Седумдесет и пет стипендисти што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, се учесници на 52. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што од денеска се одржува во Охрид.
Учеснциите на собирот – странски студенти од прв циклус студии кои го слушаат предметот македонски јазик во рамките на студиските програми на своите универзитети; студенти на втор и трет циклус студии кои во своите истражувања проследуваат теми во врска со македонскиот јазик, литература и култура и научни работници и универзитетски професори кои истражувале или истражуваат проекти од областа на македонистиката, во рамки на школата ќе посетуваат лекторски часови поделени според нивото на познавање на јазикот и нивниот интерес на почетно, средно и напреднато рамниште за лингвисти или литерати. Во претпладневните часови секој ден ќе се одржува тематско предавање, а попладне ќе се одржуваат курсевите по избор на стипендистите – курсот за граматика на македонскиот јазик, оној за Македонската литература и култура и курсот за изучување на македонски народни ора.
Предавањата и курсевите ќе ги реализираат универзитетски професори и научни работници од повеќе единици во состав на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Лектори ќе бидат наставници и соработници од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, кои се обучени за одржување настава по македонски јазик како странски, согласно стандардите на Европската рамка за изучување на јазиците и кои ги користат методите и стандардите на Центарот за тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски.
Во рамките на Семинарот, на 23 и 24 август ќе се одржи 46. Меѓународна научна конференција на која македонските и странските експерти пред учесниците на летната школа ќе ги презентираат своите најнови истражувања од областа на македонистиката.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.