Бројот на починати од новиот коронавирус во Кина продолжува да се намалува, јавија светските агенции повикувајќи се на информации од кинеските власти.
Националната здравствена комисија соопшти дека вчера од вирусот починале 52 лица, наспроти 71 во понеделникот.
Покрај тоа, бројот на смртните случаи е најмал во последните три недели. Во Кина од Ковид-19 досега починале вкупно 2.715 лица.
Новите потврдени случаи вчера изнесуваа 406, наспроти 508 во понеделникот. Со ова, вкупниот број на потврдени случаи во Кина без Хонг Конг и Макао, изнесува 78.064.
Сите 52 нови смртни случаи од вчера се во Хубеи, епицентарот на епидемијата. Во понеделникот таму од вирусот починаа 68 лица.
Голем дел од новите случаи на заразени лица од вчера, 401 од 406 се во Хубеи. Еден ден претходно, во централната кинеска провинција беа пријавени 499 нови заразени.
Според податоците од крајот на вчерашниот ден, во Хубеи се регистрирани 65.187 случаи на инфекцијата, а починале 2.615 луѓе.