https://youtu.be/vkcwxpOF7w8 го изработи Александар Котевски. Фестивалската мелодија е дело на Алмир Бајрамоски и Тони Арслан.
Фестивалот „BookStar“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба.
Време е да се подготвите за вистинско уметничко доживување, да се препуштите на сетилата и да дозволите да ве понесе атмосферата на фикционалните светови исполнети со аудио-визуелни сензации на духот и умот.
Ве очекуваме во светот на уметноста од 24 октомври до 11 ноември.
Следете нè на:
Facebook
Twitter
Instagram
Youtube
 
  
Годинашното издание на фестивалот, всушност ќе биде уметнички изблик во целост. Свое место во програмата, покрај книжевните промоции

Пронајдете не на следниве мрежи: