Бројот на потврдени случаи на коронавирусот во Грција достигна до 331, односно 103 повеќе од вчера, од кои 49 се во изминатите 24 часа, а 54 се од претходните денови за кои денеска стигнале резултатите, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопшти претставникот за коронавирус при Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, хоспитализирани се 51 лице, осум се приклучени на респиратори во болници во Атина, Солун и Патра, а десет се пуштени дома.
Од новите случаи, 44 се однесуваат на веројатно пренесување на вирусот во земјата, бидејќи лицата не патувале, ниту се поврзани со друг потврден случај.
– Не сум загрижен, немаме излезено од нормата што постои за овој вирус. Ниту во овој момент можеме со сигурност да кажеме дека имаме некое огромно зголемување на случаите. Сметам дека следните денови, а сигурно следните две седмици, ќе ни дадат подобра слика за епидемијата во нашата земја, рече Циодрас на прес-конференцијата во Министерството за здравство на Грција.
Професорот соопшти дека од хоспитализираните, 57 отсто се мажи со просечна возраст 64 години, а осуммината кои што се приклучени на апарати се исто така мажи, со просечна возраст од 67 години. Повеќето од нив имаат сериозни здравствени проблеми.
Од потврдените случаи, повеќето се во Атина, а досега анализирани се околу 4.000 примероци за Ковид-19.
– Не треба да се прави лабораториска анализа за новиот коронавирус во државните болници за граѓани без симптоми или за граѓани со лесни симптоми на вирусот. Тие ќе треба да останат дома, порача професорот.
Паралелно, соопшти дека бројот на жртви од Ковид-19 се зголеми на четири (сите со сериозни здравствени проблеми), откако, утрово, како што веќе објави МИА, почина уште едно лице.
На денешната прес-конференција, професорот ги коментираше и изјавите на францускиот министер за здравство Оливие Веран, кој вели дека антиинфламанторните лекови, односно оние за третман на болка како што е ибупрофенот, може да ја влошат состојбата кај заразените со Ковид-19.
– Не постојат доволно научни докази дека ако некој користи лек за третман на болка или ибупрофен ,се предизвикува влошување или полош развој на болеста, рече Циодрас.
Говорејќи за лековите, додаде дека оние за притисок, посебно за висок притисок „се чини дека не влијаат на веројатноста за заразување со вирусот, а можеби и да имаат и заштитно дејство“.