Загадениот воздух може да предизвика аутизам кај децата

Изложеноста на одреден вид загаден воздух во раното детство може значително да го зголеми ризикот од развој на симптоми поврзани со нарушувања од аутистичен спектар (АСД), се наведува во новото истражување на научници од Универзитетот Монаш, објавено во „Сајанс алерт“.
Одредени студии претходно укажуваа на можно влијание на загадениот воздух на неродените деца, но научниците од Монаш забележале дека постои континуиран ризик на развој на нарушувања од аутистичен спектар во првите неколку години од животот на детето, доколку тоа живее на подрачје со голем степен на загаденост.


Истражувањето во Шангај го спроведоа експерти по јавно здравје, кои го набљудувале влијанието на загадениот воздух по здравјето на околу 1.500 деца. Истражувачкиот тим ги следеше животите на 124 аутистични деца и 1.240 деца кои немале дијагноза АСД. Испитаниците биле на возраст меѓу три и 12 години.
Научниците ги поврзаа дневните количини на честички со големина од 1, 2,5 и 10 микрони со оние места каде тие деца живееле во првите три години.
Тимот забележа јасен образец – децата кои во текот на првите три години биле изложени на честички со големина од еден микрон имаат 86 отсто поголема веројатност да појават симптоми на аутизам. Истражувањето покажа дека честичките со големина од еден микрон се поопасни по здравјето на луѓето од честичките со друга големина.
– Забележавме сериозно негативно влијание на загадениот воздух врз здравјето на децата и сметаме дека нема сигурно ниво на изложеност. И најмало ниво на загаденост може да влијае на здравјето на детето, изјави водачот на истражувањето Јуминг Гуо.
– Забележавме дека изложеност и на најмали количини ситни честички загаден воздух е поврзано со предвремени породувања, побавно учење кај децата и серија сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи и болести на срцето, појасни Гуо.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.