На Клиниката за гинекологија и акушерство, и во Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир за новороденчињата нема вакцина против хепатит. Таа вакцина на новороденчињата им се става веднаш по раѓањето или најмногу по четири до пет часа. Педијатрите реагираат дека доколку продолжи ваквата состојба можна е епидемија на жолтица во двете најголеми родилишта во Скопје. Граѓаните се жалат дека лекарите ги советуваат да си ги набават сами, но колку и какво е тоа решение?
Некои родители се снаоѓаат на тој начин што ги набавуваат вакцините во соседните држави, но педијатрите предупредуваат дека не може вакцината да се зема така од државите во соседството. Таа мора да се чува, а и да се транспортира во посебни услови или во посебно фрижидерче.
Надлежните не информираат дали информацијата е точна и ако е така зошто нема вакцина. Одговор нема ниту од Министерството за здравство, ниту од првите луѓе на двете најголеми гинеколошки клиники во Скопје.