Карактеристики на развојот на говорот кај децата!

Што е важно да се знае за развојот на говорот на децата… 
 Без разлика дали се работи за едноставен, примитивен или комплексен јазик, детето го ,,впива,, како единствена целина и неговиот развој поминува одредени законитости кои се универзални за сите деца.
За подобро да го разбереме овој процес потребно е да знаеме дека длабоко во детското несвесно делување се развиваат посебни механизми кои овозможуваат беспрекорно да се поврзат сите елементи кои учествуваат во усвојувањето на мајчиниот јазик, оној  кој го учиме како деца. Никој освен детето не е во состојба да создаде сопствен механизам и на тој начин да научи толку јазици колку што слуша околу себе. За подобро проучување на овој процес, неопходно е да се набљудуваат и следат надворешните манифестации и промени кои секојдневно се случуваат. Така се открива дека во периоди на значајна внатрешна активност, често се пратени со сиромашни надворешни манифестации. Тоа значи дека постои голема диспропорција помеѓу детската внатрешна активност и можноста за нејзино изразување.
Следењата покажуваат дека развојот не тече линеарно, туку амплитудно. Во одреден период, на пример, детето почнува да изговара слогови, а потоа со месеци ги изговара само нив. Површно гледано, детето воопшто не напредува. Тогаш, одеднаш се појавува збор. Долго време детето изговара само еден или неколку зборови. Повторно изгледа дека нема никаков   напредок и тој бавен надворешен развој делува готово обесхрабрувачки. Сепак, некои облици на активности покажуваат дека во внатрешниот развој детето постојано напредува. Овој процес психолозите го нарекуваат експлозивен феномен. Овие експлозивни феномени траат отприлика до третата година, Оваа возраст претставува гранична линија во формирањето на човековата интелигенција, и тука започнува нов период во организирањето на јазикот. Понатаму тој ќе се развива без „експлозии“ но сепак многу живо и спонтано. Овој период трае до шестата година, и детето учи многу нови зборови и се усовршува во составувањето на реченици, но во зависност од средината во која живее, и богатството на јазично изразување во неа. Средината е многу важна и затоа треба да му се пружи секоја помош што му е потребна на детето за да не биде само во овој тежок  и комплексен процес.

 РАЗВОЈ НА ГОВОРОТ
Говорот претставува комплексен, но хармоничен процес. Мозочните центри кои се во врска со развојот на говорот, се откриени кон крајот на 19. век. Два од нив, се особено ангажирани: едниот е важен за слушање на говорот (аудитивно-рецептивен центар), а другиот-за говорна продукција, односно движења кои се неопходни за артикулација на зборовите. Првиот е сензорен, а вториот моторен. Во своите видливи аспекти, говорниот апарат располага со органски центри кои се поделени на истиот начин: едниот служи за слушање(увото), а другиот-за говорење(устата, грлото, носот). Овие два центри се развиваат одвоено, како психолошки така и физиолошки.
Бидејќи говорот не му е однапред даден на човекот, детето со помош на овие центри го усвојува говорот, односно, мора најпрво да ги слушне гласовите на оној јазик кој го зборуваат луѓето околу него, за да биде во состојба и самото да ги изговара. Уште на почетокот од животот детето внимателно ги следи движењата на устата од говорникот и веќе околу шестиот месец од животот испушта слоговни звуци. Иако претходно не било во состојба да изговори ниту еден единствен јасен глас, тоа набрзо ги поврзува слоговите во едностевни зборови. Кон крајот на првата година, детето открива усте нешто: музиката која доаѓа од устата на луѓето, има некое значење. Детето ги разбира зборовите кои му ги упатуваме, и сфаќа дека тие се изговорени со одредена цел. и не само што детето го разбира говорот, туку и успева на она ниво на свеста што го достигнало и самото да го создава. Во овој момент воопшто не е важно што тој говор не е ништо друго туку брборење, просто повторување и комбинирање на гласовите. Детето и после првата година сеуште брбори како порано, но зад сето тоа стои свесна намера, што претставува доказ за свесна интелигенција. Детето се подобро го разбира говорот, и се повеќе сака да го совлада. Во овој период доаѓа до голема борба во детето: помеѓу свесноста и механизмите.
За подобро да се илустрира овој процес може да се спореди со искуството на возрасните кога на својот мајчин јазик имаат многу идеи кои потешко ги изразуваат на некој странски јазик. Периодот кога на детето му паѓаат на ум многу идеи кои сака да ги соопшти на другите, но заради недостаток на јазични средства не е во состојба да ги изрази, претставува драматичен период во животот на детето. Тогаш прави напори и се напрега да научи да зборува. Во овој период на детето му е потребен учител, кој за него јасно би ги артикулирал зборовите.
Зошто неговото семејство да не му биде учител? Да го поттикнува да ги слуша возрасните, да му читаат со чист и јасен говор, наместо да го имитираат неговото брборење. Оние пак кои работат со малите деца, треба да бидат мудри луѓе кои ќе му се обраќаат на интелигентен начин, да знаат со какви тешкотии се среќава детето и колку е важно да му пружат можност правилно да го научи јазикот. Токму затоа и Марија Монтесори уште пред сто години вели дека наместо да го држат во изолација, должност на мајките и на општеството е на малото дете да му овозможат контакт со возрасни кои зборуваат со негуван јазик и имаат добра дикција.

