Иванов до папата: Дојдовте во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета

Мојот мандат како претседател го завршувам со тоа што Ве пречекувам Вас во Република Македонија. Mорам да Ви признам дека бев во големо искушение да го искористам Вашето присуство и фокусот на светските медиуми и да зборувам сè најдобро за мојата држава и за мојот народ, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов во својот говор пред Папата.
-Би можел да се осврнам на мисијата на Св. Апостол Павле во Македонија што го отвори патот за христијанството во Европа. Или, пак за мисијата на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум Охридски кои придонесоа за културното и духовно издигнување на словенските народи. Би можел да го истакнам шествековното мирно искуство со исламот што позитивно го оформи македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. Да не заборавиме дека најпознатата ќерка на овој соживот стана мајка на 20 век – Св. Мајка Тереза, рече тој.
Иванов потенцира дека искушението да зборуваа за славното минато е големо.
-Но, верувам дека е многу поважно да зборувам за неизвесната сегашност, колку и да е тоа тешко. А вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајни вредности. Крстот и полумесечината, црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии. Како да се заборава дека сите ние сме луѓе, независно од нашата вера. Само духовно променети луѓе можат да го променат духот на општеството. Но, за тоа е потребна личност со голем морален авторитет што ќе ѝ зборува на душата на нацијата. Длабоко сум уверен дека македонските граѓани, христијани, муслимани, Евреи или атеисти, токму во Вашата Светост гледаат таква личност, рече тој.
Претседателот посочи дека многу млади лидери од неговата лидерска школа, го посочуваат папата како лидер што најмногу ги инспирира.
-Затоа, симболично, како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина. Иако сум православен христијанин, како претседател на секуларна држава, јас ги претставувам сите граѓани, независно од нивните верски и идеолошки уверувања и етничка и јазична припадност. За повеќе од милијарда католички христијани во светот, Вие, како поглавар на Католичката црква го претставувате Богочовекот Исус Христос. Оној кој на последната вечера, свесен за страшните страдања што му претстојат, знаејќи со сигурност дека во неговите раце е целата моќ, станал од вечерата и понизно им ги миел нозете на своите ученици.Во изминативе неколку години светот со зачуденост и неверување гледа како Вие симболички го повторувате истиот тој чин. Вие се наведнувате да им ги измиете нозете на болните и сиромашните, на затворениците и бегалците, на гладните и жедните, на отфрлените и маргинализираните, независно дали се христијани, муслимани, Евреи, хиндуси, будисти, атеисти… Верувам дека Вашите дела не се само уште еден истрошен симбол. Напротив. Вие нè потсетувате дека иако нашата човечка љубов кон Бога и кон луѓето е променлива, божјата љубов и верност кон нас луѓето е трајна. Со тоа, Вие го симболизирате патот на љубовта и милоста, понизноста и служењето. Пат што треба да го следиме и ние тука, во Република Македонија, независно од нашата вера или идеологија. Само така ќе можеме да им оставиме подобра иднина на младите и на сè уште неродените. И затоа ќе завршам со еден повик до сите мои сограѓани, до сите луѓе со добра волја и чисти срца, независно дали припаѓаат на православната, католичката или протестантската гранка на христијанството, независно дали се муслимани, Евреи или атеисти. Ве повикувам да ја препознаете симболиката на оваа посета и преку понизност и простување, помирување и сплотување, преку одговорност и почитување, да се вклучите во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна, порача Иванопв пред Папата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.