Исклучување на „гените на стареење“

Компјутерскиот алгоритам кој го развија истражувачите од Универзитетот во Тел Авив идентификува гени кои можат да бидат трансформирани со цел да се запре процесот на стареење.Истражувачите на Универзитетот во Тел Авив развија компјутерски алгоритам кој предвидува кои гени можат да бидат „исклучени“, со цел да се создаде истиот „анти-ејџинг“ ефект како и при ограничување на калориите. (Ограничувањето на калориите кои ги внесуваме е еден од неколкуте докажани начини за борба против стареењето. Иако механизмот според кој сето тоа функционира сè уште не е познат, докажано е дека ограничувањето на калориите го продолжува животниот век кај квасната габа, црвите, мувите, мајмуните и, во одредени истражувања, кај човекот.)
Откритието, објавено во научниот магазин „Nature Communications“, може да доведе до развој на нови лекови со кои ќе се лекува стареењето.
„Повеќето алгоритми се обидуваат да најдат лекови кои убиваат клетки, за да излечат рак или бактериски инфекции. Нашиот алгоритам е првиот во ова поле кој трага по лекови што нема да ги убиваат клетките, туку ќе ги трансформираат од заболена во здрава состојба“ – вели Керен Јижак, која го припрема својот докторат во лабораторијата на професорот Ејтан Рупин.
Лабораторијата на Рупин е лидер во растечкото поле на метаболичкото моделирање на ниво на геноми (genome-scale metabolic modeling) или GSMM. Со помош на математички равенки и компјутери, GSMM го опишува метаболизмот, или животните процеси на живите клетки. Алгоритмот на Јижак, кој таа го нарекува „метаболички трансформациски алгоритам“ (metabolic transformation algorithm) или МТА, може да земе информации за кои било две метаболички состојби и да ги предвиди сите промени во гените или во животната средина кои се потребни за да се премине од едната во другата состојба.

 
„Изразност на гените“ е мерка за нивото на изразност на посебни гени во една клетка, а гените можат да бидат „исклучени“ на разни начини со цел да се спречи нивното изразување во клетката. Во истражувањето, Јижак го применила МТА врз генетиката на стареење. Откако го искористила нејзиниот општ МТА за да ги потврди претходните лабораториски откритија, го употребила за да предвиди кои гени можат да бидат исклучени за изразноста на гените кај стара квасна габа да изгледа како изгледа како онаа кај млада квасна габа. Квасната габа е најшироко користен генетски модел бидејќи голем дел од нејзината ДНК е зачувана и во луѓето.

За некои од гените кои ги идентификуваше МТА веќе беше познато дека го продолжуваат животниот век на квасната габа кога се исклучени. Од останатите гени кои ги пронајде, Јижак испрати седум за да бидат тестирани во лабораторијата на Универзитетот Бар-Илан. Тамошните истражувачи открија дека ако се исклучат два од гените, GRE3 и ADH2, во вистинска (а не дигитална) квасна габа, значително се продолжува нејзиниот животен век.
„Би се очекувало околу три проценти од гените на квасната габа да имаат влијание врз продолжувањето на животниот век. Затоа, десеткратното зголемување на очекуваната фреквенција, кое успеавме да го постигнеме, е мошне охрабрувачко“ – вели Јижак.
Надеж за човештвото
Бидејќи МТА обезбедува системски преглед на клеточниот метаболизам, може да помогне во објаснувањето како гените кои ги идентификува придонесуваат кон промените во генетската изразност. Во случајот на GRE3 и ADH2, MTA покажа дека исклучувањето на гените го зголемува нивото на оксидативен стрес во квасната габа, со што е можно да предизвика благ стрес сличен на оној кој го создава ограничувањето на калории.
Како финален тест, Јижак го примени МТА врз човечки метаболички информации. МТА успеа да идентификува група гени кои можат да трансформираат 40 до 70 проценти од разликите меѓу старите и младите информации од четири различни истражувања. Иако во моментов нема начин како да се потврдат резултатите кај човечкиот организам, за голем дел од овие гени е познато дека го продолжуваат животниот век кај квасната габа, црвите и глувците.
Како следен проект, Јижак ќе проучува дали исклучувањето на гените предвидени со помош на МТА го продолжува животот кај генетски модифицирани глувци. Еден ден, ќе можат да се развијат лекови кои ќе таргетираат гени кај луѓето, со што ќе создадат можност за подолг живот. МТА би можел да се примени и за пронаоѓање на лекови за болести во кои значајна улога игра метаболизмот, како што се гојазноста, дијабетесот, невродегенеративните болести и ракот.
 
Copyright 2014 Puls24 Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Puls24.
 Истражувачите на Универзитетот во Тел Авив развија компјутерски алгоритам кој предвидува кои гени можат да бидат „исклучени“, со цел да

Пронајдете не на следниве мрежи: