Присоединувањето на Пиринскиот крај кон НР Македонија е пред се работа на самите Македонци

Говор на Георги Мадолев при отварањето на „Обласниот македонски народен театар“  во Горна Џумаја (Благоевград) на 7 ноември 1947 година
 По Втората светска војна, на 9 август 1946 година е одржан X проширен пленум на ЦК на БРП (к), на кој се донесени и решенија за македонското прашање. Во донесената резолуција на тогашната бугарска власт по однос на македонското прашање стои како прво дека: „основниот дел на македонскиот народ се има организирано државно и национално во рамките на ФНР Југославија како Народна Република Македонија, аобединувањето со другите делови на македонскиот народ престои да се изврши врз база на македонската Народна Република во рамките на ФНРЈ.“ Како второ во резолуцијата стои дека: „БРП (к) смета дека е неопходно да ги подготви условите за ова обединување, зошто присоединувањето на Пиринскиот крај кон НР Македонија е пред се работа на самите Македонци, но и општа задача на Отечественофронтовска Бугарија и на ФНР Југославија. И како трето БЕП (к) сметала дека: „ неопходно во периодот до присоединувањето на Пиринскиот крај кон НР Македонија (е) систематски да се работи на културно зближување на македонското население од тој крај со НР Македонија….“
Со оваа резолуција, Македонците од Пиринскиот крај ќе добијат културна автономија. Македонскиот литературен јазик и националната историја биле воведени во образованието, а околу 30 000 ученици биле опфатени со наставата на македонски јазик. Освен месниот наставен кадар биле испратени учители од НР Македонија. Во 1947 година во Горна Џумаја (денес Благоевград) биле отворени првата македонска книжарница и македонска читална, а нешто подоцна и обласниот Македонски народен театар. Почнале да се печатат весници на македонски јазик ( “Пиринско дело“ и др.) и биле основани македонски литературни кружоци и културно – уметнички друштва.
 
На 7 ноември 1947 година се отворил првиот професионален Областен македонски народен театар во Горна Џумаја, што претставувал извонреден културен и политички настан. Тој се надоврзувал на напорите на македонскиот народ од подалечното и поблиското минато за театар на свој мајчин јазик и за свое театарско дело.
На свеченото отворање присуствуваа, покрај претставниците на општествено-политичкиот и културен живот од Областа, и гости од НР Македонија како и претставници на Националниот комитет на ОФ и Сојузот на артистите на Бугарија. Претседателот на Обласниот комитет на Отечествениот фронт Георги Мадолев со пригодни зборови го поздрави отворањето на театарот. Весникот „Пиринско дело” од 20 ноември 1947 година, објави извадоци од поздравните говори на македонски јазик.
Говор на Георги Мадолев при отварањето на „Обласниот македонски народен театар“  во Горна Џумаја
 
„На денот на триесетгодишнината од Октомвриската социјалистичка револуција, нашиот град Горна Џумаја, заедно со целиот Пирински крај на Македонија празнува една голема културна победа, отворање на наш сопствен Областен македонски народен театар.
Отварањето на театарска сезона секогаш е важен културен настан во општествениот живот, што се очекува со повисок интерес од културната јавност. Но, ние оваа вечер не само ја отвораме театарската сезона, туку и почеток на нашиот македонски театар кој никогаш не сме го имале и за кој не можевме ни да мечтаеме.
Нашиот Областен македонски народен театар ја започнува својата дејност и театарската сезона со македонската пиеса „Печалбари” од Антон Панов, на македонски јазик, во која се одразува битот на нашиот македонски народ и фактот што пиесата се игра на македонски јазик, јасно зборува за карактерот на нашиот Областен театар и за неговата важна улога во политичкиот, културниот и национален развиток на Пиринскиот крај на Македонија.
Со историската народна победа на 9 септември 1944 година, условите на живеење на македонскиот народ од Пиринскиот крај на Македонија од корен се изменија. Ние денеска не само сме слободни граѓани на НР Бугарија туку и благодарејќи на правилната национална политика на Отечествениот фронт, ги имаме сите потребни услови за изградување на наша македонска национална култура, за подигање на нашето македонско национално сознание.
 
Силен фактор за подигање на националната македонска свест во нашиот град од Горноџумајската област претставува расцутот на националната култура на нашите браќа од НР Македонија. Воопшто, создавањето на НР Македонија во рамките на ФНР Југославија, е крупен факт во историјата на нашиот македонски народ. Ние Македонците имаме призната македонска држава во братското семејство на Нова Титова Југославија, чии постигања не инспирираат и нас Македонците од Пиринскиот крај. НР Македонија и националната култура на македонскиот народ, што брзо се развиваат, му даваат импулс на политичкиот и културниот живот во Пиринскиот крај на Македонија.
Другари и другарки, пред нас стои сериозната задача да ги следиме нашите браќа од НР Македонија во секој поглед за да се доближиме до нив и за да создадеме услови за политички, културен и национален живот.
Денешните услови се особено благопријатни за остварување на идеалите на нашиот македонски народ, идеалите на Гоце Делчев, Јане Сандански и другите македонски револуционери, зашто на местото на непријателските држави Бугарија и Србија, денеска имаме братски републики НР Бугарија и ФНР Југославија, кои се поврзани на живот и смрт и решени заедно да се борат за зачувување на слободата и независноста на.своите народи.
Ние Македонците сме среќни што Македонија од јаболко на раздорот, денеска претставува обединувачка врска меѓу нова Димитровска Бугарија и Титова Југославија.Судбината на нашиот македонски народ е во нашите сопствени раце и ние нема да дозволиме на наша сметка одново да војуваат братските народи.
Ние Македонците имаме историска улога да служиме во закрепувањето на братството и единството меѓу НР Бугарија и ФНР Југославија, во што лежи гаранцијата на нашата сопствена иднина и на нашето обединување. Но никогаш не смееме да заборавиме, дека ние Македонците од Пиринскиот крај треба да вложиме повеќе усилби за политичкиот, културниот и националниот развиток, а имено како дел на македонскиот народ.
Во тој поглед Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја ќе треба да одигра многу важна улога, и нашата надеж насочена кон него е многу голема.
Одамна се чувствуваше потреба од Областен театар за нашата област. Веднаш по 9 септември ние имавме театарска група при Горноџумајското читалиште, која што даде ценет придонес за театарското дело во областа. Меѓутоа, потребите кои очигледно се зголемуваа не може да се задоволат со аматерска театарска група. Затоа нашите одговорни фактори се зафатија со организирање на Областен македонски народен театар. Основата, без сомневање, требаше да биде досегашната аматерска група зајакната и раководена од искусен артистички кадар, со кој ние не располагавме.
Нашата иницијатива беше поткрепена од Владата на НР Македонија, со тоа што беа испратени артисти од Скопскиот народен театар, кои заедно со денешниот директор на театарот другарот Петров го започнаа организирањето на нашиот Областен театар.
Нема никакво сомневање дека тешкотиите што треба да ги совлада нашиот театар, се многу големи и разнообразни. Но тие тешкотии треба да бидат совладани. Ние сме длабоко убедени дека раководителите на театарот и сите театарски работници нема да ги жалат силите и средствата за да ја оправдаат големата надеж што сите ние ја полагаме како во новиот театар, така и во нив поодделно.
Ние, сите политички, општествено-културни и општествени работници, како и целиот македоиски народ од областа, треба секогаш да ја дава потребната помош и поткрепа на нашиот театар, да му даде закрила со потребното внимание и да ги популаризираме неговите несомнени успеси”.
Отворањето на театарот го поздрави и претставникот на Националниот комитет на Отечествениот фронт др. Рада Тодорова. Таа меѓу другото рече:
„Националниот комитет на О.Ф. ве поздравува по повод на големиот културен настан – отворање на првиот Македонски народен театар во Пиринска Македонија. Ние посебно се радуваме што вам, на Македонците од Пиринска Македонија ви се даде можност, преку својот македонски театар, да ја градите својата национална – македонска култура и да го развивате својот звучен маквдонски јазик. Националниот комитет наОФ ќе дејствува за што побрзото присоединување на Пиринскирт крај на Македонија кон НР Македонија во рамките на ФНР Југославија, … Националниот комитет на ОФ ќе соработува за конечното уредување на националното прашање на македонскиот народ, за да може Македонија од јаболко на раздор да стане алка за обединување на Јужните Словени, за реализирање на идеалите на Јане Сандански, Гоце Делчев и плејадата борци за слободата на македонскиот народ. Националниот комитет на ОФ и Димитровската влада секогаш ќе му даваат материјална и морална поддршка на вашиот македонски театар за да закрепне и да се развива како вистински македонски народен театар.”
По донесувањето на резолуцијата на Информбирото во 1948 година, а особено по 1956 година, Бугарската држава го менува својот однос кон македонското малцинство и повторно го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Македонците биле сметани за бугари а македонскиот јазик за дијалкт на бугарскиот. Македонскиот јазик бил исфрлен од употреба во образовниот процес а учителскиот кадар бил протеран од Пиринска Македонија.По Втората светска војна, на 9 август 1946 година е одржан X проширен пленум на ЦК на БРП (к), на кој се донесени и решенија за македонското прашањ

Пронајдете не на следниве мрежи: