Експремиерот Никола Груевски им напишал писмо од шест страници на челниците од Европската Унија пред да побара азил, на 16 октомври, објави ТВ “Алфа“. Во писмото тој се жали на политички прогон во случајот „Тенк“ и побарал фер судење од меѓународни судии. Писмото го испратил до еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини, комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ и претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол.
Осудениот Груевски бара меѓународни судии да извршат проверка на судските процеси кои се водеа во земјава, ЕУ или друга европска институција да ангажираат неколку врвни докажани судии од некоја од напредните земји-членки на ЕУ, кои ќе ги проучат предметите, доказите и на Обвинителството и на одбраната, а би извршиле разговор и со обвинетите.
„Да присуствуваат на неколку рочишта и на крајот да одговорат – дали во нивните држави тие предмети, со такви докази, тие обвиненија би поминале или би биле отфрлени од судот и зошто. Тоа мислење се разбира нема да ја смени одлуката на локалниот суд, но ќе одговори на прашањето поврзано со политичкиот прогон во Македонија“, пишува Груевски.