Во есенската ревизија на макроекономските проекции споредено со проекциите во април Народната банка на Република Македонија направи корекција за растот на македонската економија од 3,2 на 2,3 проценти.
– Во периодот на проекции се очекува постепено закрепнување на домашната економија по стагнацијата со која се соочивме во 2017. година, при оценет раст на БДП од 2,3 проценти во 2018. година и постепено натамошно забрзување на растот во натамошниот период и достигнување на одредени солидни стапки на раст во 2021 година од 4 отсто, рече на вчерашната прес-конференција гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска.
За тоа да може да се оствари неопходно е стабилно домашно и екстерно опкружување. Надолната корекција е одраз на послабите остварувања во првата половина од година кога очекувавме економски раст од 3,3 проценти, а остварувањата се 1,6 проценти, при што најголемото отстапување е во сегментот на инвестициите.
– Оттаму и во натамошниот период претпоставката која што ја вградуваме за ревитализирање на инвестициите и натаму е главниот пункт на ризик за периодот на проекција исто како и во априлската проекција, рече Ангеловска Бежоска.