Од понеделник, 15 октомври почнува грејната сезона во Скопје. Годинава, во споредба со минатата година, бројот на нови потрошувачи е зголемен. Повторното приклучување, како што велат од БЕГ, се должи на високиот комфор што го добиваат потрошувачите за најдобра цена, согласно сите еколошки стандарди.
Домовите и фирмите во Скопје кои се поврзани на централниот систем на топлинска енергија, од понеделник, (15 октомври 2018 година) ќе почнат да добиваат топлинска енергија, а грејната сезона ќе трае до 15 април 2019 година.
Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува, велат од БЕГ.
Потрошувачите имаат и дополнителна поддршка преку услугата „Мој Сервис“. Стручните екипи досега направиле повеќе од 4000 интервенции. Најчести интервенции се приклучувања кон системот за централно греење, замена на грејни тела, интервенција на вертикалната инсталација во зградите , интервенција во ормарче, прочистување и увид во внатрешната инсталација итн.
За сите детали за испораката на топлинска енергија, потрошувачите може да се информираат на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk (Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија Прилог 3), или да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на телефонскиот број 02 3076 200 и на 075 400 100 или преку е-пошта на: [email protected] .