Во Дебар бројот на заболени од морбили или мали сипаници достигна 24 лица, а за три се уште се чекаат конечните лабораториски анализи, информираа од дебарската подрачната единица на Центарот за јавно здравје од Охрид.
Од 16 овој месец кога Институтот за јавно здравје на својата веб страница објави дека во Дебар е прогласена епидемија на мали сипаници, досега регистрирани се нови седум случаи.– И понатаму болеста ја има само во градот и најпогодени се повозрасни лица кои не биле целосно вакцинирани, освен двајца кои ги имале примено двете дози на МРП вакцината. Најстариот пациент е на возраст од 44 години, а најмалиот е помал од една година.
Сите се во роднинска врска или соседи и имале меѓусебен контакт. Тројца од заразените се здравствени работници, изјави епидемиологот Ментор Меља, раководител на единицата, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа.
Бидејќи во Дебар нема лекар инфектолог, најголемиот дел од случаите досега биле препраќани во Охрид, а само три на Инфективната клиника во Скопје. Сите пациенти, посочи Меља, биле со лесна клиничка слика.
Инаку, првиот случај е регистриран кон крајот на мај кога член од семејството за време на престојот во Албанија заболел од морбили, а веднаш потоа и неговите родители.
Во рамки на превентивните мерки освен во детската градинка „Брешија“ дезинфекција е извршена и во Општата болница. Во исто време воведена е забрана за посета во интерното, гинеколошкото, педијатриското и хирушкото одделение.
Меља вели дека состојбата внимателно ја следат и постојано се во контакт со Институтот, па доколку е потребно заедно ќе преземат дополнителни мерки.
Тој го повтори апелот до сите оние кои не ја добиле потребната вакцина за оваа болест, на возраст од една до седум години, да се јават во Службата за вакцинација при Општата болница во Дебар и да се вакцинираат.