По вчерашното обраќање за случувањата во ИВЗ, каде даде скандалозна изјава во која посака смрт за судијката која ја донела одлуката за негова смена од функцијата, наскоро се очекува реисот Сулејман Реџепи да биде повикан на распит во ОЈО. Меѓутоа, пораката на Реџепи кај дел од присутните наиде на аплауз.
Од Обвинителството велат дека ја следат ситуацијата и дека вчерашниот случај ќе го спојат во предметот кој ОЈО веќе го има отворено против Реџепи.
– Обвинителството ги следи случувањата и во рамките на претходно отворениот предмет за говор на омраза ќе биде додаден и овој предмет. Лицето ќе биде повикано во Обвинителството во врска со вчерашната дадена изјава, информираа од ОЈО.
Пред неколку седмици Реџепи заработи кривична пријава за говор на омраза при поставување на камен темелник на џамија во скопското село Арнакија. Во таа прилика тој упати навредливи зборови за македонскиот народ, за потоа да се обиде да ги релативизира правдајќи се дека всушност мислел на локалните жители во селото.
За случувањата во ИВЗ се огласија и од Алијансата за Албанците. Од таму велат дека се загрижени бидејќи според нив повредена е автономијата на верската заедница, а зад целата ситуација гледаат политичка позадина. Сепак, според нив, Реџепи самиот потврдил дека подолго време бил инструментализиран од политиката и како таков не заслужува и понатаму да ја врши неговата должност.