Од опасните интернет игри „Момо“ и „Синиот Кит“ повредени се и основци во Македонија. Четворица ученици од ОУ „Коле Канински“ од Битола се самоповредиле со сечење вени – дознава Телевизија 24.
Според нашите информации, бројката на деца во Битола кои се одзвале на предизвиците од овие игри е далеку поголем. Директорот на ОУ „Коле Канински“ од Битола, Зоран Мирчевски за нашата телевизија го потврди случајот. Вели, се се случило надвор од училиштето и за се се информирани и МВР и родителите. А при вонредна проверка со полицијата откриен е и еден нож кај основец во тоа училиште. Дознаваме дека речиси во сите основни училишта во Битола, родителите се предупредени за опасната појава кај нивните деца.
Од МВР се уште ги проверуваат информациите.
Инаку од контроверзните онлајн игри „Синиот кит” и „Момо“ неколку стотици деца во светот извршија самоубиство. Поновата игра – „Момо“, се распространува преку апликацијата „Ватсап“. Наменета е за најмладите корисници, а последица може да биде и самоубиство.
Приказната почнува со контакт со Момо, женски лик со застрашувачки изглед, со крупни очи. Децата откако ќе контактираат со Момо, добиваат серија предизвици, а доколку ги одбијат, следи казна и добиваат заканувачки и вознемирувачки телефонски пораки и фотографии.