Пепси брендот е роден во 1898-ма година, многу пред Бијонсе, Бекам, Меси и останатите да го пијат со сласт на малите екрани. Производ на изумителот на Пепси, Кејлеб Брадам, пијалокот е омилен меѓу светската популација повеќе од еден век!
Во Македонија сепак, е дојден малку подоцна, во 1979-та, верувале или не поради еден судбоносен телефонски разговор. Имено, во мемоарите на Претседателот на управниот одбор на Прилепска Пиварница, Кирил Самарџиоски, запишана е ситуација од мај 1978-ма кога стигнува телефонски повик во неговата канцеларија: „Господине Самарџиоски, дали би биле љубезни да не примите мене и уште еден човек на состанок?“
Луѓето кои по неколку денови доаѓаат во Прилеп се Ричард Хајнрих, шеф на бирото на ПепсиКо за Југоисточна Европа во Виена, и Антун Халожан, менаџер на ПепсиКо за Југославија. Првите разговори за доаѓањето на големиот светски бренд во Македонија се правени верувале или не, во прилепски ресторан, каде високите преставници од ПепсиКо за прв пат во својот живот пробале прилепски ширден!
Очигледно, им се допаднал и разговорот и специјалитетот, бидејќи неколку месеци подоцна во луксузниот хотел Интерконтинентал Загреб е остварена нова средба, овој пат со потпретседателот на целата ПепсиКо компанија Херберт Лај, а на 19 април 1979-та во Прилеп е официјално потпишан договорот за лиценца со кој Прилепска Пиварница добива ексклузивно право за производство и полнење на пијалоците од ПепсиКо групацијата.
Во неверојатниот сплет на околности веројатно има и голема доза на среќа, посебно поради тоа што години отпосле, откако станале и добри пријатели, г-дин Халожан му открил на г-дин Самарџиоски дека судбоносниот повик од мај 1978-ма дошол по неколку неуспешни обиди да се најде партнер на ПепсиКо во Македонија. Американците се сретнале со повеќе други производители на пиво и пијалоци, но за среќа за Прилеп, ниту еден не ги исполнил очекувањата и критериумите на ПепсиКо.
Гледајќи од оваа перспектива, очигледно е дека треба среќа во бизнисот, но среќата може да донесе една фирма само до одредена точка, натаму се е знаење, умешност и истрајност. За квалитетот на Прилепска Пиварница говорат признанијата кои компанијата ги има добиено од светскиот гигант.
Прилепска ја слави 40 годишнината на Пепси во Македонија со десетици високи признанија од ПепсиКо групацијата. Бронзени, сребрени и златни награди за квалитет, како и највисокото признание – Chairman’s Circle of Champions, за врвни перформанси во работењето. Награда која е толку ретка, што Прилепска Пиварница беше единствената фабрика во Европа која ја доби таа година.