Се соочуваме со посилен бран на вирусот, СЗО верува дека ситуацијата може да се стави под контрола
Земјава се соочува со бран на вирусот посилен од првиот. Нови 135 случаи на заразени од КОВИД 19 регистрираше вчера Министерството за здравство. Здравствениот билтен евидентираше и шест починати лица и 75 оздравени пациенти. Советникот на регионалниот директор за Европа на СЗО, д-р Фабио Скано вчера изрази загриженост од она што се случува во земјава, но смета дека ситуацијата може да се стави под контрола со масовно тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање. – Ова што го гледаме во моментов во Македонија е загрижувачко. Поуката што треба да ја извлечеме е дека до пронаоѓањето на делотворна вакцина, не смееме да се опуштиме, односно да го спуштиме градот. Дејствата што ќе се преземат овие денови, но и во неделите и месеците кои претстојат ќе бидат критично важни со цел да се спречат случаите на новозаразени и да се спасат човечки животи. Оваа моја посета на вашата земја, се случи токму навреме. Она што го гледаме низ светот укажува на заклучокот дека вирусот нема наскоро да си замине.
Напротив, тој брзо се шири и коси животи и треба да направиме сè што е потребно да му се спротивставиме на проактивен начин, односно да бидеме пред него, истакна Скано на прес-конференција во Владата. Според него, Северна Македонија била добар пример во Европа за тоа како треба да се справува со вирусот и верува дека ситуацијата повторно може да се стави под контрола. Министерот за здравство Венко Филипче смета дека високиот број на позитивни случаи се последица од олеснувањето на рестрикциите, но пред се последица од една серија на семејни собири и прослави на кои не се почитувале препорачаните мерки за носење маска, физичка дистанца и дезинфекција на рацете. – Многу пати досега ја упатувам пораката до граѓаните дека ова се универзални мерки насекаде во светот и во моментот единствениот начин да се заштитиме себеси, нашите семејства, пријателите и здравствените работници, но и здравствениот систем во целост, изјави вчера Филипче на прес-конференција. Уверува дека здравствениот систем е целосно прилагоден кон новата состојба и оти секојдневно се следи состојбата на болничките капацитети, медицинскиот кадар и по потреба на дневна основа се прават прилагодувања и ротации на здравствените работници со цел да се одговори на предизвикот. – Но, тоа што е најважно е поддршката од граѓаните, целосното почитување на мерките и солидарноста. Ако ова го имаме, многу брзо ќе ја надминеме оваа состојба. Сега кога во целост постепено се враќаме кон редовните животни активности повеќе од кога било е важно сите да дадеме свој придонес во спречување на ширење на вирусот. Сите сме заедно во оваа битка и секој еден од нас е важен, порача Филипче на прес-конференцијата во Владата.
Се соочуваме со посилен бран на вирусот, СЗО верува дека ситуацијата може да се стави под контрола.