Српскиот министер за образование ја „исфрла“ Цеца од учебници

Mинистерот за образование на Србија, Младен Шарчевиќ најави дека спорните стихови на пејачката Светлана Ражњатовиќ ќе бидат исфрлени од учебниците.

– Таа задача ќе биде отстранета од работната тетратка, а оној кој го сторил пропустот ќе биде казнет. Срамно е стихови од шундот и турбо фолкот да бидат застапени во училишен учебник. За музиката која учениците ја слушаат надвор од училиштето треба да се грижат родителите, а на часовите ќе се учат корисни и важни лекции. Учебникот кој го е издадена од БИГЗ ќе биде исфрлен, изјави Шарчевиќ за весникот Данас

Во Србија е покрената полемика откако во медиумите и социјални мрежи беше обелоденето дека во учебници од петто одделение се наоѓаат стихови од песна на Светлана Цеца Ражњатовиќ каде основците учат за падежи.

Шарчевиќ додаде дека од надлежната образовна институција за учебници во Србија „тврдат дека не знаеле дека ова е песна на Цеца“.

– Оној кој ја направил оваа глупост ќе биде казнет, ветува Шарчевиќ.

Главниот и одговорен уредник на издавачка куќа БИГЗ, Оливера Џикановиќ, изјави за „Новости” дека станува збор за работна тетратка за српски јазик и дека не станува збор за грешка, туку стиховите биле свесно одбрани.

– Авторот сметаше дека најдобро е децата да учат од примери од секојдневниот живот, а никаде не се наведува името на пејачот, изјави Џикановиќ, додавајќи дека ова е малку лицемерно, бидејќи ако ја препознале толку многу луѓе, тоа значи дека песната е слушана.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.