Дали на Македонија ѝ се заканува епидемија од коксаки вирус?

Епидемија на коксаки вирусот и се заканува на Македонија, надлежните молчат. Досега најмногу заболени има во Македонски Брод. Како што информираат од приватната здравствена установа на Д-р Спаско Ѓурчиноски, само во вчерашниот ден се јавиле 20-тина заболени лица од кои повеќето се деца. Граѓаните се загрижени за ширење на болеста и зошто се уште не се информирани од надлежните институции и дали воопшто се превземени мерки за нивна заштита.
Од оваа болест која најчесто се јавува кај предшколска и школска возраст изминативе месец дена се појавија и случаи во Скопје. Заболени беа две деца од градинка Пролет во Општина Карпош, а дете од друга градинка за која не сакаа да ја именуваат исто така беше заболено од овој вирус за што известија и медиумите.


Во октомври и ноември минатата година беа регистрирани десетина случаи на коксаки во три скопски градинки. Иако од Центарот за јавно здравје од Одделението за епидемиологија, известуваат дека се врши дезинфекција во градинките сепак оваа болест успева да се прошири.
Инфекцијата со коксаки вирус, позната уште како „болест на валкани раце“. Инфекцијата со коксаки вирусот најчесто се јавува кај училишни деца и тинејџери, и условно може да се вброи во болест која настанува од валкани раце, бидејќи изворот на зараза е секретот од ждрелото и столицата. Валканата вода и рацете се главен извор на преносител на вирусот, кој вон телото може да преживее и до неколку дена. Инфекцијата се јавува во текот на целата година, а карактеристична е за периодот на почетни контакти меѓу децата, кога тие подолго време престојуваат во затворена просторија.
Постојат два вида на овој вирус – тип А и тип Б. Вирусот коксаки од типот А е многу посилен според дејството. Вирусот од тип Б, иако според дејството е послаб, се смета за потенцијално поопасен бидејќи може да го нападне срцевиот мускул и да предизвика инфекција со тешки и долготрајни последици.

Коксаки од тип А се нарекува и болест на рацете, стапалата и устата, додека вирусот од тип Б најчесто предизвикува главоболки, треска, болки во стомакот и белодробни тегоби. И двата вида коксаки можат да предизвикаат и менингитис (воспаление на мозокот), миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) и перикардитис (воспаление на срцевата обвивка).

Коксаки се пренесува единствено преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку столица и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или столица во која ги има. Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.