Младиот Дејан ОДЛУЧИ да живее на село: „Животот тука е подобар од било која дискотека“

Додека поголемиот дел од неговите врсници бараат забава по кафулиња и дискотеки, 25-годишниот Дејан Митриќ со сопствени раце изградил мала фарма во селото Чуклиќ, во општина Шипово, а планира да го проширува имотот.Ова вредно момче по завршувањето на средното училиште, се врати во село на имотот од неговиот дедо и тука одлучил да живее, а поради љубовта кон селото и полјоделството ништо не му е тешко, па ни тоа секое утро да станува во пет часот за да ги нахрани животните и да подготви околу 50 литри млеко за млекарите.
Според зборовите на неговите родители, уште од мали нозе Дејан го сакал животот на село и изразувал желба за работа со животни, па почетокот на образованието и заминувањето во град многу го погодило.
„Од кога знам за себе, цело време одев со дедо ми и работев што можев, ништо не ми претставуваше проблем. Како растев купував разни животни, а кога дојде време да одам во град, бев многу тажен“, раскажува Дејан.
Тој вели дека отсекогаш знаел дека ќе се врати во селото.
„Никогаш не го сакав градот. Едвај чекав да дојде викенд, зимски или летен распуст за да одам во село. Понекогаш и сам се прашувам дали е нормално сите мои врсници да излегуваат во кафулиња и дискотеки додека јас не знам сѐ уште како тие изгледаат. Но, желбата кон селото е поголема од сѐ и среќен сум што мојот дедо ми го овозможи тоа“, раскажува Дејан.

Веднаш по завршувањето на средното училиште, Дејан заминал да живее со својот дедо и вредно почнал да работи на градење на својата фарма.
„Не планирам да се вратам во градот. Некои ми велат дека тука никогаш нема да се оженам, но имам своја цел, па макар и да сум сам. Девојката која ќе ме сака, ќе ме сака и тука во село“.
Неговата мајка Милена вели дека Дејан уште како мал сакал физичка работа и да живее во село.
„Имаше необична голема желба да работи во село, а сега потполно работи сам. Понекогаш нешто му помагам, одам да му направам нешто за јадење или да исчистам, но главно тој сам сѐ прави: чисти, готви и работи“, вели неговата мајка која заедно со нејзиниот сопруг живеат во Шипово.
Според нејзините зборови, не ѝ било лесно кога Дејан одлучил да се осамостои и да замине во село, но како поминувало времето ја прифатила неговата одлука.
„Не ми беше сеедно кога се врати во село, но кога ќе видам какви времиња доаѓаат, како младите денес живеат, што сѐ се случува, среќна сум на некој начин што го одбра селото, како и здравиот и нормален живот“, вели таа.

Пронајдете не на следниве мрежи: