Тргнале да загинат за Крушево да преживее. Нивната смрт, нивната жртва, на крушевчани им донела живот. Тоа е приказната за битката кај местото Слива, која, заедно со таа на Мечкин Камен, е една од најтешките во периодот на Илинденското востание, кога со последните сили се бранела Крушевската Република пред нејзиниот крај, на 12 август 1903 година. Педесетина востаници му се спротивставиле на неколкуилјаден турски аскер со едноставна цел – да го задржат што подолго, додека населението и главниот штаб се повлечат во збеговите во местата Осој (кај селото Зашле) и Крушка (близу селото Пуста Река). Гинеле еден по еден, речиси до последен човек, само за со своите животи да купат неколку часа во кои остатокот од градот ќе се спаси.- Треба почесто да си го поставуваме прашањето што ќе се случеше ако востаниците на Слива не ги дадеа своите животи, не ги положеа на тој олтар – вели историчарот Зоран Богевски, директор на Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република во Крушево. А што ќе се случеше? Османлиите во Крушево ќе начекале преполн град со жители, млади, стари, жени, деца, борци и цивили… Ќе немале милост. Голем дел од денешните крушевски семејства и воопшто луѓе со крушевско потекло, немало да постојат. Ова е едно од ретките борбени дејства од илинденската епопеја, од кое има материјален, опиплив ефект и денес, во форма на живи потомци на спасените крушевчани. Сепак, ова е историски настан од врвно значење за кој Македонците не се сеќаваат дали го учеле на училиште, дали слушнале за него од медиумите или го виделе на филм, а многумина не знаат ниту дека се случил.
На крушевските гробишта, поминувајќи меѓу гробовите на Тоше Проески и на Питу Гули, па покрај партизанската алеја и низ многу други гробови, намерникот одвај ќе ја најде заедничката гробница на 44-те комити паднати на Слива. Автобусите од училишните едукативни екскурзии низ Македонија се редовни во Крушево, но не ги поминуваат петте кривулести километри до Слива, на порано прометниот трговски коридор меѓу Крушево и Кичево, а денес полуасфалтиран пат по кој поминуваат одвај пет-шест возила на час. Политичарите положуваат венци на петметарскиот споменик „Востаник со испружена рака“ на местото на крвавата битка, што личи на подрасцепен камен обелиск, изграден во минималистички стил, во духот на времето кога е подигнат (1963 година). Но тоа се случува наутро, часови пред свечените говори на Мечкин Камен и директните преноси од нив.
Историчарите немаат објаснување зошто Мечкин Камен добива многу поголемо внимание од Слива. Во двете битки имало речиси ист број востаници, кои се спротивставиле на аскери повеќебројни за десетици пати, во едната борците отишле да загинат за други да се повлечат, а во другата биле опколени и нападнати додека се повлекувале. Но тие имаат две работи да порачаат: Слива мора да си го заземе вистинското место во колективната меморија на Македонецот исто како и Мечкин Камен и тоа не смее да се направи на начин што би создал ривалство околу тоа која од двете битки е поважна.
НЕОЧЕКУВАН НАПАД ОД КИЧЕВО
Крушево било напаѓано и успешно брането дури осум од десетте слободни дена, истакнува директорот на музејот, Богевски. Горското начелство, предводено од Никола Карев, претседателот на Републиката, знаело со што се соочува. Бахтијар-паша, познатиот скротувач на востанијата во Босна и во Косово, веќе бил во Пелагонија. Востаниците одржале две советувања. Прво решиле да се бранат. Потоа барале начин како да се повлечат. Се појавиле две струи. Првата, која ја поддржал Карев, препорачувала повлекување, со што помал број жртви и помали загуби. Питу Гули, пак, сметал дека без смрт нема слобода, барал борба до крајот. Донеле одлука да се подготват ровови на стратегиските позиции. Меѓу другите места, и на Слива, висока ливада меѓу два рида, одлична позиција за бранење од евентуален напад од Кичево, иако не се верувало дека Турците ќе тргнат низ тој тежок терен, кога веќе имале полесен пристап од Пелагонија. Дваесетилјадна турска војска го сардисувала градот. Бомбите на непријателот веќе паѓале. Се чекала неговата чизма. И таа дошла токму од најнеочекуваното место.
– Командантот на кичевската касарна, чие име се знае, се покажал како најамбициозен. Веројатно сакал да го претекне Бахтијар-паша во задушувањето на востанието и со тоа да добие поголем углед кај султанот Абдул Хамид и подобро место во турската администрација. Во тој момент ситуацијата налагала само едно – да се жртвуваат одреден број луѓе за да се спасат преостанатите – додава Богевски. Тешка одлука, смета тој, но неопходна. И не била донесена само за Слива, туку за секаде каде што ќе се појави потреба. Тодор Христов, офицерчето, човек со солидно војничко искуство, како офицер во бугарската армија (инаку Македонец) имал формирано одред, од кој подоцна било издвоено едно одделение за да се прати на Слива. Се вели дека биле главно млади момчиња од 15-16 години, иако од оние на кои им е потврдена возраста, најмладиот бил 18-годишник. Ѓорѓи Стојанов, крушевчанец по потекло од Арилево, бил на чело на одредот, заедно со Диме Смугрев, полскиот цар. Тие ги предводеле востаниците на Слива.
ЧАСОТ Е ВЕЛИК
Слива е како порта. Највисока точка на излезот од Крушево кон Кичево, меѓу два рида, на висина од 1.357 метри. Денес е опколена со зимзелена шума, но неа тогаш ја немало, засадена е во 1930-тите години. Лесно се препознава зашто токму тука било решено да се запре аскерот. Вкопани во рововите, востаниците имале прегледност, биле во висинска предност и не можеле да бидат заобиколени. Значи, педесетина комити и теренот во сојуз против аскерот. Колкав аскер? Податоци на Интернет велат околу 3.000, дури и попрецизно 3.080, но борците имаат посликовит опис.
– Еден од преживеаните раскажувал дека кога се појавила главата на аскерот пред нив, на околу 500 метри, опашката сѐ уште била на ридовите кај Пуста Река, што е 5-6 километри воздушно – пренесува Богески. „Браќа, часот е велик“, со овие зборови водачите им се обратиле на борците. „Врагот е пред нас. Но и примерот за саможртвување и готовноста за борба до смрт е пред нас. Нека докажеме дека сме корави Македонци, упорни борци и доблесни синови на родината. Од височините на Бела Вода (врвот над Слива), Македонија ќе го гледа нашиот подвиг“. Последни зборови пред судната битка. Турците дошле. Не се знае дали биле изненадени од огнениот пречек. За жал, оружјето на востаниците било со краток дострел, пушките не дофрлале до точката од каде што се појавувал аскерот. Морале да го чекаат повеќе да се доближи. Војводата Ѓорѓи Стојанов се сместил во средината на ровот. Прва доаѓала коњаницата. Наредил десната страна да пука во коњите или во нивните нозе, а левата во јавачите, меѓу срцето и главата. И да се стрела исклучиво во месо.
Битката почнала. Кога полетале првите куршуми, Османлиите застанале. Повикувале на борба гради в гради, нож на нож. Но не им паѓало напамет на комитите да излезат од рововите. Им порачувале да се предадат, ветувајќи им милост од султанот. Добивале одговор во куршуми, пцости и во патриотски песни. Тогаш Турците тргнале напред. Борбата се разжестила. Паѓале една по една жртва. Други одреди доаѓале на помош. Општата препорака била секој да се вклучи каде што ќе види борба, но кога состојбата ќе станела невозможна, да се искористи шансата за повлекување. Овде повлекување немало. Од одредот успеале да се спасат одвај десетмина. Турски коњаник дојавал до ровот. Го исекол Ѓорѓи Стојанов со сабја. Цветко Стојчев, еден од најистакнатите комити, го убил убиецот на војводата и загинал од пешадиски куршум. Паднал и полскиот цар Диме Смугрев.
Паднале над 40 востаници. Турците, изненадени од нивната храброст и пожртвуваност, застанале кај рововите да им оддадат почит, со стрелба во воздух. Дури пет дена по битката, Бахтијар-паша им дозволил на крушевчани пристап на Слива. Телата биле полураспаднати поради августовското сонце, распарчени од диви животни и од гаврани, не можеле да се препознаат, освен по облеката или по некои други белези. Бил направен заеднички погреб во Крушево. Но, некои останале да почиваат на Слива, на местото каде што создале историја за себе и иднина за градот.
ПОТОМЦИТЕ МЕЃУ ГОРДОСТА И БОРБАТА ЗА АФИРМАЦИЈА
Можеме само да претпоставуваме дали ќе беше возможно денес да стоиме кај споменикот на Слива и да разговараме со Аница Стојановска, потомок на семејството на војводата Ѓорѓи Стојанов, ако тој и неговите востаници не се жртвуваа. Или со Лекса Преш, која ја сретнавме на гробот на нејзиниот прадедо Косту Лапе, еден од најистакнатите востаници загинати на Слива, познат и по тоа што неговата куќа била леарница за оружје. Среќни и горди на своите предци, тие сепак беа изненадени дека некој се интересира за битката кај Слива, зашто тоа, наместо нормална работа, е реткост. Не се задоволни од нејзината афирмираност.
– Многу малку е вложено во афирмацијата на битката кај Слива. Од книгите што јас ги имам прочитано, таа била потешка од битката на Мечкин Камен. Потребен е поголем медиумски интерес, повеќе историски истражувања, но и посилен ангажман на државата. Нас како семејство многу ни значи што сме потомци на еден од борците што загинале за Македонија и ни оставиле завет и понатаму да ја браниме – вели Лекса Преш.
Возбудено чекорејќи покрај споменикот, Аница Стојановска ни ја пренесе гордоста на целото нејзино семејство со оставината на војводата Стојанов и на неговите борци, кои, како што истакна, жестоко му се спротивставиле на непријателот и достојно го дале својот живот за Крушево и за Македонија. Тој загинал млад, немал свои деца, но и покрај тоа, вели Стојановска, голем број луѓе го почитуваат како предок.
– Со голема гордост нашето семејство доаѓа овде на Илинден да положи цвеќе. Но местово треба да се уреди поубаво. Без големи инвестиции, скромно, каков што бил и војводата, но подостоинствено – додава Стојановска.
Директорот Богески препорачува барем да се стави нова табла, со имињата на сите познати паднати борци. Сега има едноставен натпис: „Далеку од слободата и неразделни од неа, овде паднаа 40 херои на Илинден“. Воено-технички гледано, Илинденското востание е поразено. Неговата големина се состои во националниот мит што го создаде, кој беше темел на подоцнежното ослободување на Македонија.
Но, борците кај Слива тргнале со конкретна цел и ја оствариле во целост. Ќе беа поразени само ако не го спречеа аскерот да дојде до населението. Затоа, од кој било агол да се гледа Илинденскиот период, тие секогаш ќе останат победници.
Извор: maked0n4e.blogspot.mk- Треба почесто да си го поставуваме прашањето што ќе се случеше ако востаниците на Слива не ги дадеа своите животи, не ги положеа на тој олтар – в