 
РАЗВИВАЊЕ НА ГЛАСОВНАТА ОСЕТЛИВОСТ
Од досега изнесеното, може да се заклучи дека развојот на раниот детски говор е многу комплексен процес во кој се испреплетени психолошки и физиолошки  состојби. Учеството на средината која го опкружува детето игра значајна улога во поттикнување на внатрешните механизми на детето. Токму затоа се повеќе се бараат начини  како да се создадат подобри услови за да се олесни овој процес и да се направи забавно патување за детето. 
Во најновите светски истражувања, како и во нашите нови „Стандарди за рано учење и развој“ се истакнува потребата за оспособување за читање на детето уште од најрана возраст. Овој процес започнува уште од раѓањето и многу зависи од возрасните како и колку го опкружуваат детето со говорни и пишани содржини и го привикнуваат за нивно разбирање и користење.  Важно е да се сфати дека во оваа возраст основна активност претставува играта, преку која ненаметливо и суптилно се развива гласовната осетливост. Многубројните испитувања покажуваат дека сите активности кои од децата бараат воочување на рима, му одговараат на развојот на осетливост на гласовната структура на зборовите.
Всушност, слушањето и учењето на песнички во рима им помагаат на децата полесно да ги воочат составните делови на слоговите-гласовите. Во современите програми се негува често слушање, повторување и дополнување на стихови во рима. Секогаш треба да се започне од наједноставни, па кон посложени, за да може детето да ги следи. Особено добро е ако овие говорни игри со рима се презентираат во рамките на некоја приказна.
РАСКАЖУВАЊЕ  ПРИКАЗНИ
Малите деца уживаат во слушање на  приказни. Слушањето и учеството во приказната имаат големо значење во нивниот говорен и предчитачки равој. На малото дете поприродно му е да ја слуша приказната  преку директен говор и да опишуваат вистински настани. Ваквото раскажување го фокусира детското внимание на слушање зборови и слушање гласови. Раскажувањето на приказни во оваа возраст им повеќекратно значење: постепено зголемување на детското внимание, развивање на вештината на слушање, проширување на речникот, разбирање на вообичаената структура на приказните (почеток, средина, крај), уживање во емоционалното доживување кое го овозможува следењето на содржината на приказната. Но при раскажувањето треба да се имаат предвид и карактеристиките на малите деца. Тоа се: краткотрајност на вниманието, потреба за празнење на енергијата со движење, скокање, голема потреба за независност, потреба за допир и непосреден контакт со околината, потреба за сигурност и емоционална стабилност. 

Пронајдете не на следниве мрежи: