Мај 1904 година – Што се слуша од Гостивар?

Во 1903 година светот беше свидок на едно жестоко самоубиствено судрување, во кое македонскиот народ со нечуена храброст се обиде сам со свои сопствени сили, да го симне вековното турско ропство, за да си извојува право на свој сопствен слободен живот.Во 1903 година светот беше свидок на едно жестоко самоубиствено судрување, во кое македонскиот народ со нечуена храброст се обиде сам со свои сопствени сили, да го симне вековното турско ропство, за да си извојува право на свој сопствен слободен живот. Масовноста, ширината и силината со која избувна Илинденското востание претставувало вистинско изненадување за домашната и надворешната јавност. Востанието претставувало непријатно изненадување не само за турската држава, туку и за сите други големи и мали држави во Европа, кои сметале дека имаат право врз наследството од Османската империја.
Илинденското востание претставувало тешко искушение за Австро-Унгарија и царска Русија, бидејќи ги рушело нивните интереси за постојан статус-кво на Балканот, во неможност сами да ги реализираат своите аспирации врз Османската империја. Тие се обидувале со дозирани подобрувања во Македонија да се спречат решенија што би ги пореметиле нивните намери. За таа цел, уште во февруари 1903 година пред востанието тие веќе изнудиле извесни анемични реформи од Османската империја, а потоа уште додека траеле востаничките акции во Македонија, пристапиле кон меѓусебно договарање за преземањето на заеднички иницијативи за подобрување положбата во Македонија. Како резултат на разговорите во почетокот на октомври 1903 година биле изработени во историјата познатите „Мирцштегски реформи”.
И малите балкански држави, кои имале аспирации врз Македонија биле заинтересирани да не се менува положбата на Балканот. Позитивните резултати на Македонската ослободителна организација практично за нив би значеле пресекување на нивните територијални аспирации врз Македонија. Оттука овие земји останале неутрални за  време на востанието и со внимание ги следеле настаните по задушувањето на Илинденското востание: растурањето на воената сила на Организацијата, потоа безобѕирноста на турските казнени одреди, пљачкашките албански групи во западна Македонија. Инаку голем дел од македонскиот народ  во потрагата за леб и сигурност, заминале во емиграција или на печалба во овие земји (Грција, Србија, Бугарија и Романија, потоа кон Австро-Унгарија и други земји во западна Европа и САД).
Сите овие настани поврзани со и околу Македонија, балканскиот печат во овој период внимателно ги следел. Иако тие пишуваат во контект на интересите на сопствената држава, балканскиот печат пред да започнат со интезивната пропаганда, повеќе или помалку ја изнесува вистината за македонскиот народ.
Во белградска „Политика“ од мај 1904 година, само за неколку дена бележиме низа информации за македонските бегалци, за обидите на македонскиот народ да ги продолжи вооружените акции во земјата, потоа за делувањето на арбанашките банди, како и за празните фрази за реформи во Македонија. Така, во една телеграма од 7 мај 1904 од Софија, која ја објавува овој весник, се вели: „Македонските емигранти одржаа собир на кој донесоа резолуција со која се протестира поради тоа што бугарската влада со сила ги враќа македонските бегалци и се апелира до големите сили да ги заштитат“.
Веќе на 13 мај 1904 година, покрај известувањето за Руско-Јапонската војна, во телеграмата од Софија пишува дека „Полицијата во Варна уапсила двајца Македонци и еден Грк кои допатувале од Софија и сакале со параброд да пренесат експлозивна направа преку Грција за Македонија. Тие признале дека со неа сакале да извршат некој атентат.“  Истовремено, во продолжението можеме да ја прочитаме и телеграмата од Солун во која се вели дека: „До 9 – ти овој месец во Македонија се вратиле 3572 бегалци. Последната недела не се појавила ниту една востаничка чета. Раководителите на поедини чети имале состанок на кој се договориле како понатаму да дејствуваат. Се говори дека се спремаат нови атентати и дека нови комити почнале да доаѓаат од Бугарија.“  
Исто така, за тоа што се случува во Македонија, може да се види од писмото кое го објавува белградска „Политика“  ден претходно под наслов „Што се слуша од Гостивар?“ Во писмото од 12 мај 1904 година, за состојбата по Илинденското востание и за делувањето на  арбанашките банди, авторот кој е под влијание на српската пропаганда, ќе го напише следното:
„Не знам како е по останатите нахии и кази, но кај нас владее голема неволја. А неволјата не ни е, како што велат од Бога, не страдаме од неродна земја, ни од суша, нити од било кава болест, туку од разузданите диви и крволочни Арнаути. Еве, ако не се лажам, ќе биде веќе повеќе од две години како не лажат дека ќе донесат некакви „реформи“ после кои ќе ни биде подобро. Ние прости луѓе, како што не даде Бог, верувавме и се надевавме, се едно, но во злочас беше сето наше надевање – состојбата за целото тоа време во никој случај не ни се подобри. Ние всушност и не знаеме во што се состојат тие надалеку фалени реформи. Кај нас ништо ново нема. Се е исто како и пред реформите. Се краде и пљачка, се беснее и убива, а ние не сме господари ни на својот имот, ни на својот живот.  Се е исто како и претходно, ако за реформа не се смета тоа, што во Маврово е воспоставен мудурлук, па покрај мудурот дојдоа уште дваесет заптии, арнаутски  стрвници!
Не, бидејќи и самото име „Реформи“ кај нас во права смисла е „празна фраза“, мене всушност ми се чини, дека тие лоши реформи и претходно ни донеле, распалување уште поголема омраза кај фанатичните и диви Арнаути, така да може да се каже дека откако тој збор кај нас се слушна, зулумите станаа двојно поголеми, почести и пожестоки.
Фрлени ваму „богу иза леѓа“, патиме и пропаѓаме од ден на ден се повеќе и никој ни да слушне за нашите неволји и страдања. Изгубивме надеж за било каква помош. Ја знам дека голем број весели Срби, кои читајќи ги овие редови, ќе им се чини дека претерано ги преувеличуваме работите и се жалиме. Но, јас сепак велам дека слаба е и невешта мојата рака за да се опише и еден мал дел од мизеријата во која се наоѓа овој напатен … народ. Ние овде често им завидуваме на нашите мртви бидејќи тиранијата и личната и имотна несигурност толку ни го загорчи животот што нас повеќе не ни се милее да живееме. Блазе си им на оние наши земјаци кои минатата година со пушка во рака загинаа борејќи се со душманите, бидејќи загинаа како луѓе, а ние кои останавме сега гинеме еден по еден, но не знаеме каде и зошто…
Се сомневам дека ова писмо ќе дојде до вашите раце, па затоа и не мислам залудно да вложувам труд околу тоа, за да ги изнесам по ред настаните кои се случувале порано. Нашата пошта е така сигурна да народот воопште не се служи со неа, а на што и да плаќа поштарина, кога никогаш на никој, испратената пошта не стигнала. Ние со своите земјаци кои се наоѓаат растурени по светот слабо се допишуваме преку писма. Тоа обично го правиме кога некој ќе замине на пат и тој со себе ги носи поздравите и писмото. Инаку едни со други се слушаме од видување до видување!
Овие десет-петнаесет последни дена зулумите особено зачестија. Навистина гората зазелени, па сега ни нас не ни е тешко како зимата да се прибереме во мали чети и да одиме меѓу грмушките. Но од сите страни ни порачуваат да „мируваме“, а и помош нема од никаде, бидејќи како што велат „Русија е во војна“. Турчинот тоа го знае, па сега и не се обидува малку да ги притегне Арнаутите. Тие пак чуствуваат ширина околу вратот, па и мало и големо тргнаа во крадење и разбојништво.
Ете, пред 10 дена во Паград  – Ново Село, познатиот арнаутски ајдук и зулмќар Тахир Точи го заробил Триша Николиќ (?), познат како Кркала, трговец од Белград (Србија). Сега овој разбојник кој побегна со Триша дури во Горица кај Грика – е – Вогљ во Малесија, порачува и бара голема сума пари за откуп. Мавровскиот мудир не превзеде ништо да го спаси човекот од рацете на Тахир. Триша Николиќ одавно заминал во Србија и таму тргува. Пред 5-6 масеци се вратил за негово несреќа, за да се види со роднините. Инаку припаѓа на нашите најимотни и најсилни куќи.
Исто така, пред неколку дена една јака разбојничка арнаутска чета  ги нападнала овчарите во Маврово со стадо говеда и после крвавата битка во која загинаа двајца (.. овчари) и ги отераа 500 -те грла говеда во гората. По разбојниците тргнала потера и како што се слуша успеала да го врати стадото но разбојниците избегаа.
За вакви и слични кражби и разбојништва се слуша и на други места во околината. И додека сериозно не се застане со ногата на вратот на Арнаутите нема да има мир. Кој пак овие дивјаци на срам на XX век ги штити и брани јас не знам, но од нив душата ни дојде во грлото!“ – пишува во своето писмо гостиварецот кое го објавува белградскиот весник.
На овој начин, и покрај пропагандите и тешките последици што Илинденското востание ги остави зад себе во Македонија, ова придонесе вистината за македонскиот народ, за неговата борба, за неговите стремежи да си пробие пат во светот.
Всушност Илинденското востание остави зад себе трајни идеали и револуционерни традиции што залегнаа длабоко во свеста на македонскиот народ за неговите натамошни борби за слободата и независноста на неговата напетена земја.

Во 1903 година светот беше свидок на едно жестоко самоубиствено судрување, во кое македонскиот народ со нечуена храброст се обиде сам со свои сопст

Пронајдете не на следниве мрежи: