Во Солун била првата македонска печатница

Долго време требаше да помине од појавата на првата печатарска машина на Гутенберг (Мајнц 1445 г.), додека во Македонија не се отвори првата печатница и не се испечати првата книга. Отворањето на Првата македонска печатница на Теодосиј Синаитски во XIX век во Солун, преставува историски настан кој има огромно значење за националната и културната преродба на Македонците. Солунската печатница остави неколку значајни дела на македонски јазик кои имаат клучна улога во борбата против елинизацијата на македонскиот народ.По укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, Цариградската патријаршија започнува елинизација во Македонија. Насекаде се поставуваат Грци за свештеници или гркомани, кои го воведуваат грчкиот јазик во богослужбата. Започнува уништување на црковните книги напишани на старословенски јазик и воведување на грчката богослужбена книга. На ваквата политика се спротивставуваат зајакнатите македонски трговци и занатчии кои бараат возобновување на Охридската архиепископија, како и свои свештеници, училишта, учители и книги.
На почетокот на XIX век, Солун станува главен духовен центар на македонскиот народ во борбата против елинизацијата која ја спроведува Цариградската патријаршија. Младата македонска граѓанска класа, наоѓа поткрепа меѓу свештениците и калуѓерите од Светогорскиот манастир на полуостровот Атон, особено во Зографскиот манастир во кој било отворено ќелијно училиште на црковнословенски јазик. Македонските свештеници и калуѓери помагаат при отварањето на првите македонски народни училишта, во кои учебниците се црковните книги, часословот, псалтирот и октоихот, кои свештениците, калуѓерите и учениците по ќелијните училишта ги препишувале по манастирите. Некои од нив напишани на македонски народен јазик, подоцна ќе бидат отпечатени во печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун.
Веќе во триесетите години на XIX век македонскиот народ имал свое ќелијно училиште во Солун. Меѓутоа потребата од печатени книги на македонски народен јазик била неопходна за да се истисне грчката книга од македонските училишта и цркви. Дојранчанецот Теохар, подоцна познат под монашкото име Теодосиј Синаитски, ги поставува основите на македонското печатарство и ги подготвува условите за национална и културна преродба на македонскиот народ.
Улогата на Теодосиј во ширењето на просветата и културата, преку печатење и издавање на книги на македонски народен јазик со кирилско писмо е од огромно значење за македонскиот народ. Нагласувајќи дека ,,народниот јазик е клуч од железо и челик, што го отвора срцето на простиот човек за да ја прифати светлината на знаењето“, Теодосиј широко ги отвара вратите на македонската книга и овозможува да ги надвладее грчките книги во севкупниот живот на македонскиот народ.
Интересна е животната сторија на првиот македонски печатар Теодосиј Синаитски. Според народните преданија тој е роден како Теохар околу 1790 година во Дојран. Учел во грчки школи во Цариград, а откако ги свршил тогашните ќелијни, старовременски школи, Теохар се вратил во Дојран, каде се запопува. Таму останал се до смртта на својата попадија, а потоа барал манастир низ цела Македонија каде би се закалуѓерил.
Наместо да се смири во Македонија, која тогаш била под двојно ропство, световно под Турците и духовно под Грците, околу 1827/28 година Теохар желен да се посвети на бога заминал на полуостровот Синај (денешен Египет), веројатно во тамошниот манастир „Св. Катерина“. Во овој манастир, уште од XI век постоела бројна колонија на македонски калуѓери. Теохар таму стапил во калуѓерскиот ред добивајќи име Теодосиј, а подоцна поради заслугите што ги имал за манастирот Теодосија бил избран за старешина, архимандрит. Во спомен на престојот во манастирот на Синај, Теодосија кон своето име го додава зборот Синаитски. Под ова име, тој подоцна ќе ја започне својата културно – просветна работа. Додека престојува на Синај, во богатата манастирска библиотека Теодосиј се сретнува со бројни старословенски ракописи. Иако е грчки воспитаник, тој ја изучува словенската писменост и набргу преведува од грчки на македонски јазик разни молитви и потребни богослужбени текстови. Своите преводи им ги испраќал на своите синови и пријатели во Дојран. Така започнала неговата преведувачка дејност и борбата против богослужењето на грчки јазик во македонските цркви.
Откако станал архимандрит, Теодосија го посетил Ерусалим, каде се здобива со титулата хаџија, а истовремено имал можност да ги прегледа и старословенските ракописи. По неколкугодишен престој во синајскиот манастир, Теодосија доаѓа во Солун. Во 1831 година тој служи во тамошната црква Св. Мина словенска богослужба за македонската колонија. Истовремено тој бил застапник на синајскиот манастир и како негов таксидиот, патува по Македонија и собира милостина за манастирот.
На своите патувања по Македонија, Теодосија се запознал со голем број познати луѓе. Некои од нив подоцна кај него ќе ги печатат своите дела. Истовремено, тој осознава дека народот има потреба од македонска книга, со која ќе може да се исфрли грчкиот јазик од школите и црквите, како и да се воведе македонскиот јазик во просветните институции и во богослужбата. Црковните преписи, скап и долготраен процес, неможеле да го надоместат недостигот од учебници на македонски јазик. Книгите пак кои се печатеа во Будим, Виена, Белград и на други места беа скапи. Оттука, потребата од македонска книга била огромна.
Изборот каде ќе се постави печатницата, по игра на случајност паднала во Солун, во градот каде пред еден милениум Солунските браќа го запалиле факелот на сесловенската писменост. Во овој период Солун бил важен економски центар кој имал широки врски со цела Европа. Во градот во кој богослужел Теодосиј Синаитски и во кого сеуште постоела значајна македонска заедница, во првата половина на XIX век никна и првата македонска печатница. Честопати отварањето на Солунската се поврзува со затворањето на печатницата во Ваташа.
Според оваа верзија, Теодосиј Синаитски со помош на тиквешанецот Даскал Камче, кон 1836 година отворил печатница во селото Ваташа, Кавадаречко, а кон 1838 ја пренел во Солун, снабдувајќи ја со потребните кирилски букви. Исто така народните преданија говорат дека Теодосија Синаитски по добивањето на согласност од солунскиот митрополит, односно од цариградскиот патријарх, некаде меѓу 1835 и 1838 година ја отворил  првата македонска печатница, а потребниот материјал за печатницата бил набавен или изработен од некој Евреин од Русија, кој тогаш живеел во Солун.
Врз основа на најстарата зачувана книга испечатена во печатницата на папа Теодосиј, се верува дека солунската печатница почнала со работа во 1838 година. Меѓутоа, некои информации кои постојат од тоа време, наведуваат дека печатницата почнала со работа година дена пред тоа. Таа работела кратко време и откако испечатила три книги, печатницата на Теодосиј изгорела во големиот пожар кој ја уништи целата солунска чаршија кон крајот на 1839 или почетокот на 1840 година. Набргу потоа, со материјална помош на Кирил Пејчиновиќ, Теодосиј Синаитски ја обновува печатницата и започнал со печатење на нови книги.  Но, уште еднаш печатницата страда од пожар кој го зафаќа крајот каде била печатницата. По овој пожар, печатницата не е обновена и тој дефинитивно става крај на нејзината работа. Кога се случил пожарот, точно не е познато, но постојат зачувани материјали печатени во 1841 година.
Рускиот научник, доцентот на казањскиот универзитет Виктор И. Григорович, кој ќе одигра видна улога во македонската преродба, а кој престојува во Солун во 1844/45 година, категорично ги дава годините кога печатницата на папа Теодосија Синаитски проработила и кога престанала, односно кога изгорела. Во едно негово писмо од јули 1848 година, тој пишува дека солунската печатница била основана во 1835 година, а изгорела во 1842 година.
Набргу потоа, околу 1843/44 година Теодосија Синаитски умира во Дојран во трагични околности. Постојат неколку верзии за неговата смрт. Според првата верзија, Теодосија по пожарот на печатницата, заморен и остарен, без изгледи да добие нова помош, се повлекол во родното место, каде работи како воденичар. Умира во зимата, кога покривот на воденицата попушта под тежината на снежните маси и го поклопува стариот печатар. Друга верзија говори дека умирел додека работел во воденицата. При налет на силни порои, водата го однела в езеро стариот печатар и целата воденица. И третата верзија на смртта зборува за трагичен крај на Тедосиј Синаитски. Спред неа, Теодосиј го поклопила некаква стена што се одронила, а стариот печатар немал време да се тргне и така завршил со својот живот.
Печатницата на Теодосија Синаитски во Солун додека работела, отпечатила неколку книги меѓу кои:  „Служение еврејско“, „Утешение грешним“ од Кирил Пејчиновиќ, „Началное учение“ од Натанаил Зографски, „Кратко описание на дваесетте манастири на Света Гора“, „Речник од три јазика“. Теодосие е автор на краткиот предговор кон книгата „Утешение грешним“ на Кирил Пејчиновиќ.
(извор: Х. Поленаковиќ – „Никулците на новата македонска книжевност“, Скопје, 1973)По укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, Цариградската патријаршија започнува елинизација во Македонија. Насекаде се поставуваат

Пронајдете не на следниве мрежи: