Јавниот живот во Словенија од утрово е комплетно стопиран- од утре се затворат и аеродромите

Со одлука на словенечките власти како мерка во борбата против коронавирусот од утрово комплетно е стопиран целиот јавен живот во земјата.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, затворени се училиштата, градинките, сите културни и спортски установи, јавниот градски превоз, домашниот и меѓународниот железнички превоз и сите услужни објекти каде што може да има контакт меѓу луѓе, како фризерски и козметичарски салони.
Портпаролот на Кризниот штаб за справување со коронавирусот Јелко Кацин, најави дека од утре ќе се затворат и аеродромите во земјата со што ќе се стопира и воздушниот сообраќај.


–Ова е крај за локалите, крај на дружењата, а државата ќе се погрижи за да разбереме зошто мораме да се грижиме за себе и за другите. Мораме да почнеме да се грижиме за себе – изјави Кацин.
Во однос на превозот најавено е дека нема да бидат укинати такси возилата, но таксистите имаат обврска после секој патник да направат комплетна дезинфекција на возилото, а полицијата строго контролира дали тоа се почитува.
Дополнително градоначалникот на Љубљана Зоран Јанковиќ изјави дека од утринава сите паркинг места низ градот ќе бидат бесплатни со цел да се компензира неработењето на јавниот превоз.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.