Сведоштво на скопјанка: Мислев ќе умрам од сида, a сега сакам да станам мајка

На скопјанката Мимоза, иако често не ги менувала партнерите, сепак, поради едно мало невнимание при сексуалниот однос, животот – се сменил од корен. Таа се соочила со смртта инфицирајќи се со ХИВ, кој го добила од едниот од тројцата партнери што ги имала во животот.- Тоа беше шок за мене…, не размислував за ништо, само си го поставив прашањето – ќе умрам ли јас сега, до кога ќе можам да живеам инфицирана со ХИВ? Не користев секогаш кондом, никогаш не пробав дрога, вирусот го добив по сексуален пат. Често луѓето мислат дека ако имаш многу сексуални партнери, си во голем ризик. Еве, имав само тројца партнери, од кој едниот имал ХИВ, а јас од него го добив вирусот – раскажува 26-годишната Мимоза од Скопје, која за „Дневник“ открива како од 2006 година живее со ХИВ. Таа не сакаше да го открие вистинскиот идентитет, плашејќи се од негативна реакција во околината.
Мимоза раскажува како дознала дека и таа е една од 194-те инфицирани со ХИВ досега.
– На мојот партнер, без да знам, му беше направен тест, кој покажал дека е ХИВ-позитивен. Знаев дека тој е во болница и препораката оттаму беше и јас да направам ХИВ-тест, за кој не знаев што значи. Потоа дознав дека и јас сум ХИВ-позитивна.
Ја негиравте ли дијагнозата и баравте ли и втор, потврден тест? Kако Ви соопштија?
– Иако ме советуваа и ми објаснуваа што се ХИВ-тест и сида, немав многу информации. Не негирав ништо, ми објаснија дека тестот е конечен и нема шанси да е погрешен, па не ни барав да се повторува. Целиот тим што работи на одделот на Kлиниката за инфективни болести беше присутен да ме подготви за резултатот.

 
Kако е да се биде болен од сида или носител на ХИВ поради големите предрасуди кон тие лица – досега само едно лице од Прилеп проговори јавно, па потоа не му дозволуваа ниту леб да купи во продавница?
– Не е тешко да се живее со ХИВ, како и сите, научив да се носам со болеста, а сакам да станам и мајка. Работам, спортувам, се дружам, имам партнер, кој ме прифати каква што сум. Но, во почетокот не беше така. Ме избегнуваа колегите на работното место, пробаа и да ме отпуштат од работа зашто се прошири веста дека сум ХИВ-позитивна. Дури ми бараа да приложам и негативен тест ако сакам да останам на тоа работно место?! За среќа, имав голема поддршка од една колешка, која ми беше претпоставена и која застана зад мене. Со нејзина помош останав да работам, но сепак, и денеска чувствувам дека е присутна стигмата, а луѓето, за жал, до ден-денеска не знаат како вирусот се пренесува.
Дали партнерот знаел дека е инфициран со ХИВ, а не ве известил за тоа и дали би го тужеле затоа што ве заразил со ХИВ ако знаел дека е носител?
– Мојот партнер не знаел дека бил инфициран, а ако знаел, сигурно би ми кажал. Не би го тужела – колку е негова одговорноста, толку е и моја! Јас сама сум одлучила во одредени моменти да не користам кондом и свесна сум дека било погрешно. Зошто да го обвинувам него? Член сум на „Заедно посилни“ – група во која среќавам многу други ХИВ-позитивни лица, а контактирам и со некои што не се во групата. Ниту еден човек што јас го познавам не би му нанел зло на друг, односно не би заразил намерно.
Целото интервју пррочитјте го на: Дневник.мк- Тоа беше шок за мене…, не размислував за ништо, само си го поставив прашањето – ќе умрам ли јас сега, до кога ќе можам да живеам инфицирана со

Пронајдете не на следниве мрежи: