Централна прослава на јубилеј – 70 години од основањето на НУБ „Св. Климент Охридски“

На 5.12.2014 г. (петок), ќе се одржи централната прослава на јубилејот – 70 години од основањето на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје и ќе биде одбележан патрониот празник на оваа врвна институција од областа на библиотекарството во Република Македонија.Прославата ќе почне во 11 часот со положување цвеќе пред споменикот на свети Климент Охридски (пред Библиотеката), а хорот „Хармосини“ ќе ја исполни композицијата „Тропар на свети Климент Охридски“, со што ќе биде оддадена почит на патронот на НУБ „Св. Климент Охридски“. Во рамки на прославата и во контекст на 70-годишниот јубилеј, за досегашниот придонес на Библиотеката во општествениот развој на државата, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ќе ѝ додели Орден за заслуги за Македонија на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
На свечената церемонија, по изведбата на химната на Република Македонија, ќе се обратат претседателот д-р Ѓорге Иванов, директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, д-р Иван К. Заров, кој ќе се осврне на најзначајните моменти од историјатот на Библиотеката и на досегашниот развој на институцијата и д-р Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура на Република Македонија. На свеченоста ќе присуствуваат високи претставници на Владата на Република Македонија, дипломатскиот кор и на културниот, научниот и образованиот естаблишмент.
По завршувањето на церемонијалниот дел на доделување на Орденот за заслуги за Македонија, ќе бидат изведени композициите „Достојно јест“ и „Кратима“, а потоа ќе биде отворена изложбата „Од ризницата на НУБ“ која е организирана специјално по овој повод и преку која на присутните ќе им биде презентиран мал дел од културното богатство што го поседува Библиотеката: старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски.
По повод 70-годишниот јубилеј, НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје подготви и објави „Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски од основањето до 2014 година“, со цел да се прикаже целокупната досегашна издавачка дејност на Библиотеката. Оваа монографска публикација содржи и предговор за улогата и високото место кое Библиотеката веќе седум десетлетија го зазема во Пантеонот на македонската култура и за внедреноста на оваа врвна институција во фундаментите на општествениот подем на македонската државност, како и текст за историјатот на Библиотеката од 1944 до 2014 година.
На прославата ќе бидат промовирани уште три други изданија: специјалната библиографија посветена на патронот свети Климент Охридски, испечатена во 2014 година, како и две дигитални публикации – „Седум научни средби во чест на свети Климент Охридски“ и DVD од научната средба насловена „Свети Климент Охридски во ликовното творештво“.
Во вториот дел од свеченоста ќе им бидат доделени „Свети Климентови грамоти“ на претходните директори на НУБ „Св. Климент Охридски“ и на неколку личности кои имаат дадено значаен придонес за Библиотеката, а исто така ќе се одржи и традиционалното доделување награди на вработени во Библиотеката кои одбележуваат 10, 20 и 30-години работа во НУБ „Св. Климент Охридски“, како и на вработените кои се пензионирале во текот на 2014 година. Во рамки на прославата ќе биде доделена наградата „Библиотека на годината“ од Библиотекарството здружение на Македонија, а од страна на НУБ „Св. Климент Охридски“ на библиотеката-добитничка ќе ѝ биде доделен пакет со стручни и други изданија.Прославата ќе почне во 11 часот со положување цвеќе пред споменикот на свети Климент Охридски (пред Библиотеката), а хорот „Хармосини“

Пронајдете не на следниве мрежи: