Бугарски национален интерес е меѓу Охрид и Црно Море да нема граница. Таму живее еден ист народ – бугарски

“Нема сомнеж околу тоа што би бил по потекло и самосвест Георги Николов Делчев. Не можеш да ја промениш историјата“, вели бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во интервју во емисијата “Тази сутрин“ на бугарската bTV.
Неговиот одговор се однесува на “одбивањето на Македонците да признаат дека Гоце Делчев бил Бугарин“ (како што пишуваат бугарските медиуми), односно на изјавата во интервјуто за “Сител“ на професор Драги Ѓоргиев – претседател на македонската страна од заедничката македонско-бугарска комисија, кој рече дека ако бугарските историчари во комисијата инсистираат Гоце Делчев да биде прифатен  како бугарски револуционер, договор нема да биде постигнат.
Тогаш тоа (непризнавањето на Гоце Делчев како бугарски револуционер) е проблем на таканаречениот професор Драги. Тој може да не признава и дека Земјата е округла, но таа е. Има такви кои тврдат дека е рамна плоча, а веројатно и господинот професор Драги е од сличен научен калибар“, дрзок е европратеникот.
“Каков е еден човек , најдобро опишува тој самиот за себеси…Георги Николов Делчев пишува писма на рака  во кои се нарекува Бугарин. Ако бил бугарски офицер, бугарски кадет, бугарски учител, браќата му биле во бугарски чети и загинале во бугарски битки – па кој е тогаш проф. Драги Ѓоргиев за да ја промени историјата?“, додава тој.
Џамбаски е категоричен и дека дека немало македонска нација  пред 1944 година. Гоце делчев загинува 40 години порано, кога не постои “македонска нација“, додава европратеникот.
“Историската гледна точка е следната – до 1944 година потеклото, карактерот и самоспознанието на населението во Вардараска Македонија е бугарско. Потоа започнува формирањето на политичката македонска нација под влијание на Коминтерната и со предавство на дел од фунционерите во Софија“, тврди тој.
“Во моментов има луѓе кои се самоопределуваат како Македонци и тоа не е проблем. Но во моментов во Северна Македонија живее и огромен дел Бугари, според самоопределување и самоспознание, и ние ќе ги штитиме нивните права и интереси се додека има ВМРО (се мисли на бугарската партија) и додека учествуваме во политичкиот живот“, категоричен е Џамбаски.
Џамбаски порача и “да не ги лаже умот“ (бугарска изрека, според него) Македонците дека започнување на преговорите со ЕУ ќе значи и влез во Унијата. Тој потсети дека се работи за отворање на многу поглавја и посочи дека таму е местото каде Бугарија треба да ги постави условите, меѓу кои и промена на македонските учебници и македонската историографија.
На констатацијата на новинарот за тоа дека предолго трае спорот околу Гоце Делчев – најмалку 10 години, Џембаски одговара дека бугарскиот став ќе биде ист и во наредните 1000:
“За  10 години можеби нема да преговараме со професорот Драги, туку веројатно со некој друг професор со албанско потекло. Колку треба – толку ќе преговараме, не сме го завршиле националното обединување 100 години, 10 години се ништо од аспект на историјата“, рече Џамбаски, додавајќи дека бугарскиот  национален интерес е меѓу Охрид и Црно Море да нема граница. “Меѓу Охрид и Црно Море живее еден ист народ – бугарски народ“, констатира тој.

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.