Ако ве облева пот кога треба да влезете во ординацијата на вашиот гинеколог, имајте на ум дека е најважно да бидете отворени и на докторот да му го изнесете секој проблем што се однесува на репродуктивното здравје. Еве неколку проблеми кои жените најчесто ги премолчуваат пред гинекологот.
Болен сексуален однос
Околу 15 проценти од жените, во различни фази од животот, чувствуваат непријатност и болка во текот на сексуалниот однос. Овој проблем не смеете да го занемарувате. Укажете му прво на партнерот, а потоа секако и на својот гинеколог. Тој ќе провери дали постои некое заболување што е причина за таквата состојба. Нема причина да се трпи каква било болка, ниту да ви биде непријатно да побарете помош за решавање на интимните проблеми.
Вагинално чешање
Вагиналното чешање е непријатно и многу жени се срамат да му го кажат овој проблем на гинекологот.
Обично мислат дека причината за тоа е инфекција, па веднаш трошат пари на лекови од кои ќе им станува уште полошо. Чешањето може да биде знак за сексуално преносливи инфекции, нарушена кисело-базна средина на вагината поради пречувствителност на сретства за хигиена, намален имунитет, примање антибиотици или знак за предупредување од некои посериозни заболувања. Затоа, не препишувајте си самите лекови, дозволете му на гинекологот да ве прегледа и да одреди соодветна терапија.
Непријатен мирис на секретот
Голем број на жени се загрижуваат штом почувствуваат непријатен мирис на вагиналниот секрет. Иако најчесто се докажува дека се е во ред, неопходно е да направите гинеколошки анализи. Кажете му на гинекологот ако чувствувате и други тегоби освен миризбата, на пример чешање или болка. Тоа може да индицира постоење на инфекција или бактериски дисбаланс.
Протекување на урина
Повремено слабо протекување на урина е вообичаена појава за жени од сите возрасти, но е најкарактеристично за жените во менопауза и тие што раѓале. Оваа појава е непријатна, но за неа треба да се разговара бидејќи проблемот лесно се решава и лечи.
Напади на топлина
Многу жени ги премолчуваат нападите на топлина бидејќи мислат дека тоа е нормален знак на стареењето и менопаузата. Сепак, денес се знае дека за тоа треба да се разговара со својот гинеколог бидејќи може да укажува и на некоја друга болест, на пример на проблеми со штитната жлезда.
Промена на бојата на кожата
Промената на бојата и текстурата на кожата околу вагината може да биде знак на бенигни промени, но и на лишаи. Во секој случај треба да се лечи, а ако помине без третман може да доведе до истенчување на ѕидовите на вулвата и болни односи.
Болни менструации
Болните менструации можат да бидат знак за различни заболувања. Честа причина е ендометриоза, која предизвикува силни болки, а ако не се лечи може да доведе и до неплодност. Затоа, на гинекологот мора да му ја пријавите секоја непријатност што ја имате во текот на менструалниот период.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.