Невистинити информации за активностите на стационарот “Вардариште“

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје најостро ги демантира написите објавени на социјалните мрежи и веб-порталите, што се однесуваат на условите во коишто се чуваат и третираат бездомните кучиња во стационарот „Вардариште“. Во конкретните написи е приложена и фотографија на изгладнето и болно куче за коешто се наведува дека е вдомено директно од стационарот „Вардариште“.
Најпрво би сакале да ја информираме јавноста дека кучето на фотографијата е пуштено од Стационарот пред повеќе од еден месец, кога и се наоѓало во многу подобра здравствена состојба, откако таму ги поминало сите стандардни медицински процедури, односно било стерилизиранo, прочистенo од внатрешни и надворешни паразити и вакциниранo од беснило. По барање на граѓаните од населбата Железара, коишто кај нашите служби го пријавиле и барале да биде заловено, по завршувањето на престојот во Стационарот тоа не било вратено на местото на заловување, туку било пуштено на слобода во реонот на поранешната депонија Вардариште.
Уште еднаш би сакале да потсетиме дека Програмата за хуман третман на бездомните животни „Залови, стерилизирај, врати“, во стационарот „Вардариште“ се имплементира под директен инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ, од каде што не е упатена никаква забелешка во врска со третманот на конкретното животно.
ЈП „Комунална хигиена“-Скопје не може да одговара за состојбата во којашто ќе се најдат бездомните кучиња по завршувањето на нивниот престој во стационарот „Вардариште“ и дали тие на улиците ќе бидат изгладнети, болни или ќе почнат да пројавуваат агресивно однесување.
Апелираме и до јавните гласила коректно и вистинито да ја информираат јавноста за нашите активности, да ја проверуваат веродостојноста и автентичноста на фактите и фотографиите што се објавуваат и на тој начин да ни помогнат во нашите заложби за решавање на проблемот со бездомните кучиња на територијата на градот Скопје.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.