Европската централна банка како тајна влада

Европската централна банка (ECB) со своето влијание на финансиските пазари во Европа сѐ повеќе го зазема просторот наменет за политиката, пишува германскиот дневен весник Sueddeutsche Zeitung, во средата, тврдејќи дека ECB веќе сега е некој вид „пропратна влада”.

Претседателот на Европската централна банка, Марио Драги, не ја поднесува бавноста на политичарите и сака да ја спаси еврозоната со печатење пари, а неговата моќ сѐ повеќе расте, тврди весникот.

Sueddeutsche Zeitung потсетува дека денеска (четврток, 6-ти септември), на седницата на советот на ECB, Драги ќе го претстави концептот за спас на еврозоната, во кој би можело да се најде и купувањето на државните обврзници за поддршка на паднатите економии, што би довело до намалување на каматните стапки за задолжувањата на Шпанија и на Италија.

ЕCB, исто така, може да печати пари, што ја доведува во особено интересна позиција наспроти другите фактори во Европа.

„Веќе сега ECB важи како европска дополнителна влада, единствена којашто има пари”, заклучува франкфуртскиот весник.

Марио Драги, Италијанец со искуство во инвестициското банкарство, минатото лето побара од политичарите визија за спас на еврото. Со тоа, меѓутоа, го предизвика отпорот на германската централна банка, чиишто челници му префрлаат дека со барањето за создавање банкарска унија се вмешал во европската политика.

Драги, инаку, седи на истата маса со оние коишто одлучуваат во Европа, предупредува весникот, кој тврди дека негова цел е да остане на чело на ЕCB и да се всели во новата деловна кула на оваа институција којашто се гради во Франкфурт, како предводник на сите 17 членки на еврозоната.

Sueddeutsche тврди дека ECB во последно време доследно го ширеше своето влијание, што е видливо и од фактот дека неговите претставници заедно со Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд, ја формираат тројката којашто ги надгледува економските политики на Португалија, Ирска и Грција и одлучува дали тие земји ќе добијат дополнителна помош од европскиот фонд за спас на еврото.

Гувернерот на германската централна банка Bundesbank, Јенс Вејдман, неодамна предупреди дека таквата политика на намалување на каматите него го потсетува на „финансирање на државата со помош на печатење пари”.

ECB целосно го контролира банкарскиот систем во Европа, без нејзината помош многу банки би пропаднале. Според плановите на Европската комисија, ECB во иднина би требало да ги надѕира банките, што досега беше во надлежност на министерствата за финансии.

„Надзорот функционира подобро кога е политички независен”, изјави за Sueddeutsche економистот Кристифер Касерер, кој меѓутоа предупредува и на истовремената опасност од политичкото влијание врз банките во тој случај, покрај вообичаените и разбработени политички институции.

„Што повеќе моќ добие ECB, толку поголема ќе биде опасноста од политичко влијание, веројатно преку селекцијата на персоналот”, вели Касерер.

Драги во моментов го условува купувањето на обврзниците на економиите во криза со исполнување на политички барања од нивна страна.

„Никој не знае, која висина на каматата би требало да биде правична за Италија. Освен тоа, доколку централната банка одредува фиксна пазарна камата за државите, тоа мириса на планско стопанство “, пишува германскиот дневен весник.

Германската Bundesbank остро се спротиставува на купувањето обврзници, а весникот дури тврди и дека во тој случај нејзиниот гувернер Вејдман се заканува со оставка. Најавените интервенции на ECB предизвикуваат загриженост и меѓу германските граѓани, а германскиот Уставен суд на 12-ти септември треба да одлучува и за уставноста на Европскиот фонд за спас на еврото.

Експертите предупредуваат дека ECB би можел да ги приграби овластувањата на влада, со што банката би можела така да донесува политички одлуки, наместо тоа да го прават граѓаните преку своите избрани претставници.

„Во советот на ECB седат шест директори и 17 претставници на националните централни банки”, потсетува весникот, нагласувајќи дка не станува збор за избрани претставници на народите, но тие и покрај тоа одлучуваат за даночните пари.

„ECB се заканува да го заобиколи правото на парламентите да одлучуваат за буџетот”, изјави за Sueddeutsche Zeitun, економист од Универзитетот Оксфорд, Клеменс Феуст.

Анализата е преземена од Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: