Потресна приказна за млад скопјанец заразен од ХИВ!

Сто деведет и четири случаи на заболени од ХИВ/СИДА се регистрирани во Македонија од 1987 година досега. Од  нив 25 годинава, а во 2012 година 23. Болни од СИДА биле 143 од СИДА, а 51 ХИВ позитивни. Од СИДА во Македонија умрело 71 лице.Од новорегистрираните 25 лица годинава, 23 се од машки пол, а две лица се од женски пол. Според местото на живеење, од тие 25 лица, 18 се од Скопје, а по едно од Куманово, Богданци, Охрид, Крива Паланка, Штип, Струга и Тетово. 
Според начинот на пренесување на ХИВ, 14 лица се заразиле со ХИВ при хомосексуален однос, 10 при хетеросексуален однос, а во еден случај има пренесување од мајка на плод. Од нив, единаесет се на возраст 20 до 29 години, осум – 30 до 39 години, три-40 до 49 години, и по едно на возраст до шест години, од 50-59 години и над 60 години.
Утрински весник во петокот ја пренесе животната приказна на младиот скопјанец кој живее со ХИВ вирусот, а ние ви го пренесуваме сведочењето во целост.
-Вирусот го добив по сексуален пат. Мислев дека тоа не постои кај нас и оти мене не може да ми се случи. Во принцип, секогаш користев заштита при сексуалните односи, но, ете, се случи. Во два-три случаи потфрлив во доследноста. Вака ја почнува својата исповед едно момче од Скопје за тоа како едно мало невнимание во сексот пред околу четири години му ја донело неизлечивата ХИВ-инфекција. За среќа, инфекцијата му била откриена брзо по незаштитениот секс и тој почнал да се лекува, иако тоа секогаш не е така.
Симптомите на ХИВ-инфекцијата не се специфични и можат да бидат знак за многу други вирусни заболувања, па лекарите ретко помислуваат на сида. Неговата матична лекарка, сепак, се посомневала дека покачена температура и зголемените лимфни жлезди може да се поради ХИВ и веднаш го испратила на испитување на Инфективната клиника. Но, на момчето ни на крај памет ни му било дека може да се работи за ХИВ-инфекција, па се шокирал кога дознал за дијагнозата.

-Се сеќавам, првото прашање кое гласно го изустив беше ’што ќе им кажам на моите?‘ Се плашев дека тие ќе се исплашат уште повеќе. За среќа, лекарите ми објаснија дека во првиот момент никој не мора да ја дознае дијагнозата и дека е мое право и моја одлука со кого и кога ќе ја споделам, се сеќава на првите моменти кога се соочил со сидата овој 30-годишен човек кој денес живее нормален живот како да не е ХИВ-инфициран. Но, во тоа време ги имал само најосновните информации за ХИВ, како се пренесува и како да се штити, а знаел и дека постои некаква терапија која можеби го забавува развојот на болеста -Не бев доволно информиран и мислев дека сега и обична настинка би можела да ме убие. Лекарите ми објаснија дека антиретровирусната терапија, всушност, овозможува да се заштити имунитетот на човекот и тој да функционира најнормално, како и сите други, вели тој и објаснува како почнал полека да се помирува со судбината дека е ХИВ-позитивен и дека нема враќање назад.

Во почетокот ХИВ-инфекцијата ја криел од своето семејство и од другите блиски и пријатели, зашто не знаел како ќе реагираат. „Во прво време ја споделив тајната само со еден близок пријател и извесен период не кажував никому, бидејќи сакав самиот да се соочам со новата ситуација и да научам како да живеам со неа.
Дома најпрвин му соопштив на својот вујко, бидејќи знаев дека тој ќе умее да реагира сталожено и ќе ми биде поддршка. Потоа и' кажав на мајка ми, и таа храбро ме ислуша и и' ја објаснив целата ситуација. По неколку месеци, кога стекнав сигурност што значи да се живее со ХИВ, им кажав на повеќе блиски пријатели и добив голема поддршка“, вели овој млад човек и додава дека денес веќе нема потреба да зборува за тоа. Тој е вработен и, како што вели, има голема среќа што работната средина не е голема и е доста информирана за овој проблем, па има поддршка, иако смета дека ова е вистински раритет во Македонија. „Неколкумина пријатели кои имаат ХИВ и ги запознав преку групата за поддршка ’Заедно посилни‘ имале сериозни проблеми кога на работното место се дознало за нивниот ХИВ-статус и имало обиди за отпуштање, па дури и еден случај што добил отказ.
Имало ситуации и на навредлив однос од колегите, што е причина за никој да не го споделува својот ХИВ-статус во работната средина“, објаснува скопјанецот и вели дека луѓето се плашат од ХИВ-инфицираните, бидејќи не се доволно информирани. Но, во секојдневниот живот и тој се сочува со ситуации на дискриминација поради инфекцијата. „Пред околу една и пол година во една реномирана дерматолошка ординација, иако требаше да ми се изведе мала хируршка интервенција, кога им го соопштив ХИВ-статусот, хирурзите не сакаа да работат. Ми беше дадено објаснување дека ординацијата не располага со ’двојна стерилизација‘, а во Државниот санитарен и здравствен инспекторат ми одговорија дека такво нешто не постои“, вели тој.
Но, сепак, не потклекнува на ваквите предрасуди и смета дека во Македонија може да се живее со ХИВ. „На ХИВ мислам само два пати на ден, кога треба да ги земам таблетите. Правам се' што правев и претходно – работам, се дружам, спортувам, можам да водам љубов. Единственото на што внимавам е секогаш, без исклучок, да користам заштита при сексуален однос, бидејќи навистина не сакам никого да изложам на ризик“, објаснува момчето. Тој смета дека треба да се работи на подигнување на ниското ниво на познавање на овој проблем кај општата јавност, бидејќи е тоа причина да има силни предрасуди, обележување, па дури и случаи на дискриминација на луѓето со ХИВ. На младите им порачува дека иако денес ХИВ-инфекцијата може да се лекува со помош на терапија и човек може да живее квалитетен и долг живот, сепак, сите треба да користат заштита при сексуалните односи.

Безбедниот секс спасува животи  Од сексуално активните млади на 15-годишна возраст во Европа и во Северна Америка, кондом при нивниот последен сексуален однос користеле 78 отсто од нив. Употребата на кондоми се движи од 69 отсто кај момчињата од Шведска до 91 отсто кај момчињата во Естонија. Во Македонија, 73 отсто од сексуално активните момчиња на 15 години изјавиле дека употребуваат кондоми, односно 57 отсто од сексуално активните девојки. Ова се резултатите од студијата за употребата на кондом кај адолесцентите во Европа и во Северна Америка, вклучувајќи ја и Македонија. Лина Ќостарова-Унковска, координаторка на студијата за Македонија, коментира дека иако преваленцијата на употреба на кондом кај младите во Македонија е блиску до европскиот просек, сепак, евидентни се големи меѓуродови разлики, што е зголемен ризик за девојките и треба да се зајакне сексуалната едукација.Од новорегистрираните 25 лица годинава, 23 се од машки пол, а две лица се од женски пол. Според местото на живеење, од тие 25 лица, 18 се од Скопје

Пронајдете не на следниве мрежи: